Лаф-муабет со Костадин Богданов: Градењето авторитет преку скапоцени предмети е значаен показател за интелектуално осиромашување на општеството и во морална и во културна и во духовна смисла
Како директор на Бирото за застапување на РМ, до 2017-та
ја претставуваше, односно истапуваше во име на државата во Стразбур, пред Судот
за човекови права, но денес ги застапува домашните лица чии жалби во најголем
број се однесуваат на повредата на правото на праведна или фер постапка тука,
во Македонија. Не толку одамна и докторираше на истата тема - правично судење,
на скопскиот Правен факултет. Истовремено ги пренесува знаењата, искуствата во
Академијата на судии и јавни обвинители, преку обука. Неговиот курикулум
навистина е импресивен од неколку причини, меѓу нив и обемноста. И
добротворството како дел од истиот, вклучително и начинот, стилот на живеење, помагајќи
на луѓето од ранливите категории. Тој инаку е член на лајонс-клубот „Камен
мост“.
Денешниот лаф-муабет со Костадин Богданов чија адвокатура е долгогодишна (своето адвокатско друштво го отворил во 2004-та), во исто време е и сеопфатен и разнообразен. Говориме за немањето доверба во правосудството, за состојбата на адвокатската дејност, за неговиот фах моментално, работните обврски.., неизоставно и за вообичаените или темите од типот на стил, начин на облекување, патувања, кулинарство... Се разбира, ги зачнавме и прашањата за угледот, снобизмот, па и елитизмот. А, која е „тајната“ на несреќата во Македонија, на жителите заради високото котирање и во балкански и во европски рамки, ќе прочитате во продолжение... Од самите одговори ќе ја увидите и неговата приземност како човек.
ММ: И покрај тоа што лаф-муабетот има цел да ги разоноди луѓето - нашите читатели, ќе го започнеме со разговор за ситуацијата, состојбата на правосудниот систем во Македонија и недовербата на граѓаните во него. Каква е таа, односно дали немањето доверба е оправдано? 92% од жителите на државата се изјаснија дека правосудството е гнило. Какви реформи се неопходни? Дали неговото, изделувањето на правосудниот систем од политиката, од „приватната сопственост“ на владејачките партии ќе го реши проблемот?
К. Б.:Искрено кажано и самиот бев фрапиран од поразителните бројки кои беа презентирани за (не)довербата во судството. Но, сепак, мора да се каже дека станува збор за долгогодишен, повеќеслоен проблем кој, за жал, наместо да се подобрува, од година во година се влошува сѐ повеќе. Основен чинител на недовербата е секако корупцијата, и тоа на различни нивоа и по различни основи, за која сите истражувања говорат дека е широко распространета во правосудниот систем. Неретко се случува и самите странки на првото влегување во канцеларија прво да прашаат дали го познаваме тој и тој судија, па дури потоа да го презентираат предметот. Ироничен е фактот што на сите општествени чинители им е добро познато дека судскиот систем треба да биде основниот пилар за градење на едно цивилизирано и напредно општество, но сепак и поединците и групите и политичарите и бизнис-заедницата се подготвени за целосно „општествено неодговорно“ да го корумпираат системот поради лични, единечни, краткорочни бенефити кои од друга страна оставаат долготрајни последици врз државата и правораздавањето. На крајот од денот, системот е само одраз на постапките на чинителите и учесниците во него. Однадвор никој не го корумпира. Секако, дополнителен лош впечаток за правосудството оддаваат и недоволно образложените судски пресуди кои најчесто се резултат или на брзање или на недоволна стручност во нивната подготовка, па се случува и одредена правична одлука, а заради лошата правна аргументација во неа, да оддава впечаток на корумпиран производ. Во судските спорови секогаш имате една од страните која е незадоволна од исходот на постапката од причина што речиси секогаш и двете спротивставени страни имаат сопствени аргументи кои им даваат право да веруваат дека се во предност. Ретки се црно-белите предмети. Задачата на судијата е преку единствениот медиум - пресудата на јасен начин да ја „убеди“ страната која не успеала во спорот дека сепак аргументите на спротивната биле посилни, па затоа и „вагата“ натежнала повеќе на таа страна.
