Лаф-муабет со Ленин Јовановски: Сѐ што поседувам сакам да биде во „екстра ларџ“ варијанта - мотори, џипови, куќи, површини, предмети...

Припишувањето на контроверзноста и нејзините пројави, својства на учесникот во денешниот разговор уште повеќе нѐ мотивира да помуабетиме со него, да ги чуеме неговите размислувања, ставови по различни прашања, теми, без оглед на водечката - љубовта кон мотоциклите, „танцувањето на две тркала по асфалтот“, групното возење на подалечни релации... Политизирањето не ни е карактеристика, но беше неминовно да го прашаме и за моменталната ситуација во Македонија и за иднината, стравувањата за неа - оправдано. Бунтовничкиот дух (темперамент) можеби е една од битните одлики на магистерот по криминологија, по бизнис и менаџмент и докторанд (темата на докторската дисертација е банкарското работење и финансиите) - Ленин Јовановски, заедно со благиот нарав. И доблеста.

Страсниот моторџија инаку е автор на книгата „Влијанието на организираниот криминал врз меѓународната безбедност и меѓународните односи“, а на книгата „Тероризам“ се потпишува како соавтор. Градскиот сообраќај е вусшност неговиот фах, поле на дејност - конкретно, автобускиот превоз. И угостителството, како партнер во кафулето „Ван Гог“.

Согласно порталната концепција и понеделничката рубрика, целта на овој лаф-муабет е иста како на другите, останатите - да ве разоноди. Независно од тоа што е лавовски, поради храброста на соговорникот.

ММ: Без оглед на нашата и целта на лаф-муабетот воопшто, а тоа е разонодата, не можеме да не Ве прашаме за моменталната ситуација во државата, сѐ што се случува со неа и внатре, но и кога се работи за надворешната политика. Скандали врзани со нечовечни постапки, меѓусебно обвинување наместо изнаоѓење заедничко решение, вклучително и префрлање на вина и слично. Ве фаќа страв, што понатаму, каде? Имате чувство дека се наоѓаме во ќор-сокак, безизлез? Дали сте оптимист?

Л. Ј.:За мене и лаф-муабетот треба да е лавовски, што значи директно, конкретно и храбро. Во принцип не сум тип на човек кој се плаши, но искрено стравувам за Македонија за чија судбина решаваат туѓинци, преправајќи се дека се тукашни. Одамна не ги чувствувам своите сонародници дека имаат чувство за доброто на Македонија. Македонскиот народ се одродува, никогаш не бил поразединет - изгледа ќе бидеме обединети само во последиците од економската криза што ќе нѐ погоди сите. Што се однесува до надворешната политика, ние одамна чекориме по тенка линија, од ќор во поќор-сокак влегуваме, така што секој оптимизам мириса на глупост. Ако се одважиме да не играме како што ЕУ ни свири по ритамот на Бугарија, туку ги мобилизираме компетентните и интелигентните со емоции кон својата земја, можеби и нешто ќе се поправи од расипаното. Така и повеќе ќе нѐ почитуваат, кога ќе имаме автентичен и непоколеблив став за колективната агенда, историја и идентитет на македонскиот народ. Знаеме дека ,,сите патишта водат кон ЕУ“, кога веќе тргнавме по патот на НАТО, но исто така треба да сфатиме дека вака сериозни политички, економски, геостратешки прашања не се решаваат по секоја цена и сечија желба. Од распадот на СФРЈ, ние изгубивме најмногу.

ММ: Многумина Ве доживуваат инаку - контроверзно. Ви пречи тоа? Што мислите, кои се причините за таквото восприемање на Вашата личност? Поради ставовите кои јавно ги кажувате или можеби е начинот, стилот на живеење во прашање? Бунтовничкиот изглед? На пример, што Ве чини поинаков од другите? Како се доживувате себеси?

Л. Ј.:Се доживувам таков каков што сум - обичен семеен човек, страстен моторџија и успешен бизнисмен. Јасно и гласно ги изразувам своите ставови поради што секој различно ме доживува, а некој и не ме преживува. Бунтовничкиот изглед е автентичен, соодветствува на моите внатрешни чувства и пориви, кои никогаш не биле комерцијални и конформистички, туку само мои - никогаш не ми било важно ,,што ќе речат комшиите“. Ја сакам слободата, но за вистински да ја имаш, треба да си со чист образ, од никого да не зависиш и никому да не должиш ништо. Тоа е мојата лична агенда и мојот животен мотив. Затоа и го сакам танцувањето на две тркала по асфалтот.

