Лаф-муабет со градоначалникот на Центар - Горан Герасимовски: Сакам да спремам вкусни тестенини со сос и морам да се пофалам со лосос приготвен на мој начин
Пред неговиот избор за градоначалник на скопската општина
Центар, Горан Герасимовски прво беше заменик директор на Државниот завод за
индустриска сопственост, а потоа се здоби со раководна улога. Тој инаку е социолог
по вокација, магистер по менаџмент на човечки ресурси. Како претседател на Општинска организација на СДСМ и вистински, прав центарец од Капиштец, таму израснал, а во
Дебар Маало се наоѓа семејната куќа, одблизу се запознал со проблемите на
жителите, кои денес, кога претседателствува со Центар, се залага за нивно
решавање, надминување на тешкотиите и секако, исполнување на приоритетните
задачи. Враќањето на реонските полицајци е само една од нив, по желба на
граѓаните. Исто така и грижата за старите лица. И уште повеќе.
Денешниот, понеделнички лаф-муабет го започнавме токму така, со работата. Но, разговаравме и на други теми, за семејните, домашни обврски, меѓу нив и кулинарските, гастрономски вештини - подготвувањето на лосос, шпагети во доматен сос и топен кашкавал, маслинки, за патувањата, за стилот на облекување, начинот и омилениот аксесоар - часовникот, за пријателствата... Сеопфатно. Впрочем, како што ѝ доликува на рубриката.
ММ: Враќањето на позорникарите, односно реонските полицајци во Центар е поздравено, како и грижата за изнемоштените, старите лица. Колкумина се, има доволно? Мислам на првите. Можеме да се чувствуваме сигурни, заштитени, безбедни? Како функционираат ноќе? И кои се нивните приоритетни задачи, обврски?
Г. Г.:Да, реонските полицајци или познати уште како позорникари е барање од граѓаните, но би рекол и реална потреба за нив и за сите нас. Министерството за внатрешни работи таа потреба ја обезбедува најпрво за граѓаните во општина Центар, но и во другите општини во градот Скопје. Во општина Центар во секоја населба ќе има по еден или двајца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Ние веќе одржавме неколку средби каде што присуствуваат и позорникарите и ги охрабруваме граѓаните да им приоѓаат и да се запознаат со нив. Исто така и самите позорникари на граѓаните им делат совети како да го заштитат домот од кражби, кои се почести во летниот период. Нашата општина Центар е најфреквентна и разбирливо е тоа што најголемиот број кражби се случуваат тука. Според статистиките, од 80 кражби во Центар се околу 60 и таа бројка очекувам да се намали со овие маалски патроли, би рекол. Инаку позорникарите треба да превенираат и да обезбедат безгрижна детска игра надвор и безбедно движење на нашите деца. Тие го заштитуваат животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречуваат извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажуваат потребна помош и заштита на граѓаните и вршат набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата. Накратко, ги враќаат безбедноста и спокојот на граѓаните.
ММ: А, неисчистеното ѓубре, гласната музика во населбите? Многумина граѓани, повеќето жители на Капиштец се жалат и на едното и на другото. Чија обврска е чистотата, редовното празнење на контејнерите, вклучително и решавањето на проблемот со кафулињата, силните одеци? На општината или на градот?
Г. Г.:Хигиената на јавните површини беше мојот приоритет уште во предизборната кампања и, во таа насока, досега организиравме неколку големи акции за чистење, кои ќе продолжат во иднина во сите населби во општината. Во следните акции ќе ја вклучиме и новата чистерна која стигна неодамна во ЈП Паркинзи на општина Центар. Конкретно за она што ме прашувате, празнењето на контејнерите се под ингеренции на градот, односно ЈП Комунална хигиена. Градотисто така е одговорен и за одржувањето на јавната хигиена на булеварите и главните улици. Што се однесува до мерењето на гласната музика - точно, има поплаки од граѓаните и до општината. Нашите инспектори го мерат нивото на бучава и постојано изрекуваат казни. Ова е проблем кој очигледно бара и измена на законските процедури во однос на гласноста и тоа мора да се иницира. Во периодот што следи,засилено ќе имаме инспекциски контроли и се надеваме дека со извештаите ќе успееме да иницираме некаква промена во однос на ова прашање.
