Лаф-муабет со Иван Дургутов: Кавалер може да биде само космополит, човек што не е надмен и кој верува дека луѓето се создадени да се сакаат, а предметите да се користат
Доколку би требало да се опише само со една
реченица, неговите соученици од средно го сториле тоа најдобро што може. „Човек
кој би поместил и планини за она во што верува“ е донекаде и водечката идеја во
животот и работата, па дури и пројавата на младиот европски амбасадор кој лани
се здоби и со уште една престижна функција, извршен директор на Европската
бизнис асоцијација во Скопје - Иван
Дургутов. Негов спиритус, и мовенс и агенс, секако дека е подлагањето на
европскиот начин, стил на живеење и неминовно, прифаќањето на европската
култура. Всушност и дејствувањето на ЕБА е инспирирано од вредностите на
Унијата. Без оглед на фактот дека уште како тинејџер се восхитувал од убавината
на „старата дама“, вљубен во обединета Европа - карактеризирајќи се себеси како
еврофил, сепак е самокритичен во однос на македонската евроинтеграција, со цел
да укаже на грешките, слабостите... Инаку е либерал по убедување, доктринарно
пред сѐ.
Со него си муабетевме и за џентлменството, кавалерството и за патувањата, италијанската кујна и за односот со неговата мајка и за гардеробата, вклучително и гаџетите, и за онлајн „дијалогот на глувите“... Искрено, отворено - слободоумно, какви што му се впрочем и сфаќањата.
ММ:Разговорот ќе го започнеме со Вашата работа, дејствување... Како млад европски амбасадор, кои се Вашите најголеми заложби, т.е. за какви вредности се заземате? Вие сте либерал по убедување, така!? Овде матрицата е инаква, мнозинството е вкалапено во партиската шема, личните интереси се доминантни... Во која насока се движиме?
И. Д.:Мојата најголема заложба е оставање на подобра околина околу мене од онаа на која јас наидов. Со други зборови, силно верувам во целосна „европеизација“ на македонското општество, но онаа вистинската. Сакам трансформација и заживување на европските вредности - денес и веднаш, кои секако не се „исклесани во камен“ и се жива материја - се менуваат, прилагодуваат, усовршуваат. Во однос на насоката во која се движиме, дали е поради мојот микросвет во кој одлично функционирам, дали тоа е мојот непоправлив и вечен оптимизам - верувам дека се движиме. Додека човек се движи, секогаш сакам да гледам дека тој се движи прогресивно. Сакам да верувам дека тоа е така, иако сум потполно свесен дека брзината со која треба да се движиме напред не е онаа потребната. Сѐ уште овде дискутираме за некои основни нешта и стандарди кои во поразвиениот свет кон кој се стремиме се одамна апсолвирани. Различните мислења секогаш се добредојдени и посакувани, но не можеме да валидираме мислење декапосле среда доаѓа петок во седмицата.
ММ: Истовремено ја вршите функцијата извршен директор на Европската бизнис асоцијација во Скопје, инспирирана токму од вредностите на Унијата. Од друга страна, Македонија се соочува со низа проблеми, тешкотии. Асоцијацијата постојано укажува на негативното влијание на политичката криза врз економијата во широка смисла на зборот, со години. Се презема ли нешто? Повеќе од потребна ѝ е вивификација, очигледно.
И. Д.:Да, измината година за мене значеше и нов подвиг на професионален план, односно почеток со менаџирањето на Европската бизнис асоцијација и нејзиниот секојдневен крвоток. Уште од своите тинејџерски денови, западната цивилизација, а особено сето она што го симболизира старата дама и убавица - Европа беше предмет на мој восхит. Оттаму и поврзаноста со европскиот начин на размислување, делување и живеење ми е многу блиска и токму така и започнува мојот ангажман во оваа бизнис асоцијација. Неуморно работам и ќе продолжам да работам на промовирање на пазарната економија, претприемништвото, атрактивноста на „недржавниот сектор за вработување“. Како држава имаме минато во кое економијата се одвивала на сосема спротивен начин, но потенцирам дека промените се потребни, но и присутни. Секојдневно се трудам низ разговор и работа да ги инспирирам младите луѓе за размислување надвор од кутијата и за неконвенционален пат на градење на сопствената кариера. Мала земја сме, но доста и доволно долго го користиме тоа како изговор. Сведочиме и за еден куп други земји со сличен број на население и големина на територија, кои од економска гледна точка треба да ни претставуваат репер и локомотива за движење напред.
