Лаф-муабет со Митко Гиздовски: Научив дека животот е борба во која или победуваш или си поразен

Нераскинливата врска меѓу забарството и функционалноста во исто време ја дополнува и естетиката чија битност, важност е особена и секако - забележителна, во секој поглед. Се разбира, имплантологијата е дел од стоматологијата и медицината воопшто за која не можеме да не зборуваме, па и накратко, имајќи го предвид убавиот изглед што резултира од нејзината примена, меѓу другото. За среќа и тука, во Македонија, се оди во чекор со научните достиг(нув)ања.

Секако, убавината генерално или естетиката, не само во забарството туку и во гардеробата, вклучително и патувањата и другите, останатите пасии, страсти е темата (нејзината разнообразност) на денешниот, понеделнички лаф-муабет со Митко Гиздовски, битолски стоматолог, родум пехчевец, кој се школувал, т.е. студирал во Скопје - за експресијата во начинот, стилот на облекување, односно имиџот, за крстарењата и дестинациите во пресрет на летото, како препорака, идеја, што ги посетил за време на празниците во април, едноподруго - Италија, Егејскиот архипелаг, Дубаи неодамна...

Во услови на криза од секој вид ќе се обидеме да ве тргнеме од грубата реалност и денес, благодарејќи на инспиративноста чии поттикнувачки намери се истовремено и наши, од горенаведените причини. Да се разонодите првенствено.

ММ: Естетиката во забарството е Вашата специјалност, па оттаму и прашањето за меѓусебната поврзаност, без исклучок на функционалноста. Впрочем, таа е целта на стоматологијата. Можете да ни кажете повеќе за нивната врска? Нераскинлива е? Односно, дали естетичноста е истовремено и функционална? 

М. Г.:Тоа е нераскинлива врска, ако порано функционалноста беше на прво место, сега тие се едно. Во суштина, нема естетика без функција и обратно. Во последно време, со најновите материјали, многу од пациентите со задржана функција ја коригираат само естетиката со минимална инвазивност, т.е. со мало одземање на забна супстанца се решава естетиката која веќе е многу битна. Па, така, естетиката мора да биде максимално функционална.

ММ: Често за насмевката да блеска се применуваат импланти. Денес, благодарејќи на дигитализацијата, високата технологија, може да се направи буквално сѐ. Кои се новитетите, има трендови во забарството, дали стоматолозите овде ги следат, па и Вие, се разбира? И секако, дали може да се говори за нивна долготрајност? Високата цена е гаранција за неа или..? 

М. Г.: Секако дека во чекор го следиме развојот на стоматологијата, со тоа постојано внесуваме новини, како ние, така и техничарите. Инаку, имплантологијата и кај нас зема сѐ повеќе замав, така што пациентите сѐ почесто се одлучуваат за нив. Секако дека се поскапа варијанта која зависи и од материјалот од кој се изработени и од фирмата производител. Обезбедува трајно решение и можност за пациентот да добие фиксни заби кои нема да го нарушат квалитетот на неговиот живот. Секако, се исплати вложувањето во себе. Имплантите имаат повисоки цени од сѐ друго што работиме, но тоа накрај се исплаќа.

ММ: Естетиката во облеката визави денталната, во стоматологијата - кому му давате предност, на која? Начинот, стилот на облекување има посебно место во лаф-муабетот. Забележливо е Вашето развиено чувство за убавото, смисла за убавото. Како би го дефинирале Вашиот имиџ на пример? Како се градеше? Од сегашен аспект, имаше ли утки, промашувања? 

М. Г.:Најпрво ви благодарам за комплиментот. Како човек кој по природа е перфекционист, секако дека ми е битна и денталната естетика и лично мојата физичка експресија. Инаку, стилот со текот на времето се гради и менува - чувството за естетика и префинетост не се учи, тоа е вродено. Па, оттука и благодарен сум за тој дар. Секако, со текот на годините се гради имиџот на кој мора да се работи постојано, да се следат трендовите и да си во чекор со времето, а попатните грешки се неизбежни, но никогаш не и катастрофални. Тоа, пак, го препишувам на чувството за естетика.

