Лаф-муабет со Харалампие Шокаровски: Понекогаш се прашувам дали правилно ги воспитувам децата за овие сурови времиња со еродирани морални вредности
Анестезиолозите, односно анестетичарите и во Македонија и во светот, насекаде го претставуваат особено важниот дел од ланецот - кариката во хируршката интервенција, оперативниот зафат и по него, за време на оздравувањето. Лекарите, специјалистите кои ја извршуваат анестезијата истовремено се обучени за реанимација - оживување, повторно враќање во живот на пациентите. Не случајно за учесник во денешниот, понеделнички лаф-муабет го избравме охриѓанецот Харалампие Шокаровски чие дваесет и повеќегодишно работно искуство како анестезиолог, т.е. анестетичар во Св. Еразмо, специјализираната болница за ортопедија и трауматологија, го заслужува и нашето (медиумско) и вниманието на читателската публика. Одозгора беше и претставник во законодавното собрание (парламентот) од 2011-та до 2014-та, избран од народот.
Согласно рубриката, со Х. Ш. разговаравме на повеќе, различни теми. Логично, муабетот го започнавме со чувството на страв од анестезијата, присутен кај секого, а зборувавме и за други нешта, од начинот, стилот на живеење, облекување, однесување, работа.., преку семејството, патувањата.., до флуидното врзување со езерото и дилемата околу нетрпеливоста, ривалството меѓу скопјаните и охриѓаните. Дали е вистина, мит? Во продолжението е одговорот.
ММ: Повеќе од 20 години работите во охридската Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, специјалност Ви е анестезиологијата. Овој дел од медицината е особено важен - оперативните зафати не можат да се изведат без него, па ме интересира, зошто луѓето се плашат од анестезија, дури и повеќе од самата хируршка интервенција? Дали стравот е оправдан? Која е причината, дали се врзува со минатото?
Х. Ш.: Да, веќе дваесетина години работам во Св. Еразмо, една од најреномираните здравствени институции од оваа област во нашата држава, а претходно исто така од пореномираните во Југославија што, секако, само по себе зборува за видот и обемот на работните задачи кои ги изрвшуваме. Мене, како анестезиолог со 400-500 анестетички процедури годишно, ме вбројува во редот на поангажираните анестезиолози што, секако, придонело за стекнување на огромно стручно искуство. Во секојдневната работа и од десегашното искуство многу ретко се среќавам со луѓе кои не се плашат од анестезијата. Самиот збор анестезија потекнува од грчкиот збор anaisthesia (без чувство), оваа состојба е особено мистична за голем дел од широката популација, па еден дел од тој страв потекнува од непознатото. Што се однесува до модерната анестезиjа, а со тоа и употребата на модерните средства, анестетиците и техниките на анестезија придонесуваат за минимизирање на ризиците и опасностите за самиот пациент, затоа тие техники и средства се индивидуализираат во однос на секој пациент поединечно, во зависност од неговото здравје, пропратни заболувања, како и самата оперативна техника која треба да се изведе. Секогаш, без исклучок, пред да пристапам на каква било анестетичка процедура, разговарам со пациентите, а доколку тие не се во можност, тогаш со членовите на нивните семејства за да им ја објанам самата постапка, за предностите, но и за компликациите кои можат да произлезат од истата. Се трудам при пристапот да бидам максимално професионален, искрен, објективен и со емпатија кон секого, да му помогнам тие чувствителни моменти малку полесно да ги преброди. Видете, анестезиологијата воопшто не е едноставна, тука не се работи за обично заспивање пред оперцаија и будење после хируршкиот зафат. Анестезиологијата во суштина е пероперативна медицина, анестезиологот е и педијатар и интернист и невролог и психијатар за да биде во можност да ги третира состојбите кои се јавуваат кај пациентот во текот на самата анестезија, зависно од самите заболувања, состојбите или возраста кои ги носи секој пациент поединечно и, на крајот, како заклучок на вашето прашање, би рекол - ДА, нормално е секој човек да се плаши од анестезија во извесен степен, меѓутоа доколку тоа го изведува врвен професионалец кој цело време знае што прави, тогаш ризиците се минимизираат.