ММ: Македонија во овој момент - онаква каква што е, дали го заслужува местото во ЕУ - искрено? Настрана субјективноста, желбата... Скопје во исто друштво со другите европски метрополи? Или пак сметате дека Унијата ни е повеќе од потребна за да се оправиме?
И. Д.:Споменав дека лично се доживувам како вистински „еврофил“, а тоа го добивам и како забелешка од блиските, дека навистина сум вљубеник во идејата за обединета Европа, меѓутоа тоа не значи дека не сум самокритичен во однос на нашиот пат кон Европската Унија, но и во однос на отвореноста и подготвеноста на Унијата. Сите релевантни показатели укажуваат на неспорниот факт дека, меѓу другото, наш клучен трговски партнер, наш најголем сојузник во надворешната трговија е токму ЕУ, а ова истовремено е проследено и со релативно високата поддршка која зачленувањето во оваа заедница континуирано, па и по сите предизвици го добива од македонските граѓани. Од друга страна, пак, морам да истакнам дека и самата Унија со моменталните 27 земји членки е толку разнолика, уникатна, што е всушност и нејзина компетитивна предност. Со ова сакам да кажам дека кога говориме дали Скопје може да биде во исто друштво со метрополите од калибарот на Мадрид, Париз или Стокхолм, верувам дека секој на свој начин придонесува кон она целото - да уживаме во разликите и да се надополнуваме. На Унијата не гледам како на „строг родител“ кој ќе треба да се справи со детето кое не е умно, туку како на поддржувач кој својата поддршка за наше подобро утре ја покажува низ многу канали. Наше е да ја препознаеме, ползуваме, но и да не заборавиме на нешто што во англискиот јазик се вели „позитивна условеност“. Безусловна помош можеме да бараме само дома, во рамките на потесното семејство, а дипломатијата, меѓународните односи и светот функционираат така како што функционираат.
ММ: А, менталитетот на македонскиот народ - а пропо европеизацијата? Неговите особини, склоности - колку се близу до европската култура, начин на живот? Или далеку, сеедно. На што треба да се поработи?
И. Д.:Менталитет, именка за која нема заменка во македонскиот јазик и општоприфатен поим без соодветна дефиниција би рекол. Искрен да бидам, секогаш се противам кога ќе чујам дека луѓето во или од Македонија не ги бива, не знаат ова или она, не можат ова или она - не се согласувам, луѓето кои не ги бива за нешто имаат име и презиме, исто како што имаат и оние многумина извонредни умови од земјава кои „растураат“ дома, но и во светски рамки. Менталитетот на македонскиот народ не е идеален, а таков не е ниту на еден од најразвиените светски народи. Она што не смееме да го испуштиме од вид е „менталитетот“, однесувањето и навиките на Македонецот кога се наоѓа надвор од својата земја и истите да ги споредиме со моментот кога истиот се наоѓа во својата татковина. Тоа е тоа на кое треба да се работи и во тоа ја лоцирам „вината“ за толку често обвинуваниот негативен менталитет кај нас. Очајно потребен ни е функционален систем, ред и поредок и притоа да нагласам дека системот и институциите сме сите ние. Институциите не се зградите во кои се наоѓаат, туку луѓето кои работат таму и кои се опслужувани во тие објекти.
ММ: Наголемо се говори за егзодусот на мозоците, одлевањето на интелектуалците (брејндрејн)... Според Вас, можен ли е брејнтраст или пак сметате дека трустот на мозоците веќе е невозможен? Притоа и мислам на вонпартиските интелектуалци.
