Лаф-муабет со Борче Треновски: Ако можам да бирам каде да работам, јас секогаш би ја избрал својата земја
Нашата цел со лаф-муабетот е јасна: да ве разонодиме, да ве оттргнеме од грубата стварност барем накратко... Убавите приказни секогаш влијаат позитивно, на секого. И денешната сигурно ќе ве инспирира, како впрочем и другите во разговорна форма. Се разбира дека изборот на проф. д-р Борче Треновски за ова понеделничко интервју е намерен во извесна мера и поради неговите оптимистични гледишта. Многу често е присутен во медиумите, обично зборува за економската политика и јавните финансии во земјава и светот, а истите ги предава и на студентите на Економскиот факултет во Скопје, на УКИМ. Едновремено е член и на советот на НБРСМ и на Економскиот совет, како и автор на 4 книги, но и на 120-тина публикации.
Секако, разговорот го започнавме по малку
невообичаено за рубриката, со прашања од неговиот фах. Беше неминовно. И
продолживме во правец на секојдневниот, семејниот - приватниот живот. Несомнено
ќе ви се допадне искреноста, вклучително и самосвеста на денешниот соговорник
чие филозофско (животно) уверување - неговиот поглед на светот (животот) ќе ве
дигне и морално и духовно. Како и да е, лаф-муабетот вдахнува.
ММ: Без оглед на концептот, муабетот ќе го започнам со неколку прашања од Вашиот фах. Премиерот неодамна изјави дека економската политика во земјата е стабилна. Па, дали е? Опозицијата го тврди спротивното. И каква е состојбата на јавните финансии? Дали Ве загрижува економската, финансиската состојба на државата и што мислите, како владата се справува со кризата воопшто?
Б. Т.: Во неизвесноста во која функционира глобалната, а пред сѐ европската економија, може да зборуваме за стабилност само во рамките на ограничените информации со кои располагаме и кои се менуваат од ден во ден. Не можеме, а да не го подигнеме економскиот аларм и да не укажеме на висока внимателност во услови кога сѐ уште тлее здравствената криза, се разгорува енергетската криза, имаме глобален раст на цените, постои геополитичка, воена криза и постои ризик од глобална економска/финансиска нестабилност. Нашата економска активност се движи паралелно со економската активност на нашите најголеми трговски партнери (и странски инвеститори) што значи, ако таму кризата има значајни ефекти, нашите домашни политики нема да можат да направат многу. Покрај глобалните проблеми, нашата мала економија има и сопствени предизвици кои се провлекуваат со години - неефикасните институции, скромната ефикасност во користење на јавните пари, ниската продуктивност, високата корупција, ниското ниво на политички капацитет и култура, како и долгите соседски „разговори/преговори“. Граѓаните и бизнисите се во тешка состојба, сѐ уште не стивнуваат барањата за поголеми плати и пакети за поддршка, меѓутоа вистината е дека ефектите од различните кризи кои нѐ погодија можат само да се ублажат, меѓутоа не можат целосно да се елиминираат. Една од првите лекции кои ги учат студентите во прва година е дека, колку и да ги зголемуваме платите, тие не можат да ги победат цените - само ќе ја воспоставиме рамнотежата на повисоко ценовно ниво. Во услови кога глобалната економија „тешко дише“, работите дополнително ги компликува тоа што нашиот фискален простор (дополнителен кислород) е веќе значајно потрошен и просторот за носење политики без рационална анализа само ќе ја влоши состојбата и ќе го пренесе товарот на идните генерации. Фискалната каса на државата има плус и минус, ослободувањето простор за понатамошна поддршка ќе бара дополнителна буџетска пренамена (за што веќе имаше обид), зголемување на ефикасноста на јавниот сектор (нешто што е тешко остварливо во краток рок), задолжување во земјава и странство (тоа веќе го правиме) и обид да собереме повеќе јавни приходи (дилемата е од каде и како безболно да се направи тоа).
ММ: Многумина се загрижени, неколку личности од различни сфери на влијанија, укажуваат на сиромаштија, бреме. Какви се Вашите анализи, што нé чека? Можеме ли да бидеме опуштени во услови на воена, енергетска, здравствена, политичка, финансиска криза.., во светски рамки? Треба да економисуваме?