Светла точка во овој простор, а која дава надеж дека состојбите можат да тргнат на подобро е секако Академијата за судии во која, вклучително и јас како предавач во почетна и континуирана обука, повеќе од 8 години се обидуваме на судиите и обвинителите да им ги пренесеме сите искуства и модерните европски текови во примената на правото преку судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и Судот на правдата во Луксембург.
ММ: И адвокатурата е дел од правосудството. Каква е, пак, нејзината состојба, ситуацијата со неа? Иста? Ме интересира што мислите, дали се запазува етичкиот кодекс, вклучително и традиционалните вредности на оваа дејност? Како изгледа моралниот лик на еден адвокат, односно би требало да изгледа?
К. Б.: Состојбата со адвокатурата може да се каже дека се подобрува, генерално. Забележливи се напорите на Комората да ја издигне фелата на попрофесионално европско ниво, како во смисла на етичкото однесување на колегите адвокати, така и во смисла на нивната стручна надградба. Сѐ повеќе млади адвокати квалитетно настапуваат со сериозни аргументации во предметите кои ги водат пред сите судски инстанци, па доколку мене ме прашате, би можело да се тврди дека поголемиот дел од правниот квалитет во моментов е надвор од судот. Причините за тоа лежат во материјалниот аспект, но и во интензивноста и креативноста која ја нуди адвокатурата како професија, за разлика од судството кое сѐ повеќе се сведува на рутина - исполнување на зададени рокови, постигнување на зацртани норми, антиципирање како повисокиот орган ќе ја префати одлуката на понискиот или со еден збор - сѐ повеќе добива примеса на бирократија.
Не треба да се заборави дека адвокатурата е јавна професија, како таква заштитена и со Уставот, чија основна улога е правната помош во заштита на правата и слободите на граѓаните, особено во делот на правичното и фер судење. Од тие причини, а заради усовршување на колегите, нашата адвокатска канцеларија веќе петта година по ред издава квартален електронски билтен во кој се содржани современите судски ставови на Европскиот суд за човекови права заради нивна примена пред домашните судови. Интересот за овој билтен кај колегите адвокати навистина е голем, па речиси секој број има повеќе од 4.000-5.000 прегледи што лично ми причинува големо задоволство.
ММ: Тука, пред нашите органи, всушност, ги застапувате правните лица од странство, а во стразбуршкиот Европски суд за човекови права - домашните. Какви се повеќето жалби што ги поднесувате до судот, на што се однесуваат? И, следователно, какви се поголемиот број пресуди? Дали со некоја судска одлука се чувствувате горд, најмногу? Од неодамна членувате и во Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет.
К. Б.: Во моментов, како адвокатско друштво, може да се каже дека така сме поделени. За разлика од моите колеги од канцеларијата, кои повеќе се фокусирани на домашните органи и странските правни лица, јас лично сум повеќе фокусиран на домашните лица пред Европскиот суд за човекови права. Можеби тој личен фокус претставува логичен сплет на околностите, доколку се има предвид дека повеќе од седум години бев застапник на државата пред судот во Стразбур, па сето тоа искуство и знаење сега во моментов ми е од корист. Дополнително, на темата правично судење неодамна докторирав на Правниот факултет во Скопје, па и тоа повеќегодишно истражување, особено во областа на азилот ми беше дополнителен мотив да се преземат одредени конкретни чекори. Инаку да, имаме голем број предмети и апликации пред Европскиот суд за човекови права од различни аспекти, како неоправдани притвори, недоволно образложени домашни пресуди, повреди во управни постапки, но најголемиот број жалби се однесуваат на повредата на правото на правична/фер постапка. За жал, сѐ уште голем број процесни решенија во законите, но и судската пракса во одреден дел е спротивна од конвенцијата за човекови права и слободи. Сѐ уште се чувствува отпор кај судиите и другите чинители, иако значително намален во последните неколку години, за прифаќање на современите европски стандарди, но како што кажав и предмалку - Академијата за судии преку обуките суштински го олеснува тој процес. Поканата да станам дел од Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет за човекови права навистина ме израдува бидејќи ја подразбирам како еден вид признание на моите досегашни активности во областите кои ги покрива комитетот, но и можност да се даде дополнителна енергија на канализиран начин за изградба на едно поправедно општество. Во таа насока е и соработката која ја имаме со Здружението на новинари на Македонија - ЗНМ за кое неодамна подготвивме интересен прирачник за нивна поголема заштита од физички и вербални напади преку измени на Кривичниот законик, но и соработката со Здружението на млади правници и УНХЦР која трае веќе подолг период, а фокус на интерес ни се лица баратели на азил и супсидијарна заштита.