ММ: Покрај медицината, секој анестезиолог треба да ја познава и високата технологија или т.н. хај-тек. Но, каква е иднината на овој дел од медицината во Македонија? Во Шведска, Швајцарија и други европски земји на регионалната анестезија ѝ се дава примат, општата се минимизира. И тука е така или..? И зошто е дефицитарна оваа професија, буквално секаде?
Х. Ш.: Во овие модерни времиња сите ние, докторите, треба да ги следиме високите технологии, секој во својата специјалност, но особено важно е да се биде апдејтиран со напредокот и најновите трендови во науката кои, доколку ги знаеме, многу полесно се применуваат на тие хај-тех машини. Во спротивно, и доколку поседувате хај-тех машинерија, а не го надополнувате и апдејтирате знаењето, тогаш техниката обично останува неискористена и бесполезна. Од друга страна, македонското здравство, вклучително и приватните болници, каска зад модерните европски болници, особено техничко-технолошки, од една страна нормално заради недостаток на пари, а од друга страна и тие пари што ги има се трошат неправилно, нерационално и, секако, доведува до ниво на ова што го имаме денес. Што се однесува, пак, до употребата на регионалните техники на анестезија, со сето право можам да ви кажам дека во ништо не заостануваме зад модерните европски центри, заедно со уште една или две институции во државава, пред сé благодарение на д-р Рендал Малхоф, професор по анестезиологија на престижниот Вандербилт унивезрзитет од Тенеси во САД. Имено, професорот Малхоф во неколку наврати на моја покана одржа неколку работилници со практична апликација што секако беше и е од непроценлива важност, како за нас како професионалци, така и за бенефитот на самите пациенти. Понекогаш недоволната информираност на пациентите и нивното експлицитно одбивање на одредени техники одредува тие поретко да се користат. Во секој случај, од стручен аспект мислам дека чекориме рамо до рамо со нашите европски колеги. Во однос на дефицитарноста на професијата, тука влијаат повеќе фактори. Прво и најважно, мислам дека тежината е во студиорумот за истата, но и во комплексноста која, како што кажав и погоре, бара широки медицински познавања од певеќе медицински области како педијатрија, интерна медицина, хирургија, гинекологија, неврологија... Исто така, стресот при практикување на работата е на високо ниво, многу мали и скапи се можностите да остварите приватна пракса, ризиците при работата се високи, а во високоразвиените земји и осигурувањата на анестезиолозите се скапи. Мислам дека барем делумно ви дадов одговор за дефицитот кој и натаму ќе се зголемува, сепак има многу поедноставни и полесни начини за заработка, нели!?
ММ: Вашата исполнетост е очигледна, се чувствувате остварен целосно, реализиран во секој поглед. Имате скоро 48 години, како гледате на животот денес? Брзо минува, која е воопшто целта, неговата? Или какво е Вашето убедување, животната филозофија? Освен медицината, која е всушност мисијата на Вашиот живот?
Х. Ш.: Точно, се чувстувам исполнет и реализиран, како на професионален, така и на приватен план. Лошата вест е дека животот брзо лета, но добрата вест е дека јас сум пилотот. Животот во суштина се состои од подеми и падови, подемите не смеат да ве залажат и да ве направат горделиви, ниту пак падовите да ве депримираат и да ве обесхрабрат. Напротив, на лузните од падот да ги согледаме грешките, да ги извлечеме поуките и да продолжиме напред. Животот секогаш се врзува со успехот, а успехот никогаш не е дестинација, туку патување кое никогаш не престанува. Во суштина, мојата мисија не е само да се преживее, туку и да се напредува и тоа го правам со страст, малку хумор, со забава и со стил.