Б. Т.: Ова е можеби најнеизвесниот период во поновата историја, кој го промени нашиот економски, социјален и општествен живот. Неблагодарно е да се прогнозира колку ќе трае и колку ќе се прошират негативните ефекти на економски план, меѓутоа мора да укажеме дека сериозни последици како на економски, така и на општествен план ќе има и дека истите ќе треба да се „лекуваат“ на среден и подолг рок. Ние сме мала, отворена, увозно зависна земја, политички поделена што самото по себе укажува дека нашите напори и внимателност треба да бидат многу големи во периодот што доаѓа со цел „глобалниот ветер“ кој дува да не ни ги наполни очите со песок. Економисувањето и штедењето секогаш не се решение во светот кој се менува, многу поважно е нашите економски едра да ги поставиме во вистинскиот правец, да го зајакнеме трупот на нашиот економски брод, да му направиме ремонт на моторот и да го најдеме најдобриот екипаж кој ќе нѐ пренесе преку бурата - нема потреба од паника на бродот, меѓутоа нема ни опуштање ни импровизација затоа што економските ресурси се ограничени, а нашиот резервоар има сѐ помалку гориво.
ММ: Слушателите на Вашите предавања Ве опишуваат како позитивен човек, а така ја оценуваат и Вашата професура. Што Ве прави омилен меѓу студентите? Какви се Вашите предавања, дали се интерактивни? А, испитите? Каква е Вашата филозофија, вклучително и етика, во однос на професорското звање?
Б. Т.: Професорите имаат огромна одговорност - да споделуваш знаење и да воспитуваш млад човек/кадар, тоа е нешто свето, нешто што те обврзува да бидеш одговорен до максимум. Главната моја професорска и човечка филозофија е на другите да дадете и да пренесете сѐ што знаете, не само теоретското знаење, туку и практичното, личното знаење и искуство (добро и лошо). Мојот пристап е да бидете отворен и директен со студентите бидејќи тие секогаш го препознаваат тоа - да знаете да ги доведете до состојба не да се плашат, туку да се срамат пред вас ако имаат слаби резултати. Интерактивноста е број еден за мене - студентите мора да научат прво да го креираат ставот (идејата) во главата, потоа да го артикулираат истиот и на крај со факти да го бранат својот став. Поради општеството во кое живееме и образовниот систем, тоа е и еден од најголемите предизвици со кои се соочувам посебно кај младите генерации кои сѐ уште се затворени и потребен е значаен напор да ги стимулираме. Меѓутоа, кога ќе успеам во тоа, резултатот е извонреден. Воопшто не сум строг, се обидувам предавањата да ги проткајам со хумор, често и на моја сметка или поврзан со материјалот што значајно придонесува за зголемување на довербата, фокусот и вниманието кај младите колеги. Често правам обиди за споделување на лични искуства на определена тема, резултати и анализи кои често ги спроведувам со различни институции, определени реални ситуации/економски проблеми што значајно придонесува младите колеги да ја сфатат целта на својата едукација и мојата улога.
ММ: Како експерт, знам дека имате отворени покани да работите за престижни меѓународни институции, во странство. Т.н. брејндрејн или одлевањето на интелектуалците, егзодусот на мозоците рапидно се зголемува. Сепак, Вие не планирате такво нешто. Која е причината? Не можете да пресечете, не сакате големи промени можеби? Што Ве тера да останете тука?
Б. Т.: Ова е суштинско и длабоко прашање кое се поставува пред сѐ пред повеќе млади луѓе. За моето лично искуство имам разговараноединствено со моето потесно семејство, меѓутоа чувствувам одговорност овде да ја споделам мојата приказна пред сѐ со помладите генерации. Во два наврати имав сериозна, отворена покана да заминам и да работам надвор од земјата во престижни меѓународни институции. На состаноците/средбите на кои ми беа презентирани отворените прозорци, можностите и пропратните бенефиции што ми се нудат, моите соговорници останаа зачудени кога одлучно елаборирав дека би сакал да останам да работам во нашата земја и регионот и дека во догледна иднина не размислувам воопшто да ја напуштам земјата иако, се разбира, се заблагодарив и кажав дека ги разбирам нивните привлечни понуди. Драги читатели, ова е мојот став - ако можам да бирам каде да работам, јас секогаш би ја избрал својата земја. Што ме тера да останам? Мојата земја ме тера да останам, мојата фамилија, моите пријатели, менталитетот на Македонците со сите мани, дневната рутина и начинот на живот. Се разбира, немојте да мислите дека имам илузии дека состојбата тука е идеална. Тоа што дополнително ме тера да останам, можеби ќе ви звучи чудно, е мојот непоправлив оптимизам дека може да биде многу подобро, дека сепак каменот тежи на местото и дека јас можеби имам одговорност кон нашето општеството. Не дека на овој став многу соговорници не ми се смееле, мои пријатели разочарани од окружувањето (кои целосно ги разбирам) дури влегувале и во отворена конфронтација со мене. Единствено кога сум размислувал дека можам да ја напуштам земјава/регионот било за дообразба, стекнување искуство и работен ангажман во ограничен временски период по кој секако би се вратил назад во земјата. На крај само би кажал дека веќе излегоа резултатите од пописот, бројот на младите луѓе - моторите на движење на развојот на една земја значајно се намалил што укажува дека е потребно државните политики сериозно да се позанимаваат со ова прашање, а од друга страна треба и да го разбереме светот кој сѐ повеќе се глобализира и движењето на работната сила ќе станува сѐ поголемо/почесто.