ММ: Кога веќе го споменавме начинот, стилот на живеење, можете да го дефинирате Вашиот? Се раководите од нешто - филозофија на пример? Какво е Вашето сфаќање за животот, неговата суштина? Вашата преференција, која е?

Л. Ј.:Почитувај за да те почитуваат, не го прави она што не сакаш да ти го прават, биди чесен, почитувај и остани лојален на своите принципи во секакви искушенија. Животот е прекраток за да живееме по туѓи правила и клишеа. Законот мора да се почитува, но мора да се знае и дека правдата е посилна од него. Идентитетот е света неприкосновеност, а човечноста императив во едно нехумано општество. Сакам да помагам и да споделувам добра енергија, но умеам да се заштитам од злобни луѓена свој начин. Со добриот добро, од лошиот подалеку.

ММ: Несомнено, патувањето со мотор е дел од него. Каде обично, имате омилена дестинација? Мислам на далечна, со префиксот „нај“. Што Ве привлекува особено - уживањето на слободата, брзината? Одите групно или..?Never Ride Alone е Вашето мото, исто како и на повеќето, моторџии се разбира? Како изгледа тоа?

Л. Ј.:Патувањето е моја најголема пасија и предизвик, а најомилена дестинација е секоја онаа што сѐ уште не сум ја отпатувал. Секоја дестинациија си има свој префикс „нај“, најдолга, најинтересна, најубава, најтешка...

Брзината никогаш не ми го кревала адреналинот, ниту пак сум љубител на големи брзини, а кога зборувам за големи брзини со мотор, подразбирам 200 км/ч и нагоре. Брзината на која танцувам со моторот зависи од многу фактори, како на пример патот (најважна), амбиентот, групата со која возите... Групното возење е посебен предизвик, возбуда, гордост, сила, моќ, задоволство, убавина.., но пред сѐ треба да се умее да се вози во група, тоа е посебна техника за да можете да го доживеете она што го кажав.

ММ: Не ја криете Вашата мегаломанија, грандоманија - метафорично. Се воодушевувате од големината? Каков мотор возите? Колку коњи има моторот - колкава е кубикажата? И секако, максималната брзина што сте ја постигнале, иако рековте дека не сте љубител на голема брзина?

Л. Ј.:Да, сѐ што поседувам сакам да биде во „екстра ларџ“ варијанта - мотори, џипови, куќи, површини, предмети... Буквално секогаш го сакам најголемото од сѐ она што сакам да го имам. Имам од поновите Harley-DavidsonUltra Limited (најголемото од Харли) 1.700 цм³ и Honda Valkyrie 1.500 цм³ кој, кога го купив (пред повеќе од 20 години), беше најголемиот мотор во светот.

ММ: Начинот, стилот на облекување Ви е исклучиво моторџиски? Не го менувате согласно пригодата, приликата? Во што е препознатливоста? Црната кожа е амблемна? Елекот, чизмите? А, во лето? Дали носите аксесоари? Дел од имиџот е и долгата коса и тетоважите?

Л. Ј.:Имиџот е ваков и кога долгата брада и тетоважите не беа во мода. Сепак, знам да се облечам соодветно на местото, настанот и причината за моето присуство, што значи дека можете да ме видите и во одело со вратоврска, и со тренирки и патики, и со бел ленен ансамбл, но и со комплет „харли“ облека, од чизми до капа. Елекот, со моите клупски ознаки, го носам и во лето и во зима и задолжително на мотонастани. Тој веројатно е нешто по кое најчесто ме препознаваат.Инаку, ние „небањатите“ и покрај тоа што се бањаме, редовно користиме и козметика и одиме на бербер, а ете, пред неколку дена, за мојот педесет и петти роденден, од сопругата добив кожен несесер Карл Лагерфелд, доволен за да собере сѐ што ми треба за хигиена кога сум на пат.

ММ: Како основач на мотоклубот „Ноќни волци“, ќе ни кажете за неговата цел, мисија? Која е симболиката на неговото име? Храброста, воинственоста? Има врска со Вашиот бунтовнички дух? Зошто е придавката „ноќни“, поради возењата ноќе? А, поставеноста - хиерархиска е? На фотографиите, секогаш се наоѓате на чело, во средина. Има значење?