И. Д:Како човек многу верувам во придобивките на отворениот свет, дека мобилноста, движењето е основна човекова карактеристика и предност на векот кој го живееме. Патувањето, запознавањето на други култури и луѓе, учењето и осознавањето надвор веќе не се луксуз каков што биле некогаш и следствено, верувам дека одливот на мозоци е делумно и природна појава. Ние можеме бескрајно да дискутираме за подобар образовен и здравствен систем, повисок животен стандард и побезбедна средина за живот, но луѓето се движеле и ќе се движат. Не сум голем поборник на долгите дебати за тоа како да ги вратиме луѓето назад во Македонија, особено младите, туку повеќе сакам да зборувам за тоа како да го видиме, препознаеме и употребиме потенцијалот кој лежи во нашите сограѓани во разни делови од светот. Во дигиталното време во кое живееме, со удопствата кои информатичката технологија ни ги нуди, бесполезно е да се врзуваме за нечија физичка локација и така да градиме ставови. Сите мозоци кои од ова парче земја се вивнале толку високо во други земји за мене се огромни амбасадори на нашата земја и како такви треба и да ги доживуваме. Не да елаборираме дали треба или не да имаат избирачко право, не да ги обвинуваме зошто ја напуштиле Македонија, ниту пак да им завидуваме и да им ласкаме туку едноставно да разбереме дека секој еден убав збор надвор, секоја една позитивна постапка претставува културна, економска, па и секаква друга дипломатија и во тоа треба да е убавината на земјите со бројна дијаспора како македонската. Вие можете да ја помагате својата земја, да работите за својата земја, независно каде сте и од каде го правите тоа. За жал, требаше да ни се случи корона-кризата за на овие простори да се растеретиме од притисокот за физичко присуство и присутност и да почнеме да гледаме кон суштината, а не кон формата.
ММ: Автоопсервацијата исто така е нешто што ни недостасува, генерално. Во поглед на испитувањето на својата сопствена совест, каква е Вашата филозофија? Велите дека и мудроштините на младите не се исклучиви.
И. Д.:Светски докажано е дека поефективни тимови се „мешаните“. Тоа се тимовите со поголем родов баланс, тимовите составени од луѓе со различни националности, тимовите со различна возрасна структура. Како млад човек несомнено верувам и се гордеам со македонската младина, но и со повозрасните - нашите родители, колеги на работа, професори, комшии. Сигурен сум дека рецептот за успехот лежи во здружените сили и во спротивставувањето на „ејџизмот“. Младоста носи нов дух и поширок хоризонт, затоа велам да ги полниме годините со живот, а не обратно, животот со години.
ММ: Важите за амбициозен млад човек, со бројни ангажмани. Ме интересира, кон што се стремите? Какви се Вашите амбиции за во иднина, лично? За што сте подготвени да поместите цели планини ако треба, како што Ве опишуваат и соучениците од средно?
И. Д.:Благодарам за убавиот опис - „човек кој би поместил и планини за она во што верува“. Роден сум на последниот ден од хороскопскиот знак јарец, а некаде тој ден е заведен и како прв ден на знакот водолија, па имам и мала хороскопска идентитетска криза, ха, ха, ха! Нејсе, ова го велам не за друго туку да потенцирам дека верувам во индивидуалноста на секој човек, верувам во неограничениот потенцијал на човековиот ум и верувам дека таа неограниченост мораме да ја користиме само за добро. Амбициозноста е моето друго име, а истата на моменти приватно ми претставува и своевидна пречка. Едноставно не прифаќам „не“ - „не можам“ одамна е исфрлен од мојот речник и целам истиот да го барам и од мојот најблизок круг на луѓе. Планини би поместил и поместувам за неколку луѓе кои за мене живот значат, кои се „цел парк со ветерници“ во грбот на Иван и со кои уживам да го започнам и завршам денот исполнет со многу точки на агендата.
ММ: Кога е Вашата мајка во прашање, говорите со пиетет - ја истакнувате поврзаноста со неа, поддршката... Велите дека таа е пример, модел на вистински, прави вредности - за еден здрав, правилен однос меѓу родител (мајка) и дете (син). Што мислите, дали манирите произлегуваат од домашното воспитување, џентлменскиот однос на пример?