ММ: Потекнувате од Берово, така? Често одите таму? Комуницирате со другарите, пријателите од детството? Какви луѓе се беровците, како ќе ги опишете? Што ќе ни препорачате да видиме, да посетиме за време на престојот во Берово? И што е типично беровско? На пример, сирењето е фантастично.
Б. Т.: Берово е прекрасно гратче кое некои го нарекуваат Швајцарија на Балканот. Посебно се гордеам на моите корени од Берово, особено што често го поврзуваат со најголем број интелектуалци/доктори на науки по глава на жител. Се разбира, го поврзуваат и со луѓе што гласно зборуваат, претпоставувам дека тоа е во нашиот планински ген за што често добивам опомени и од сопругата и од пријателите, а понекогаш морам да објаснувам дека тоа е мојот природен тон на зборување, а не викање. Ха, ха!Беровчани се ведри и отворени луѓе, го прифаќат секој гостин со отворени раце, секогаш отворени за дружба.Кога одите во Берово, најдобро е да одите без детален план, a кога ќе стигнете таму, тогаш ќе решите што најмногу ви одговора - може да почнете со пешачење и прошетка околу езерото, па да одите на ручек во градот или во некое бачило на зелник, клиси (з.м. џимиринки) со праз, беровско сирење со пиперки, беровски компир, природни сокови, бабина торта, потоа може да одморите и да се спремите за попладневна прошетка, по штоможе да се спремите за вечера во беровска кафеана со музика, со беровска сливова ракија и со ведри лица расположени за песна. За жал, во последно време сѐ поретко одам во Берово, едвај неколку пати во текот на годината, за што навистина жалам. Меѓутоа, кога ќе отидам, не можам да се задржам на едно место и со едно друштво на што често ми замерува и сопругата и фамилијата. Ха, ха!
ММ: А пропо зелникот, клисите со праз, беровското сирење со пиперки.., имате омилено кафеанско јадење? Што Ви се допаѓа најмногу во кафеана - дружбата, музиката, неконвенционалноста или..? Како завршува едно Ваше дружење во кафеана, со пријателите на пример? За што разговарате вообичаено? Дали ги тематизирате можеби економските проблеми?
Б. Т.: Од самото Ваше прашање веќе огладнев. Да бидам искрен, уживам во убавата храна што се гледа и на мојата фигура - вистински гурман сум и тоа е моја важна карактеристика. Во однос на моето омилено јадење, морам да кажам дека често експериментирам со храната, знам да порачам нешто кое првпат го гледам, па често и да згрешам. Претпочитам италијанска, мексиканска, турска и балканска кујна. Меѓутоа, кога седнувам кај нас во кафеана, прилично сум едноставен и ретко знам да згрешам. Моето мени често содржи месо на скара, во фурна (понекогаш риба) или месо на парчиња приготвено во вино, зеленчук на скара, свежа салата (во зависност од периодот и туршија), пиперка во павлака, топено сирење, нафора, а десертот најчесто го одложувам. Неретко прашувам што е специјалитет на куќата и тоа го порачувам. Со друштвото секогаш бираме кафеана која има определена автентичност и историја, бираме опуштени и некомерцијални места каде што го познаваме сопственикот и келнерот и каде што се чувствуваме како дома. Разговорите и развојот на настаните во кафеана зависат од тоа дали друштвото е само машко или одиме фамилијарно. Меѓутоа, секогаш почнуваме со евоцирање на спомени, прераскажување на настани, по што следат жестоки дискусии за економија насочени кон мене, по што се вжештува атмосферата (како што се сервира главното јадење) и поминуваме на политика, каде што секогаш завршуваме на повисок тон. Вистинскиот момент е кога некој ќе рече: „Оставете ја политиката, дајте песна“ и почнува познатиот репертоар на песни, кој не ни е премногу променет во последните скоро две децении.