ММ: Курикулумот Ви е навистина импресивен, морам да признаам. Се разбира, не може да се опфати сѐ. Во некоја друга пригода... Долгите и кратките престои во странство, како на пример во Мастрихт на постдипломски студии, во американската метропола - Вашингтон како алумнус, во Стразбур одите често.., Ве променија во смисла на сфаќањето за животот, правилното се разбира и неговата крајна цел - евдемонизмот на пример? Што „ископиравте“ оттаму? Дали го применувате? Секако, мислам на стилот на живеење.
К. Б.: Секако дека тие престои имаа големо влијание врз мене, не само на професионален план, туку и во една поопшта смисла, на мојот поглед кон светот, кон битието, кон мојот карактер. Веднаш по завршување на скопскиот Правен факултет се преселив во Холандија, во Мастрихт, на постдипломските студии за меѓународно и компаративно право, на две години. Таа холандско-фламанска школа на правото и ден-денес провејува низ сите мои професионални размислувања. Дополнително, Мастрихт е студентски град каде што секоја година престојуваа(т) повеќе од десет илјади студенти од цел свет, преку различни студентски програми. Секојдневното дружење со нив ми беше исклучителна можност да ги запознаам различните култури и начини на живеење, сфаќања и восприемања на животот и животната филозофија. Особено се дружевме со колегите од Франција, кои патем беа прилично затворени за дружба со останатите и претпочитаа да се „гетоизираат“, но, еве, подоцна кариерата повторно ме спои со Франција и со Стразбур кој, пак, за волја на вистината е најмалку репрезентативен пример за француското општество и лежерниот стил на живеење. Вашингтон, од друга страна, но и САД генерално, е сепак едно друго ниво, многу поразлично од европскиот стил и начин на живеење. Веднаш се чувствува експлозивната енергија, самодовербата, доминацијата, брзината, но и разбирањето кон другиот. Доколку би можел да избирам, би сакал да сум Американец во првата половина од денот, а Французин во втората. Ха, ха, ха!
ММ: А, приватно каде вообичаено патувате, со фамилијата? Претпочитате нови дестинации, можеби се враќате на старите, проверените..? Дали ја познавате доволно Македонија? Кој дел Ви е омилен, каде шетате? Или повеќе ги фаворизирате оние во странство?
К. Б.: Семејно често престојуваме во Маврово за време на викендите, но понекогаш знаеме да отседнеме и во Кратово, со оглед на тоа дека родителите ми потекнуваат оттаму. Самостојно ја пропатував речиси цела Македонија, што од професионалните адвокатски обврски, што од партиските обврски како член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, функција која бараше интензивни посети и на најмалите општини. Патувањата во странство секогаш ни се омилениот дел на сите во семејството и ретки моменти кога сите сме расположени и на собир. Ха, ха, ха! Можеби најчесто, со сопругата, сме патувале во Италија, земја која ве разгалува уште од првото стапнување на тлото, но доколку ги прашам децата, нивен прв избор секогаш е Дубаи.
ММ: За што имате голем мерак? За кулинарство, гастрономија можеби? Дали сте љубител на виното - енофил? Според Вас, што е долче вита (итал. dolce vita), а што не? Вашата интерпретација каква е? Патем говорите италијански покрај англиски. Ја споменавте Италија, Ве инспирира стилот на живеење на Италијанците, во неа?