Л. Ј.:„Где год ја сео, ту је чело“ - да се пошегувам со историската реченица на Тито, а тука ќе го споменам и цитатот кој мојот клупски брат Гелс, кој сега е претседател на клубот и кој често го користи кога ме коментира: „Можеш да не го сакаш, но не можеш да не го почитуваш“. Да го заслужите главното место, не се пресудни ни парите ни образованието ни функцијата, туку она што го правите и по она што ве препознаваат другите. Ако луѓето ве препознаваат по добро, тогаш тие ви приоѓаат за да се поздрават со вас, да ви кажат убав збор, да сакаат да се фографираат со вас, нивната насмевка додека ви приоѓаат е доволна потврда дека сте на добриот пат, а вашите дела се почитуваат. Јас го имам задоволството и среќата, дадена од Господ, тоа да го доживувам од сите генерации, од деца до старци, мажи и жени и, искрено, се гордеам со тоа и тоа е едно од моите големи богатства, кое никој ниту може да ми го земе, ниту да ми го замрзне, ниту да го санкционира - тоа е фронтот наспроти сите оние кои со зол ум, јазик и перо ја искажуваат сопствената несреќа и болка заради мојата среќа.

Мисијата на клубот е пишан документ (битие) кој јасно го кажува нашето залагање и застапување на човечките вредности без пороци, за хуманост и општествена одговорност, за лојалност, чест и почитување, за помагање, братство и пожртвување, за негување на вистинските традиционални вредности, верата, историјата, нацијата, јазикот, културата, патриотизмот, пожртвуваноста за послабиот и максималната спремност за одбрана од секакви агресии врз тие вредности. И да, во мотоклубот „Ноќни волци“ постојат строго прецизирани хиерархискиправила (кодекс), кои мораат еднакво да се почитуваат од секој наш член, без оглед на неговиот финансиски или општествен статус.

ММ: Вашите пријатели се исто така моторџии? Какви се дружбите? Пријателствата во последните години се променети, функционираат инаку, се темелат на интереси. Какви луѓе сакате во друштво? И дали сте убедиле некого, Ваш пријател, да стане моторџија?

Л. Ј.:Она што е практика во мојот живот е правило и во клубот и меѓу нас моторџиите, а тоа е дека секој има право да добие шанса да направи или да биде дел од нештото, а дали ќе биде и ќе одолее на искушенијата, особено на лакомоста или на злоупотребата, зависи од него самиот. Затоа и различно нѐ препознаваат во нашите улоги од страна на околината до која допираме. Секој резултат е огледало на нашето практикување и оттаму некои може да си го изгуби образот, братството, пријателите и сѐ друго. Во тоа практикување, некои стануваат или остануваат безвредни токму заради тоа што се водат од личните интереси и нереални амбиции, заборавајќи на една од нашите клупски девизи - колективното е над личното. Лично преферирам да сум во друштво со доблесни луѓе и верувам во она што го пишува на еден од моите прстени, латинската фраза „Virtusjunxit morsnonseparabit“ (Она што доблеста ќе го соедини, ни смртта не може да го раздели).

Никој никого не може и не треба да го убедува да биде моторџија, едноставно такво нешто е невозможно. Можеби некого ќе можете да убедите да вози мотор, но да биде моторџија - никогаш.

ММ: Кога се работи за хедонизмот, дали сте кулинар? Сакате добро приготвена и сервирана храна? Имате омилено јадење, деликатесно? Во лето на пример, што преферирате? Со каков пијалак го комбинирате?

Л. Ј.:Не готвам и не знам да го правам тоа. Кујната за мене е непозната територија, па затоа и дома не знам ништо каде се наоѓа. Веројатно од тие причини јадам буквално сѐ, не пребирам храна, но најмногу ја обожувам морската. Имам среќа што мојата сопруга е експерт за храна, постојано нешто експериментира и мислам дека е жена со најмногу списанија и реквизити поврзани со готвењето.

ММ: Carpe diem, quam mínimum crédula póstero (слободен превод: „Максимално искористете го денот (денешниот), не оставајте ништо за утрешниот“). Со оглед на тоа што имате бројно семејство, како Ви поминува слободното време обично? За што го користите најмногу? И притоа и мислам на потесната фамилија, секако.

Л. Ј.:Јас сум воркохолик и секогаш, тоа што го работам - го работам со љубов и задоволство, максимално се вложувам за да добијам најдобар резултат. Најчесто сакам да успевам да сработам веднаш, сега. Не сакам да ги одложувам ни работите ни проблемите, како што велат „утреш куќа не крепи“.

Слободното време никогаш не го сфаќам како време за легачење и денгубење, туку како време кое го користам за да го правам она што го сакам. Моето слободно време за мене можеби го посакуваат оние на кои немам време да им се посветам, но за мене во принцип не постои слободно време, јас сум активен во секое време, така што не препознавам „слободно време“, тоа повеќе го гледам како време во онаа т.н. комфорна зона која, според мене, доаѓа со смртта, кога преминот на оној свет ти го дарува вечното слободно време.