ММ: Професијата Ви овозможува и често да патувате. Ме интересира, каде Ви беше најубаво досега, за кој град, за која земја или за кое место се врзавте најмногу, т.е. мислите дека соодветствува на Вашиот карактер, нарав, темперамент? И, се разбира, кој народ?
Б. Т.: Мојата професија и ангажманите често се поврзани со патувања и посети на бројни земји. Дополнително и мојот карактер, темперамент од една страна ми овозможува релативно лесно воспоставување врски/контакти каде било во светот, додека од друга страна лесно се приспособувам на кое било место и после две недели/месец се чувствувам како да сум живеел таму неколку години. Посебно ме привлекуваат земји каде што менталитетот и начинот на живот е отворен, порелаксиран и спонтан, односно каде што менталитетот на луѓето има макар и мала нишка поврзаност со нашиот балкански менталитет. Иако имам посетено бројни земји (предизвик сѐ уште ми е Далечниот Исток), генерално можам да кажам дека најмногу ми одговараат европските земји. Земји кои некако ми прираснале за срце се Италија, Шпанија, Словачка/Чешка, Турција и, се разбира, скоро сите балкански земји.
ММ: Имате доста широки познанства, и стари, а воспоставувате и нови. Важите за комуникативен човек, зборлив. Денес е тешко да се одржи старото пријателство, а камоли да се оствари ново. Ги препознавате лажните? Визави правите, вистинските. Кои се битните одлики на вторите, како ја стекнувате довербата? Генерално, како да се губи во последно време или..?
Б. Т.: Пријателството е клучна храна за душата, човекот се познава по неговите пријатели, јас би кажал и дека тие се неговото огледало - каков човек си, такви луѓе привлекуваш околу себе. Имам многу пријатели, и стари и нови - се разбира, старите остануваат, се почитуваат, повремено се освежуваат и блиската врска останува без разлика на тоа што со некои ретко се гледаме. Поради мојата отвореност и едноставност, лесно стекнувам и нови пријатели, како во рамките на работата, така и по други канали - со нив и приватно почнуваме да се дружиме. Имам некој вроден скенер за изборот на пријатели и луѓето околу мене, самиот мој карактер, кој е директен и отворен, после некое време природно ги селектира и елиминира привремените/лажните пријателства. Видете, јас сум стара школа - ние сме научени да гинеме за вистинските пријатели. Свесен сум дека времето се менува и стандардите се менуваат, меѓутоа сѐ уште верувам во безусловно пријателство, спонтано пријателство кое има потенцијал да прерасне во вистинско пријателство и верувајте, тоа се гледа/чувствува на секоја средба, разговор и дискусија со личноста. Се разбира, оваа врска се губи во последно време - светот станува посуров, голем дел од луѓето имаат многу проблеми и предизвици кои се обидуваат да ги решат преку други луѓе што прави упад/мешање на пријателството и интересот - меѓутоа, сепак верувам дека на среден и долг рок системот (барем кај мене) самиот е подложен на прочистување, односно тешко виреат лажните пријателства/контакти и тие сами се прочистуваат.
ММ: Околу начинот, стилот на облекување, во каква облека се чувствувате најугодно? Забележлива е Вашата лежерност. Блузите со рол-крагни Ви се омилени? Дали носите одела, вратоврски на пример? Можеби некој аксесоар? Ве интересираат брендови? И какви ливанта, мириси Ви се допаѓаат? Кои парфеми?
Б. Т.: Стилот на облекување е нешто што природно се менуваше со мојот стил на работа. Добро сте забележале, најчесто сакам да се облечам лежерно затоа што ми овозможува да се чувствувам лесно и подвижно, имајќи предвид дека понекогаш имам повеќе состаноци и активности во текот на денот на кои сакам да се чувствувам комотно/слободно. Најчесто комбинирам фармерки/панталони со спортско сако, кошула/блуза со рол-крагна/маица и спортски кондури. Морам да бидам искрен дека мојата дневна агенда знае често да се промени, па затоа секогаш на работа и во мојот автомобил имам дополнителен пар кондури, друго сако, кошула итн. Во посебни пригоди го приспособувам стилот на облекување и знам да облечам одело со кошула, меѓутоа освен на мојата свадба, уште во само неколку прилики имам ставено вратоврска. Имам повеќе часовнициод брендовите Tommy Hilfiger, Skagen, Tissot итн., кои често ги носам во зависност од пригодата, додека во однос на парфемите, истите ги одбира мојата сопруга, да бидам искрен. Последниот кој особено ми се допадна е Invictus од Paco Rabanne.