И. Д.:Мојата мајка е мојата слаба точка. Велат дека секое дете ги сака своите родители, велат дека секој родител ги сака своите деца на свој начин, но немам дилема - мојот однос со мојата мајка е посебен во многу погледи. Живеам за моментите во кои таа е горда на мене, за телефонските разговори, кога без да знае слушам како со восхит раскажува за мене и моите достигнувања на нејзините пријатели и на роднините. Неописливо чувство, емоции и морници. За мене жената како човековото битие заслужува вечна почит и затоа и дејствувам професионално кон тоа да имаме поеднаков и поблагодарен свет. Семејството е основната клетка и фактор за прва социјализација, а јас ја имав привилегијата да растам во семејство со „фармацевтката Ели“ која е непресушен извор на Ивановата инспирација и поим за човекови вредности по кои постојано трагам и во другите луѓе.
ММ: Според Вас, кои се признаците на џентлмените, кавалерите - нивните обележја? Се чини дека останаа исклучиво на хартија. Се согласувате или...?
И. Д.:Џентлмен, кавалер, господин човек - како тоа и да звучи - верувам дека постоиме, дека уште нѐ има, дека не сме ендемски видови, ха, ха, ха! Верувам во џентлменството како начин на размислување, како сет од животни навики и практики за почит кон луѓето околу нас. Не сум некој поборник за џентлменство кон „понежниот“ пол, туку за џентлменство кое цели кон тоа да го уважи времето кое како најскап ресурс ви го доверил некој. Кавалер може да биде само космополит, човек што не е надмен и кој верува дека луѓето се создадени да се сакаат, а предметите да се користат. На долг рок спротивното никогаш не функционира. Впрочем, како што вели и самата книга „Сакајте ги луѓето, користете ги работите: Затоа што спротивното никогаш не функционира“ од авторите Џошуа Филдс Милбурн и Рајан Никодемус.
ММ: Кога се работи за стилот на облекување, пак - можете да ни кажете на кој начин се градеше тој, што влијаеше на неговиот развој, т.е. од кого учевте? Имајќи го предвид фактот дека модата во последните неколку години е потполно безлична, ме интересира - кои парчиња се класика за Вас, во широка смисла на зборот?
И. Д.:Мајка ми, честопати и на шега, знае да рече дека стилот ми е наследен од дедо ми Ико (Илија Дудин). Тој човек, чија приближна верзија на името ја носам, еден маркантен лик од Тиквешијата, долги години ангажиран во сферата на образованието, по кажувањата на мајка ми бил човек што обожувал костуми, вратоврски и чевли. За жал, почина кога бев многу мал и немав среќа да бидам повозрасен за свесно да го запознаам и да црпам од неговите манири и елеганција. Во однос на облекувањето, сакам сакоа и кошули, не сум некој љубител на тренирки, но затоа пак обувките (патики, чевли, чизми, еспадрили, мокасини) зафаќаат најголем дел од мојот плакар. Стојам зад тоа дека изгледот говори за вас и без да проговорите и согласно тоа, сметам дека важен дел од нашето секојдневие е и тоа како изгледаме. Секако, ништо максималистичко и се подразбира, надополнето со „внатрешна“ убавина и харизма.
Блиц прашања
ММ: Ја споменавме безличноста - стопувањето во мнозинството, по секој основ, како да се бега од индивидуалноста. Што мислите, важна ли е оригиналноста, т.е. истакнувањето со неа, пројавувањето на посебните карактеристики, особените квалитети...? Кои се Вашите, и во однос на гардеробата, но и сеопшто?
И. Д.:Како либерал во идеолошка смисла, „вкалапувањето“ никогаш не ме привлекувало. Не сметам дека мораме по секоја цена да се движиме во правецот во кој моментално се движат повеќето, знаејќи дека уникатноста, како карактерна, така и физичка или естетска, е таа што се памети. Едноставно луѓето треба да се чувствуваат убаво во ваше присуство, да сакаат да чујат нешто од вас и тоа е мојата водилка низ деновите. Помалку критика, поширок дијапазон и разбирање на оние кои не се како нас и многу голема умешност за тонот и начинот на кој ги кажуваме работите, тоа е она што го претпочитам.
ММ: Како ги бирате гаџетите? Од што се раководите - потребите, новитетите, дизајните?
И. Д.:Се водам од тоа „помалку е повеќе“. Имам аверзија кон жиците и како поединец кој е огромен љубител на технологијата, многу ги сакам безжичните слушалки, полначи, оптичкиот интернет и сето она што е без кабли, по можност. Не робувам и не сум во трка по најновите варијанти на сите можни гаџети и уреди, но секојдневно при рака, покрај телефонот, ми е и мојата патувачка канцеларија - лаптопот, таблетот и слушалките.