ММ: Народен пратеник, на што Ви асоцира оваа титула? Ве прашувам бидејќи го претставувавте народот во законодавното собрание (парламентот), од 2011-та до 2014-та чинам. Многумина се изгубија во неа. Интриганти во политиката има сѐ повеќе, личните интереси надвладуваат. Можете ли да ни кажете околу Вашата идеологија нешто, каква беше таа? Кои аспирации Ве мотивираа да се ангажирате и политички? Какви се плановите, можно е враќање?
Х. Ш.: Да, ја имав честа да бидам пратеник во собранието од 2011 до 2014 год., се трудев да бидам „народен пратеник“, се обидував во голем дел да ги артикулирам барањата и потребите на граѓаните од Охрид кон централната власт, а особено се гордеам со неколку проекти за кои придонесов или потпомогнав во нивната реализација. Видете, политиката, односно суштината на практикување на политиката е да го ставиме јавниот интерес во преден план, пред личните интереси. Мојата премиса кога почнав да се занимавам со политика е дека секоја индивидуа барем во одреден дел од својот живот треба да стави сопствен печат и придонес кон развој и подобрување на општестевниот интерес и средината во која живее и твори. Во Македонија функционира релативно комплициран политички систем кој повеќе би го дефинирал како партикратија отколку демократија. Кога сте политички ангажиран, особено во големите политички партии, вашите лични политички мислења ги артикулирате преку различни внатрепартиски дебати, форуми и дела и, на крајот, тие ставови се пеглаат и се ставаат најчесто во програмите на политичките партии со кои тие настапуваат пред граѓаните.
ММ: Охрид е Вашиот град, не ја криете и љубовта кон езерото. Каков е флуидот, на кој начин се врзувате со него? Дали се занимавате со некој воден спорт? Ловите риба? Има плашица? Колкава ѝ е моменталната цена? Што е интересно за Охридското Езеро, некој факт за кој и не знаеме баш?
Х. Ш.: Да, вљубеник сум во мојот град, а посебен флуид имам со езерото. Охрид е градот со кој сум врзан како со папочна врвца, а тоа е една од причините зошто живеам и работам тука и покрај многуте работни понуди кои делумно сѐ уште постојат за да го напуштам. Го сакам градот дури и ваков, делумно урбанистички девастиран. Жалам што последните триесетина години како охриѓани не се издигнавме над сопствените лични интереси за повеќе да инвестираме во развојот и естетиката, па еден ваков духовен центар да го направиме и архитектонски поубав и посреден. Едрењето, односно ветерот е мојот двигател по езерската шир, но тоа го правам како една пасија и уживање за да ме сплоти со езерскиот спокој, а не од натпреварувачки карактер. Не, не сум риболовец, но ги сакам вкусовите на охридките риби, особено белицата, испржена на традиционален охридски начин во бакарна тава.
ММ: Стилот на живеење кога се охриѓаните во прашање, каков е тој? Дали хедонизмот ви е амблемен? Па и Вашиот, се разбира. Имате омилени специјалитети, деликатесни јадења? Што е типично за Охрид? Можете и да ни препорачате, зошто да не. Па дури и традиција, обичај - хедонистички, врзан со меракот.
Х. Ш.: Кога се охриѓаните во прашање и стилот на живеење, барем оние кои го доживуваме градот на вистински начин, сакаме да уживаме во благодатите на Охрид. Знаете, јас сум „чаршиски“ човек што би рекле охриѓани. Зависно од работните односи, сакам да испијам добро кафе, чаша виски или џин со моите другари. За викендите многу често практикуваме семеен ручек. Типично за Охрид се дружбите на традиционалните имендени (визити) кои најчесто се во зимскиот период. Обичај е секој гостин да биде послужен со слатко од смокви, а на трпезата неизбежни се и ситните визитарски колачи. Визитите во минатото биле кратки, но денес знаеме да се развеселиме, да запееме и да останеме до ситните утрински часови.