ММ: Како центарец, што Ви пречеше најмногу пред Вашиот градоначалнички мандат? Го решивте проблемот? И сега, кои се најчестите поплаки на граѓаните, имајќи го предвид фактот дека ги сослушувате на деновите „отворени“ за нив, тет-а-тет? Што им е најважно? Всушност, како го замислувате Центар до крајот на Вашето мандатарско работење? Што му недостасува?
Г. Г.: Морам да признаам дека најмногу ми пречеше хигиената, сообраќајниот метеж и паркирањето. Општина Центар е најфреквентната во државата. Во Центар на дневно ниво циркулираат од 250.000 до 300.000 посетители и со толку голема фреквенција на луѓе се зголемува и проблемот со паркирањето. Ние работиме на ова решение. Во општината во тек се реконструкции на неколку улици, а планираме да реконструираме околу осумнаесет во целата општина. Дел од овие предвидени улици за реконструкција сега припаѓаат под градот Скопје, а по реконструкцијата ќе припаднат под општината со што ќе ги преземе ЈП Паркинзи на општина Центар и истите ќе станат резидентни за станарите на општината. Со ова, навистина, во голем дел се решава проблемот со резидентни места за самите жители и дополнително, во план е изградба на нови паркинзи кои ги најавивме во предизборната кампања. Што се однесува до отворените денови, ги практикувам личните средби со граѓаните бидејќи тоа е начин одблизу да се запознаам со потребите и проблемите со кои се соочуваат. Граѓаните кои доаѓаат на отворените денови најчесто доаѓаат со лични проблеми во делот на легализацијата, урбанизамот, во делот на подобрувањето на хигиената, со проблеми со паркирањето во одредени улици и маала. Разговараме и бараме начин што поскоро да најдеме решение за истите.
ММ: Социологијата Ви е фах, вокација. И денес, кога претседателствувате со Центар, дали правите социолошки анализи, односно дали емпириските податоци Ве насочуваат кон правите, вистинските постапки - натамошните? Социологизмот е битен за делувањето? И секако, дали Ве загрижуваат социјалните противречности, општествениот живот генерално, па и неговата поделеност? Ситуацијата е тешка, поприлично.
Г. Г.:Секако, анализите се всушност насока каде треба да биде вашата следна постапка. Преку тие податоци се креираат мерките, независно дали станува збор за субвенции за одредени потреби на граѓаните или реконструкции или нови инвестиции.
ММ: Визави општествената стварност - грубата реалност, каква е Вашата филозофија на животот, за него? Краток е сепак, а имуноста на секојдневните нервози, притисоци (стресови) е под нивото, кај повеќето. Како се релаксирате? Што Ве исполнува, што Ве прави среќен, радосен? И која е, според Вас, неговата цел - крајната?
Г. Г.:Нервоза има како,впрочем, кај секој човек, но таа негативна енергија се обидувам да ја трансферирам во позитивна преку дружба и разговор. Освен здравствени последици,нервозата не носи решение, па затоа менувам тактика, излегувам на прошетка или почнувам некоја активност. Секако, најмногу ме релаксира домот, семејната атмосфера, собиранките со фамилијата, пријателите, но и возењето точак. Инаку, многу сакам и планинарење кое го практикувам секогаш кога можам и кога ми дозволуваат обврските.
ММ: Спортувате, играте фудбал со децата (синовите). Исто така и планинарите. И се возите со велосипед. Фер плејот, чесноста (моралната исправност) е својствена за спортот, како гест, вклучувајќи го и натпреварувањето. Ме интересира, ги применувате во работата? Емоциите, дозволени се? Политиката е гладијаторска, бесчувствителна.