ММ: Вашите обврски (работни), ангажмани се многубројни што посочува на фактот дека сте воркохоличар. Па, како се опуштате дома? Сакате книги, музика, филмови? Што читате друго, освен стручна литература, што слушате, што гледате?
Б. Т.: Темпото на работа со тек на време наметнува специфичен начин на живот, меѓутоа јас имам особена среќа затоа што најголем број од моите работни ангажмани, анализите и истражувањата на кои работам, како и работата со студентите се нешто во кое уживам и ме прават особено задоволен и среќен. Особено работата со различните институции (администрација/градоначалници/инспектори/министри/раководители) и поврзувањето на науката со нудењето конкретни решенија за решавање на проблемите во општеството е нешто што пружа особено задоволство. Според мене, за опуштање од непроценлива важност е способноста за вистинско уживање во секој „моментот“, дури и во рамките на работните ангажмани, на паузите од конференциите/состаноците/работните сесии - појадок во природа, чаша вино на Босфор, кафе на еден од плоштадите во Торино, вечера во автентичен германски ресторан, пиво во типичен словачки бар, посета на некоја музеј/историско место во Вашингтон итн. Филмовите, а особено документарните серии се тоа што отсекогаш ме релаксирале и опуштале. Морам да признаам дека правам обиди и за читање книги кои мојата сопруга ги има во изобилство, меѓутоа освен стручната литература во последно време ретко стигнувам да прочитам нешто без да прекинам неколкупати. Во однос на музиката, сѐ уште сум заглавен некаде во мојата младост. Во домот често знаеме да пуштиме некоја музика од 2000-тите, да отвориме добро вино и со едноставно мезе да пробаме да се опуштиме и да заборавиме на окружувањето. Патувањата за викендите во околината на Скопје (во земјата), правењето скара во двор/природа се исто така одлична релаксација - тогаш се дружиме со пријателите, опуштени до максимум, најчесто на некое место кое не е премногу комерцијално и каде што има автентична околина.
Блиц прашања
ММ: Не ја криете својата емотивност, дури признавате и дека плачете на филмови. Што Ве допира? И ме интересира, дали чувствителноста се врзува со мажественоста? Неретко ги осудуваат емотивните луѓе, мислам на мажите. Има доста сензибилни луѓе (мажи) кои ја кријат осетливоста. Зошто е така? Менталитетот е во прашање или..?
Б. Т.: Јас не можам да ја скријам емотивноста, тоа се гледа и во моите настапи и лесно ќе ја воочите во комуникацијата со мене. Една од причините за тоа е и фактот што силно верувам во најголем дел од работите на кои работам или во кои учествувам, што понекогаш наметнува емотивен пристап кон истите. Емотивноста според мене е особено важна за комуникацијата и односите помеѓу луѓето и истата не треба да се крие туку треба да се негува. Доколку чувствителноста и емотивноста не се потиснуваат, односите помеѓу луѓето ќе бидат поотворени, поискрени и нема да има скокови и разочарувања, нема да има глума и преправање. Можеби дел од луѓето со потиснување на дел од емотивните реакции се заштитуваат или прават обид да се приспособат на околината, меѓутоа мислам дека чувствителноста дефинитивно може да оди рака под рака со мажественоста, затоа и често ќе ја чуете изреката „биди маж и признај“.
ММ: Како ќе се опишете себеси, каков сопруг и татко сте? Имате две малолетни деца со Вашата жена, чинам.
Б. Т.: Сега, кога ме прашавте, се подзамислив за да одговорам. Ова можеби е прашање кое треба да го одговори мојата сопруга Санела и моите две дечиња Сара (8) и Марко (11), на кои сум особено горд. Мислам дека давам сѐ од себе да бидам добар сопруг и добар татко. Често знам да ја изненадам мојата сопруга со подарок, определена активност, определен импулсивен гест без никаков повод и тоа го одржувам скоро 2 децении. Се вклучувам колку што можам во домашните обврски, меѓутоа морам да признам дека сопругата го носи главниот товар. Јас сум попустливиот родител, слаб сум на барањата на моите деца, а понекогаш знам да им се придружувам и во лудориите. Често знам да иницирам некоја несекојдневна прошетка, фамилијарна дружба, посета на некое подзаборавено место, која, се разбира, доколку има консензус, ја реализираме, иако, искрено, стапката на прифаќање на моите предлози од фамилијата се движи во распонот од 60 до 70 %.