К. Б.: Како што споменав претходно, Италија некако ми е врежана како синоним за долче вита. На некој начин таму сѐ прави да се чувствувате убаво и живо. Отвореноста и енергичноста кај мажите или прифатливата дрскост и убавина кај жените, безвременски врежаната историја, начинот и стилот на облекување и комуникација, ѕвонливиот јазик, хармонијата и секако, италијанската кујна. Да бидам искрен, ги почитувам и уживам во сите стилови на готвење, без оглед на тоа дали станува збор за кинеска или мексиканска кујна или пастрамајлија или суши. Особено уживам во кулинарските способности на мојот најстар син кој, за разлика од мене, е пасиониран приготвувач на храна, така што речиси сите рецепти од Тикток и Јутуб ги имам пробано. Ха, ха,ха! Со оглед на тоа дека сум љубител на јагнешко месо, чест посетител сум на гостилницата „Кај Перо“. Уживам во добро вино, но не се сметам за енофил. Искрено кажано, повеќе уживам во добра книга, роман отколку во чаша добро вино, особено пред крајот на денот, но комбинацијата од двете секогаш е идеална.
ММ: Околу начинот, стилот на облекување, забележливо е Вашето придржување на кодексот. Пригодата (рочиште, предавање, конференција...) Ве инспирира што да облечете? Или моменталното чувство? Повеќето не внимаваат на тоа. Сепак, што Ви е слабост? Кои парчиња облека?
К. Б.: Секако дека многу внимавам да бидам соодветно облечен на пригодата. Со оглед на професијата, тие се најчесто формални парчиња облека, а меѓу нив темносиното ми доминира како најфлексибилно за комбинирање. Монотонијата на белата кошула со темно одело најчесто ја разбивам со дезенирана кравата или впечатливи копчиња за манжетни. Сакам да носам брендови и тоа ми е врежано уште како дете кога заштедениот месечен џепарлак го трошев на една маица во бутикот „Форум“ на Рекорд. Не купувам некои екстравагантни или екстремно скапи работи, особено не аксесоари како ташни или саати. Но, за добра кондура секогаш сум расположен за внатрешна дискусија. Ха, ха, ха!
ММ: Дали брендот Ви е супстанцијален, битен во купувањето гардероба? Неоспорна е поврзаноста меѓу трговската марка и големиот квалитет. Мислам на поскапата, се разбира. Која Ви е омилена? Може ли човек да се облече убаво, а евтино? Притоа не мислам на сезонските попусти. Класиката vis-à-vis трендовската облека, на кого му давате предност?
К. Б.: На прва веројатно би рекол дека Армани како бренд ми лежи најмногу, и по вкус и по цена, секако. Нема многу експерименти во неговите линии, но секогаш се трендовски. Особено кога може човек да начека некое квалитетно парче облека на некој сезонски попуст од 50% до 70%, па и дополнителни 10% такс фри - тоа е најслатко. Е, сега, проблемот е што мора да се отпатува до Пандорф или до Новента ди Пјаве, но Визер има одлични конекции за дотаму да се стигне за час и половина.
ММ: Ми се чини дека сфаќањето за престижот (угледот, авторитетот) во Македонија е погрешно. Дали скапоцените, луксузните предмети (од часовници до лимузини) говорат за нечија репутација, односно реноме? Какво е Вашето становиште? Или како се здобива со углед, авторитет во државава?
К. Б.: Се сметам себеси за рационален човек и немам некоја особена пасија кон луксузните предмети. Напротив, не гледам никаква дополонителна вредност во нивното поседување, ниту од материјален, ниту од духовен аспект. Градењето авторитет преку скапоцени предмети е значаен показател за интелектуално осиромашување на општеството и во морална и во културна и во духовна смисла. За жал, го делам вашиот впечаток дека тука интелектот е сѐ повеќе запоставен на сметка на материјалното, но луѓето се конформисти - кога во прашање ќе им ги доведете основните животни инстинкти како што е преживувањето, за очекување е повеќе да гравитираат кон видливо имотните, градејќи им го на тој начин реномето и авторитетот, отколку кон личностите кои пленат интелектуално.
ММ: Оттука се наметнува и прашањето за снобизмот, снобовското држење на многумина луѓе од елитата. Кои се тие? Политичарите, партијците..? Контрадикторно, без сомневање. Во услови на голема скудност паѓа в очи. Дали се неизживеани луѓе во прашање? Впечатокот е дека политикантството зазема доминантна позиција. До каде вака, до кога?