Блиц прашања

ММ: Накратко, ќе ни кажете за непишаното правило на игра, бонтон за време на возењето мотор на долги „патеки“, во група? Како се вози правилно?

Л. Ј.:Групното возење е техника во која мораат да се почитуваат одредени правила, но бара и лично искуство. Она што е основно е и важно - и првиот, кој ја води групата, и последниот, кој ја следи - обајцата треба да се најискусните. Првиот ја одредува брзината на движење, го познава патот и маршрутата по која се вози. Тој ги планира претекнувањата, застанувањата и внимава групата со таквото возење да остане компактна. Внимава на знаците, сообраќајните правила и безбедното возење. Со одредени гестикулации, со движење на левата раката или на нозете, дава сигнали (информации или предупредувања) на тие што се зад него во групата, но и на оние од спротивната страна, особено кога треба да ги предупреди да внимаваат на групата (посебено кога се вози на кривини). Тие што се зад него се поставуваат во цикцак-формација во една лента за да се постигне предвидената дистанца, потребна за безбедно возење, кочење и застанување. Секој е должен да го гледа и да го следи тој пред себе и да го гледа тој зад себе. Последниот ја обезбедува целата група и треба да е со најголеми вештини за да може соодветно да реагира во каква било ситуација. Ја затвора групата за да не се пропуштат возила кои би ја поделиле, брзо реагира кај првиот во групата, доколку има некој проблем или некој заостанува. На паузите ги советува другите, им дава инструкции и ги опоменува за направените грешки при возењето на кои треба да внимаваат.

Група е кога се тројца и повеќе. Најдобро е таа да не биде поголема од осум мотори. Во случај да имаповеќе, препорачливо е да се подели на две или повеќе групи, зависно од вкупниот број на мотори. Ова се некои од правилата кога зборуваме за групното возење на подолги релации. Парадното возење е нешто друго.

ММ: Вашето мислење за електричниот мотор, какво е? Имате желба за него, да го возите или можеби сметате дека моторот на гориво е незаменлив?

Л. Ј.:Јас сум „Old School“ (стара школа) и како што веќе споменав, повеќе ги преферирам традиционалните вредности. Модерните времиња и иновации ги признавам само во технолошкиот развој и како такви ги користам само како потреба. Затоа ќе повторам, да возите мотор и да бидете моторџија се две многу различни нешта.

ММ: А пропо имиџот - каков мирис, парфем е адекватен? Сигурно не опоен. Кој е Вашиот, најомилениот?

Л. Ј.:Обожувам мириси, не можам да замислам да ми почне денот без употреба на некој парфем, па затоа на мојата страна од спалната секогаш се наредени повеќе од десетина парфеми, а скоро никогаш не ги купувам. Имам постојани залихи затоа што често ги добивам на подарок. Во моментов ги имам од разни брендови (PacoRabanne, Armani, Gucci, CalvinKlein, Dior, Antonio Banderas…) и никогаш не се врзувам за еден парфем или бренд, сакам да ги менувам за постојано да не мирисам исто, но ако треба да издвојам некои што, ете, ми „легнале“, предност ќе им дадам на AzzaroNowиIvеѕ SaintLoren М7.

ММ: Како љубител на бурбонот, можете да го опишете неговиот вкус? Многумина не прават разлика меѓу него и вискито. Four Roses Ви е фаворит, кој конкретно? Го комбинирате со нешто? Пурата е супер додаток.

Л. Ј.: Исто како парфемите, она што навистина го сакам е алкохолот и пурите. Ги консумирам не толку често, но со посебно задоволство. Имам среќа што моите блиски секогаш ме снабдуваат со доволни количини парфеми, алкохол и пури, така што јас не морам да ги купувам. Ми ги подаруваат, тие знаат што сакам. Од алкохолните пијалаци, оние што најмногу ги консумирам се бурбонот Four Roses и вотката Белуга. Никогаш не сум бил пушач, па ни на цигари, но љубител сум на пури и повремено имам нагон да испуфкам некоја, без оглед на пригодата и амбиентот.

ММ: Од пурите, која марка ја преферирате? Како ги чувате, во кутија за хумидитет - прописно? 

Л. Ј.: Од сопругата имам добиено голем, прекрасен чувар на пури (хумидор), во пијано изведба со сите потребни реквизити за нивно одржување и консумирање. Во него се наоѓаат разни видови марки - Montecristo, Cohiba, Romeo y Julieta, Vasco da Gama, Guantanamera...

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Ленин Јовановски