ММ: Ви пречи да седите во кафуле сами, без друштво? Така пиете кафе, вино на пример? Можеби се подготвувате за лекциите, односно предавањата? Или, пак, ги пишувате Вашите научни, стручни дела, трудови?
Б. Т.: Седењето во кафуле, паралелно со работата/пишувањето, стана еден ритуал кој го практикувам интензивно веќе неколку години. Морам да откријам една тајна - мојата продуктивност и креативност во работата (пишување/анализа итн.) се зголемува кога во текот на денот ќе сменам локација/окружување, посебно кога ќе седнам во кафуле. Многу често знам моите предавања, анализи, па и интервјуа да ги правам во кафуле што (не можам да објаснам од кои причини) позитивно влијае на мојата инспирација. Најчесто седнувам сам, барам локација каде што има доток на струја за да вклучам лаптоп и знам да работам и до 5 часа без воопшто да ми пречат случувањата (или да се осврнам) во окружувањето. Во таквите пригоди, зависно од активноста, знам да нарачам кафе или чаша вино и да се задлабочам во работата. Претпоставувам дека сопствениците на кафулињата (иако голем дел веќе ме познаваат) немаат преголема корист од мене бидејќи зафаќам место, а консумирам само 1-2 пијалаци, но затоа бирам места кои не се премногу комерцијални и каде што не би пречел со моето присуство. На крај сакам само да напоменам дека моите 4 книги и повеќе од 120 објавени публикации покажуваат дека оваа формула на работа е ефикасна и функционира, па, ако ви изгледа соодветна, можете да ја пробате и вие.
ММ: Погрешното сфаќање на хедонизмот е вообичаено, така се чини. Според Вас, што е тој? А, што не?
Б. Т.: Да уживате во животот, да живеете со „полни гради“ со она што го имате - семејството, работата, пријателите, материјалното окружување, убавата чаша вино, чистиот воздух, старата куќа, нежните моменти со семејството итн. Да не се ограничувате во вашето размислување, зборување, творење и делување. Да уживате во вашите постапки, вашиот карактер и темперамент без да се грижите што другите мислат за тоа.
ММ: Ќе завршиме како што започнавме. Откако се занимавате со истражување, која влада е најуспешна досега? Се разбира, од Ваш аспект, како експерт за економска политика и јавни финансии. Ве молам, без какво било заобиколување.
Б. Т.: Провокативно прашање кое на политичката сцена се води веќе три децении и никогаш немало консензус по истото. Во поларизирано окружување во кое живееме тешко е да се одговори на ова прашање без притоа некој да не се најде погоден или да не се согласи со истото. Меѓутоа, задачата на економистите како мене е критички да ја опсервираат стварноста, да не калкулираме со политичките бенефити, да ги анализираме економските политики и да нудиме решенија за подобрување на економскиот живот. Се разбира, политичарите имаат свои посебни интереси (пред сѐ да победат на избори) и секогаш не се согласуваат со рационалните економски гледишта. Мојата улога ја гледам во објективното преставување на тековните економски случувања (како што сакам да кажам - „да ја кажеме вистината“) со цел јавноста да може објективно да ги согледа резултатите од работата на секоја влада и својот глас/ваучер да може да го даде согласно расположливите информации. Се разбира, според теоријата на јавен избор, секоја индивидуа има и посебни индивидуални рационални интереси кои силно влијаат на нејзиниот избор. Сепак, ќе морам да избегнам директен краток одговор на Вашето прашање бидејќи има ризик да завлезам во извесен субјективизам што не би сакал - можеби политиколозите ќе бидат поконкретни во оваа насока. За поиздржан одговор ќе ми биде потребно повеќе време и простор, да напишам мала книга во која би ги елаборирал посебните успешни/неуспешни политики од секоја влада низ годините (во рамки на ограничените податоци кои ги имаме), по што ќе стане појасно што и од кого е направено, што можело да се направи, а што не е направено - меѓутоа, како што кажав, консензусот на оваа тема е испреплетен со многу варијабли, перцепции и лични ставови.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Борче Треновски