Г. Г.:Секако, ние центарци сме ориентирани спортски, како да ни е вроден спортскиот дух. Моите двајца синови тренираат фудбал и играме често, зимно време дури и дома. Сите тројца сме страсни навивачи и бунтовници кога има неправда од судиите на теренот. Да, споменав дека сакам и навистина уживам кога планинарам. Таа тишина и тоа пространство ме опушта, ме смирува, ми ги бистри мислите. Неопислив ми е спокојот и глетката. Дефинитивно мислам дека секој што има можност треба да практикува планинарење затоа што тоа е филтерот од секојдневието.
ММ: Како семеен човек, на што се концентрирате? Имате домашни обврски, семејни? Како Ви се поделени? Кои се Ваши, сопружнички, на децата? Или сепак Вашата посветеност на работата е доминантна, преовладувачка?
Г. Г.:Во секое семејство мора да се делат работите и гледам и јас да бидам вклучен во домашните обврски. Моја обврска е пазарувањето, а знам понекогаш да вклучам и правосмукалка. Сопругата обично ги чисти правот и подот. Децата исто така помагаат. Нив ги воспитуваме дека треба да помагаат, но и дека е здраво да се живее во чиста и уредна околина, вклучително и домот. Ние, не само во општината, туку и дома имаме акции за чистење, а потоа слободно време за сите. Во кујната, пак, со сопругата го делиме готвењето. Иако најчесто готви таа, сепак и јас знам да зготвам кога имам слободно време.
ММ: Кулинарството Ве привлекува, очигледно. Како се здобивте со вештината за готвење храна? Гурман сте? Повеќе сакате домашна кујна или..? Од кафеанската, кои јадења обично ги нарачувате? Ги познавате вината, имате омилени?
Г. Г.:Да, слободно можам да кажам дека сум голем гурман. Сакам да спремам вкусни тестенини со сос и морам да се пофалам со лосос приготвен на мој начин. Кога станува збор за вино, би споменал дека повеќе сакам бело од црвено вино, но секако и тоа зависи од храната со која се дегустира. Би ја издвоил темјаниката како фаворит.
ММ: Гастрономијата често ја врзуваме и со патувањата, стекнатите искуства од нив. Каде обично патувате? Кои дестинации - блиски, далечни? Што Ве привлекува во нив? Кој град, неговиот центар, Ви се допаѓа многу, а во исто време го сметате за недостижен идеал, како градоначалник?
Г. Г.:Во последниве две години, со оглед на ситуацијата со пандемијата, благодарни бевме што успеавме да прошетаме и до поблиски дестинации кај нашите соседни земји. Од подалечните места кои ги имам посетено би ја издвоил Женева. Европските градови имаат посебна убавина, а природата на Женева ѝ го подарила и Женевското Езеро, за целосна и неприкосновена уникатност.
ММ: Начинот, стилот на облекување или гардеробата е неизоставен дел од лаф-муабетот, па... Што претпочитате - лежерна облека? Брендови? „Поло“, „Ралф Лорен“..? Маици, кошули..? Дали се приспособувате на пригодите, приликите, работните обврски - теренски, канцелариски? Што мислите, каква порака испраќате на центарци со гардеробата или, пак, сакате да испратите? Со манирите, начинот на однесување исто така.
Г. Г.:Во гардероберот имам и полежерни варијанти и поформални парчиња облека. Начинот на облекување го приспособувам во зависност од дневните работни обврски. Надвор од работното време најпријатно се чувствувам во опуштени, спортски комбинации. Парчињата облека ги бирам повеќе во зависност од удобноста, а помалку од името на брендот кој го носат.
ММ: Кога се аксесоарите во прашање, ги носите? Часовникот е „must-have“, луксузниот. Ме интересира што мислите, дали е престижна работа, предмет? Како се здобива со углед, авторитет? Со работа, привидно..?