ММ: Следователно и патувањето е мераклиска работа. Ме интересира, обично какви дестинации одбирате? Дали метрополите Ви се попривлечни од гратчињата, и планинските и приморските населби? Кој народ е најблизок до Вашиот сензибилитет, Ве инспирира особено, а пропо стилот на живеење, вклучително и хедонизмот? Каде, со кого се чувствувате најубаво?
Х. Ш.: Некои патувањето го споредуваат со љубовта бидејќи тогаш ни е зголемена свесноста, стануваме посвесни, духовно поприемчиви и подготвени да се трансформираме. Затоа, најдобрите патувања се како најубавите љубовни врски, тие всушност никогаш не завршуваат. Зависно од расположението и желбите, така ги одбираме и дестинациите за патувања. Метрополите ги преферимаме најчесто во пролет или есен, додека за време на летниот и зимскиот период преферираме да посетиме некое приморско гратче или планински ски-центар. Италија е мојата омилена дестинација, вклучително и стилот на живеење на Италијанците, лежерноста и едноставноста на нивниот менталитет.
ММ: Во лаф-муабетот не можеме да го избегнеме ни прашањето за стилот на облекување. Како ќе го дефинирате Вашиот, имате ли омилени парчиња облека? Или аксесоари? Што преферирате, содржина (квалитет) или форма? Некој посебен дизајнер? Марка?
Х. Ш.: Стилот на облекување е нешто што доаѓа од внатрешноста, со него можеш да кажеш кој си без да зборуваш. Преферирам класичен стил на облекување - минималистички, едноставно. Во мојата гардероба неизбежен дел се кошулите, квалитетни обувки, рачен часовник и очила за сонце, а голем љубител сум и на парфеми со свежа нота. Преферирам квалитетни парчиња облека, па така зад квалитетот многу често се потпишани и многу дизајнесрки имиња.
ММ: Дали сопругата Ве советува што да облечете, да искомбинирате? Прифаќате сугестии за облекувањето, ги применувате? Од кого учевте за стилот, како се развиваше со текот на годините? Дали родителите имаа влијание? Можеби татко Ви? Некој филм, музички правец, група?
Х. Ш.: Сопругата со своите сугестии придонесува при изборот на комбинациите во мојата гардероба. Освен тоа, таа често знае и да ме изненади со некое парче облека или парфем и нејзиниот избор секогаш е убав. Мојот стил на облекување се развиваше спонтано со возраста, но никогаш не сум бил љубител на авангардниот начин на облекување, строгите линии секогаш биле мојот прв избор. Најверојатно и татко ми оставил некоја трага со неговиот строго класичен стил, вистински господин, кој не излегуваше без костум, кошула и вратоврска. Љубител сум на филмови и во слободно време поминато дома знаеме со синовите во последно време да изгледаме некој актуелен серијал, а од филмови би ги издвоил „Казино“, „Кум“, „Беше еднаш во Америка“, „Џејмс Бонд“, „Индијана Џонс“, „Господар на прстените“... Што се однесува до музиката, ја сакам премногу и е неизоставен дел од мојот живот. Слушам секаков вид музика, во зависност од расположението и пригодата. Ја преферирам поп-музиката, но често во кафеана знам да запеам и понекоја народна песна. Сепак, би ги издвоил Лајонел Ричи, Бери Вајт, Стиви Вондер, „U2“, Хулио Иглесијас, Стинг, Балашевиќ, „Бијело дугме“, Оливер Драгојевиќ, Тоше Проески, Каролина...
ММ: Имате два сина - близнаци. Како ги воспитувате со Вашата сопруга, т.е. кои вредности (морални) се обидувате да им ги всадите? На што ги учите? И како гледате на семејната среќа, што е доволно за неа? Последните години како да се промени буквално сѐ, вклучително и сфаќањето на истата. Очигледно дека е погрешно бидејќи многумина сметаат дека имотноста, богатството ги решава сите проблеми, несогласици. Дали?