К. Б.: Да бидам искрен, многу ми е тешко да препознаам македонска елита. Навистина не знам кого би можел да вкрстам во една таква категорија. Да, постојат поединци или групи од бизнис-заедницата кои се успешни во својата работа и се материјално посилни, постојат и поимотни политичари или други професионалци, луѓе кои се стекнале со наследство и слично, но тоа не е елита на општетството. За елита треба корен - нашето општетство не нуди услови за нејзино градење, опстојување или „негување“. Дури и погледнато од некој материјален аспект, голема е веројатноста дека тука денот ќе си го поминете исто, без оглед на тоа дали сте подготвени да потрошите 200 или 2.000 евра.
Блиц прашања
ММ: Кога се говори за родителството, како ги воспитувате своите деца? На што ги учите тројцата синови, како да се справат со бремето на денешнината или..? Моралните и другите, останатите вредности како да еродираат со огромна брзина, глацијално. Учтивоста не е баш на цена.
К. Б.: Основно е да изградат самодоверба. Да знаат дека, доколку се доволно дисциплинирани и упорни, во животот ништо не е недостижно. Да трагаат по предизвици, да се храбри и да го избегнуваат конформизмот. Да имаат почит и разбирање кон секој затоа што и мене животот ме научи дека емпатичните луѓе имаат поголема среќа во животот. Секако дека и формалното образование игра извонредно значајна улога во оформувањето на нивниот карактер и личност, па затоа нивната квалитетна образовна надградба и сега и во иднина ни е животен приоритет, и мене и на сопругата.
ММ: Дека мирисот, парфемот го враќа минатото (и блиското и далечното), сеќавањето на него - тоа е факт. Кој мирис го употребувате најмногу, сте го купиле повеќепати? Зошто? Какви ноти преовладуваат и на што Ве потсетува?
К. Б.: Веројатно тоа е Jean Paul Gaultier. Сакам да користам послатки парфеми. Втор на таа листа би бил Issey Miyake, кој е доста впечатлив и за летно време идеален машки парфем.
ММ: Како пријател на спортот, имате омилен? Што гледате на телевизија обично и дали се бавите со него? Зимата помина и скијањето. Напролет и во лето, како се одржувате кондициски, што Ве релаксира?
К. Б.: Вежбам прилично напорно, најчесто фитнес комбиниран со кардио, барем 4-5 пати неделно во текот на целата година. Од зимските спортови, вљубеник сум во бордингот и знам поприлично да се потрошам за добра опрема. Секако, фудбалот и кошарката ми се во крвта од дете, првото веројатно од некои пренесени гени од мојот татко кој на времето успеал да стигне и до резервната клупа на Динамо Загреб, а второто заради мојот спортски идол - Мајкл Џордан чиј лик со години ги красеше ѕидовите од мојата детската соба. Искрено, немав висина за посериозно да се занимавам со кошарка, но барем успеав да играм за сите училишни селекции низ годините, за Песталоци, за Никола Карев и за Правниот факултет.
ММ: Ва ту (фр. va tout) е француски поим. Секако, има фигуративно значење - ставам буквално сѐ на коцка, ризикувам сѐ. Дали некогаш сте играле хазардно? Се разбира, во животот.
К. Б.: Не сум карактер кој хазардно влегува во било што. Напротив, прилично бавно ги носам одлуките, секогаш сакам да направам темелна анализа на сѐ пред да се впуштам во нешто. Можеби најсоодветно би ме отсликала фразата I am a slow walker, but I never walk back. Ха, ха, ха!
ММ: Според истражувањето, Македонците се прогласени за несреќни луѓе, со префиксот „нај“. И тоа не само на Балканот, предводиме и во Европа. Која е „тајната“ на несреќата?
К. Б.: Па, објективно и нема некоја тајна, несреќата секогаш е последица на немаштијата, неизвесноста, изневерените очекувања, општественото назадување и бесперспективноста. За жал, овие атрибути веројатно ќе бидат уште понагласени во периодот кој доаѓа, во кој инфлацијата неминовно дополнително ќе го поскапи животот и, како и секогаш, најжестоко ќе удри врз најмалку имотните. Мислам дека нѐ очекува тежок период и тоа веќе почнува да се чувствува секаде. Но, за волја на вистината, инфлаторниот проблем е глобален, така што ниту можеме самите да го спречиме ниту, пак, самите да го излечиме. Ни преостанува само да ги позиционираме приоритетите соодветно и да се надеваме дека бранот ќе биде краткотраен, без некоја посериозна глобална рецесија.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Костадин Богданов