Вистина или мит: Дали навистина мажите полесно поднесуваат алкохол од жените?

Често се вели дека мажите полесно поднесуваат алкохол од жените, но зад оваа изјава стои и биолошка основа, а не само мит. 

Лекарите објаснуваат дека машкото и женското тело различно го преработуваат алкохолот, што влијае на тоа како тој се одразува врз организмот.

Мажите во просек имаат поголема телесна маса и поголем процент вода во телото. Тоа значи дека алкохолот побрзо се разредува, а концентрацијата во крвта е пониска во споредба со истата количина што би ја испила жена. Жените, пак, имаат помал процент вода и повисок процент масно ткиво, што го забавува разградувањето на алкохолот.

Дополнително, женскиот организам произведува помалку од ензимот алкохол дехидрогеназа, кој го разградува алкохолот во желудникот. Како резултат, поголем дел од алкохолот директно навлегува во крвотокот.

Тоа не значи дека мажите се имуни на ефектите од алкохолот – само дека истата количина има побрз и посилен ефект врз женскиот организам.

Стручњаците предупредуваат дека толеранцијата кон алкохол не е мерка за здравје. Иако мажите можат да испијат повеќе без веднаш да се почувствува ефектот, долгорочните последици се исти за двата пола. Алкохолот секогаш бара одговорност, без оглед на полот.

Freepik