Х. Ш.: Родителството можеби е и најтешката задача во животот и сите ние стремиме да ги воспитаме децата најдобро што знаеме и умееме. Како и секој родител, понекогаш се прашувам дали правилно ги воспитувам децата за овие сурови времиња со еродирани морални вредности. Во едно семејство комуникацијата е многу важна. Нашите синови се тинејџери и во овој период поминуваме доста време во разговори на разни теми, впрочем помеѓу нас не постојат табу-теми. Заедно со мојата сопруга се трудиме да им ги втемелиме основните морални вредности - да бидат чесни, одговорни, полни со емпатија за другите, да почитуваат семејство и пријатели, да знаат да расудуваат и да имаат убави манири на однесување. За семејна среќа не е потребно многу. Љубовта, почитта и разбирањето се основните постаменти врз кои ја градиме семејната среќа. Според мене, имотноста и богатството воопшто не се пресудни за семејната среќа.
Блиц прашања
ММ: Се усовршивте, односно специјализиравте и за реанимација. Стресно е оживувањето? Како ќе го опишете, какви чувства Ве преплавуваат? Има страв?
Х. Ш.: Реанимацијата е составен дел на мојата професија и јас сум истрениран да го работам тоа. Со оглед на тоа дека долго време сум во оваа работа, се трудам емоциите да ги супримирам додека реанимирам, а адреналинот го чувствувам покасно, кога работата е веќе завршена. Во мојата професија мора да го менаџирате стресот затоа што тој го блокира мозокот и под стрес не можете да размислувате и да работите нормално.
ММ: На што Ви асоцира „пролетта на животот“? А, „нова политичка пролет“?
Х. Ш.: „Пролетта на животот“ ме асоцира на латинската поговорка „Dies јuventutis similes sunt diebus veris“, односно „Деновите на младоста се слични со деновите на пролетта“. Пролетта е асоцијација на нови почетоци и достигнувања, на нови планови и надежи. Не верувам во „политичка пролет“, тоа е обична политичка флоскула.
ММ: Играте голф, така? Има доволно интересенти? Каков е голф-плацот, со 18 дупки e? Или се работи повеќе за импровизација?
Х. Ш.: Последните десетина години започнав да играм голф заедно со моите најблиски пријатели, 7-8 ентузијасти со кои го формиравме голф-клубот Охрид - ЦЖГ. Последнава година со несебична помош на локалната самоуправа, а секако и со помош на спонзори и пријатели на клубот, во фаза е изградбата и изведбата на голф драјвинг ренџ, односно место за вежбање голф. Да не бидам погрешно разбран, не се работи за целосен голф-терен, како што знаете за тоа се потребни огромен простор и средства. Ова место за брзо ќе биде единственото во државата каде што ќе може да се игра голф, ќе го побуди интересот на многумина за развојот на овој спорт кај нас, а воедно ќе послужи секако и за збогатување на туристичката понуда во Охрид.
ММ: Какви манири се карактеристични за џентлмените? А, какви не?
Х. Ш.:Покрај класичната дефиниција за џентлмен - љубезен господин со изграден стил и манири на однесување, во пошироката дефиниција сигурно би ги додал и хуманизмот како врвна човечка карактеристика, филантропијата и повисоката општествена одговорност. А, сосема сротивното, како на пример мизантропијата, снобизмот и малограѓанството, никако не оди со џентлменството.
ММ: Дали навистина постои нетрпеливост меѓу охриѓаните и скопјаните или се работи само за мит?
Х. Ш.:Непостои никаква нетрпеливост помеѓу охриѓании скопјани, се работи само за мит. Напротив, мислам дека охриѓани и скопјани не можат едни без други.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Харалампие Шокаровски