Г. Г.:Часовник носам секој ден, задолжително, пред сѐ од практичност, а потоа и како убав аксесоар на целокупниот начин на облекување. Часовниците, кои ги имам, ги носам во зависност од пригодата и гардеробата што би значело дека знам и да ги менувам во текот на денот.
ММ: И да не ги заборавиме пријателствата. Старите визави новите, кои се побројни? Како ги одржувате? Чувствувате промени во меѓучовечките, пријателските односи, генерално? Се чини дека интересите доминираат во последно време. Се согласувате? На што се должи егозимот?
Г. Г.:Секако, со времињата доаѓаат многу пријателства. Некои соработки прераснуваат во пријателства, но јас сѐуште ги негувам и старите, оние од најраното детство. Имам пријателства кои траат и три децении и тие луѓесѐуште ми се блиски. Тие се неколкумина, но навистина се цврсти пријателства. Всушност, со нив сум и најслободен. Тие знаат кој сум, го знаат моето темпо на работа и обврските и нема лутење кога не можам да дојдам на некоја седенка. Добро, понекогаш има замерки, ќе падне и некоја шега, ама во суштина знаат кој сум, каква душа имам, каков сум кога сум задоволен и кога сум лут.
Блиц прашања
ММ: Со неколку зборови, како ќе ги опишете центарци? Многу бараат или..?
Г. Г.:Ние центарци сме посебен сој, знаеме што сакаме, што не сакаме и тоа го кажуваме гласно. И така треба за да се менуваат работите. Јасното мислење и гласниот збор треба да биде вистинскиот креатор на општеството. Токму затоа јас и пред почетокот на мојата трка за градоначалник на Центар, преку серија средби со граѓаните, прашував што недостига, од што имаат потреба бидејќи тоа можеби за мене е едно, а за нив друго. Мислењето на центарци и сега го почитувам, затоа сѐ уште ги одржувам отворените денови во општината или средбите на отворено. На овие средби со мене доаѓаат и претставници од службите кои им одговараат на граѓаните во зависност од проблемот или потребата која ги интересира.
ММ: Како велосипедист, има доволно патеки (велосипедски) во Центар?
Г. Г.:Низ Дебар Маало малку повеќе пазиме, има доста узурпирани тротоари со возила. Искрено, тоа е еден од големите проблеми за којшто бараме решение уште од самиот почеток, да ги ослободуваме тротоарите за пешаци и за велосипедисти, но добро е да се напомене и пофали дека во изминативе неколку години има направено доста велопатеки, а и доста сеповрзани. Попладне често возам велосипед со децата, тие се љубители на велосипедизмот и секој слободен момент гледаме да го поминеме или на велосипеди или во паркот којшто ни е во непосредна близина каде што се игра фудбал. Исто така, децата со велосипед ги носам во училиште или градинка во зависност како ќе се поделиме со сопругата.
ММ: Сос за шпагети, кој Ви е омилен? Вие го правите?
Г. Г.:Тестенините, во последно време и лососот, го спремаме на посебен начин.
За шпагети сакам едноставен сос и да, знам да го правам. Станува збор за доматен сос, со маслинки и топен кашкавал.
ММ: Пријатниот мирис на младоста... Кој парфем Ве потсетува на студентските денови, а го употребувате и денес, можеби?
Г. Г.:Christian Dior, Kenzo, Armani кој моментално го користам.
ММ: Што е заштитен симбол, знак на Центар? Амблем. Кога шетате во центарот на Скопје, што им покажувате на децата, кои работи, меморабилии?
Г. Г.:Дебар Маало кадешто ни е семејниот дом, понатаму Капиштец кадешто сум израснат и посебно врзан. Маџир Маало, Пролет, Старата чаршија каде што често знаеме да прошетаме и да уживаме во заеднички поминатото време.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна и архива на Општина Центар