ММ: Ми се чини дека со интернетот го загубивме и чувството за дијалог, особено кога треба да се аргументира - „избриши“ (анг. delete) е единствената опција, би рекол: другото име на „дијалогот на глувите“. Каде води сето ова? Комуникацијата, општењето..., разговорите се особено важни - можеме ли да му се спротивиме на „трендот“, како?
И. Д.:Донекаде и разбирливо е зошто интернетот во многу случаи го употребуваме како параван на безброј нешта кои ги сметаме за негативни или помалку драги од порано. Јас, гледајќи ја другата страна на монетата, верувам дека интернетот всушност само ги направи повидливи сите оние работи кои отсекогаш постоеле. Тренд е новите технологии и интернет-врската да се наведуваат како причини за отуѓување на луѓето, за нивна помала или површна меѓусебна комуникација, за неверство итн. Сите сме слушнаме дека денес луѓето, децата, возраснитепремногу време поминуваат „онлајн“, а порано тоа не било така, меѓучовечките односи биле подобри и слично. Јас, пак, само ќе се сетам на една фотографија од минатото, во јавен превоз, кога телефоните можеби не биле толку актуелни како денес, но печатените дневни весници и тоа како биле. Фотографијата ни укажува дека и тогаш сопатниците „не се кршеле“ од разговарање и повторно, сѐ е до индивидуата. Јас имам блиски луѓе со кои, кога ќе излезам, заборавам на мобилниот телефон и сите омилени гаџети, а мејловите тогаш дефинитивно ќе го почекаат светлото на утрешниот ден.
ММ: Во контекст на горенаведеното, како ги доживувате патувањата? Од што се инспирирате кога ги избирате дестинциите за нив? Со кого обично патувате приватно? Како се вели, на пат не се оди со секого. Што го побудува Вашиот интерес на патувањата - најмногу?
И. Д.:Најотворено, патувањата се еликсир за мојата среќа. Неверојатен начин за полнење на батериите, за подобрување на менталното здравје.... За мене нема ништо поточно од „патувањето е единственото нешто што го купуваме, а нѐ прави побогати“. Уживам да бидам во движење, да патувам со авион, автомобил, воз, автобус. Не знам да мирувам. Сакам неоткриени дестинации, локации кои не се конвенционални и толку многу веќе видени, но секако дека сакам на листата да ги „штиклирам“ и најпознатите светски туристички градови. Во оваа прилика би споменал едно од последните патувања, во Дубаи. Тој емират, тој град толку многу ме фасцинираше и ме остави без зборови по толку многу претходно видени други светски места што сега ми е појасно зошто многумина го сметаат за држава, нарекувајќи го така, ха, ха, ха! Фасцинантно - имајќи ја предвид временската рамка за градење на таква инфраструктура. Околу друштвото и сопатниците, сакам да патувам со семејството, пријателите, сакам и бизнис-патувања, но имам и неколку еднакво прекрасни патувања на кои сум патувал и сам, во посета на драги луѓе во други земји.
ММ: Кујната е неразделна од нив, патувањата. Се интересирате за готвењето - сакате нешто специјално приготвено? За новогодишните празници ја посетивте Италија чија кујна е прогласена за број еден во светот за 2022-ра, по избор на „TasteAtlas“. Кој деликатес Ви е омилен, не само италијански туку и воопшто?
И. Д.:Да, претходната година ми заврши и новата ми започна со италијанските специјалитети. Неверојатно, но вистинито, би можел буквално секој ден да се хранам на италијански начин. Таљателите или како што се смееме со пријателите - „италијанските јуфки“ ми се најдраги од тестенините, а пицата со четири видови сирења е неизбежна при секоја посета на Италија, но и не само таму. Од интернационалните јадења, бургерот како нешто што веќе успешно се премести од сендвичарниците во рестораните често знамда го нарачам како избор за ручек. За жал или за среќа, повеќе сакам да јадам отколку да готвам, но сепак не сум толку лош ни во кујна.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Иван Дургутов