ММ: Каква облека преферирате, инсистирате на брендирана или..? Дали етикетата Ви е битна, потписот на дизајнерот? Имате ли омилен? Што мислите, високата цена е „синоним“ на квалитетот или..? Можете да препознаете имитација, копија? 

М. Г.:Ја сакам уличната мода која, всушност, е најдинамична бидејќи е знак на препознавање каде што стилот може да дојде до израз и сметам дека брендовите и стилот немаат ништо заедничко, добрата комбинација не мора во исто време да биде и брендирана. Можам да го купам само тоа што ми се допаѓа од ZARA, Massimo Dutti, Versace.., небитно - важно е да биде со стил. Инаку, често носам дизајнирани парчиња облека, претежно од грчкиот бренд Stefan, кој ми е омилен. Инаку, не секогаш цената е пресудна за квалитетот.

ММ: Која е Вашата омилена комбинација? Препознатлива би рекол. Носите аксесоари? Без што не можете да го замислите аутфитот? Дали претпочитате монохромотска облека или разобојната е поблизу до Вашиот карактер? Трендовската или класичната? Имате омилена шопинг-дестинација?

М. Г.:Немам омилена комбинација, сѐ зависи од моментот и инспирацијата. Секако, аксесоарите се неизбежен дел од еден аутфит, особено внимавам на очилата за сонце кои ја дополнуваат модната комбинација. Ги обожавам DITA,како и Versace, Celine. Колоритот е одраз на стилот бидејќи во комбинирањето на боите се препознава чувството за мода и тренд, монохроматскиот изглед е здодевен за мене. И, се разбира, како и секој што сака мода - Милано е мојата омилена дестинација за шопинг. Но, Грција исто така нуди многу, особено ако се знаат дуќаните со трендовска облека, посебно во Атина.

ММ: Не случајно Ве прашав за омилената шопинг-дестинација од причина што и патувањето Ви е страст, меѓу другото. Крстарењето Ви е омилено, така? Неодамна ги посетивте Кикладите. Можете да ни кажете повеќе за нив? Летото наближува, па... Издвојте некој (остров), еден или два. Што Ве привлече кај него/нив?

М. Г.:Секако, моја голема пасија е патувањето, особено крстарењето, каде што во неколку дена посетуваш повеќе дестинации и притоа уживаш на брод на отворено море што за мене е неповторливо чувство кое дава мир како ништо друго. Групата острови на Егејското Море - Кикладите за мене се најубавите од Егејскиот архипелаг. Би ги препорачал и одвоил Парос, Милос и Иос бидејќи сѐ уште не се толку искомерцијализирани, а се толку посебни. Овие острови ги имаат најубавите плажи и претставуваат монденски места кои сигурно нема да ве разочарат. И, секако, врвот кој мора секој да го види, не толку заради плажите, колку поради неговата автентичност - за мене омилениот Санторини.

ММ: Кога е Италија во прашање, како би ја опишале? Кои места Ви „легнаа“? Повеќе ги сакате големите градови, метрополите или..? Неизбежно е и прашањето за Италијанците, нивниот стил на живеење. Според Вас, што е долче вита (итал. dolce vita), а што не? Вашата интерпретација каква е? 

М. Г.: Според мене, Италија е посебна по многу работи, сѐ што е врзано за неа е толку посебно. Најубавото кафе, храна, вино, музика, мода, неприкосновениот Милано во кој човек може да ужива. Љубезноста и топлината на Италјанците ме потсетуваат на нашиот менталитет. Нивниот стил на живеење, хедонизмот, кој е нивен знак на препознавање - за мене е долче вита. Кај нив сѐ е лежерно, а сепак префинето, како на пример островот Капри кој дише во знакот на долче вита.

ММ: За Дубаи се кршат копја. Постојано се полемизира. Како го доживеавте Вие? Надреален е дефинитивно. Исто така и скап. Би отишле пак? Со што Ве импресионира?Многу работи се забранети во него.

М. Г.:Дубаи е посебна приказна и можеби друга страна од сѐ што би можеле да замислиме. Дише во знакот на најскапото, најмодерното - страшно луксузен е, но вештачки. Ме фасцинира самата помисла дека пустината за дваесеттина години ја претвориле во земски рај кој не ве остава рамнодушни. Истовремено е фрустрирачки што остатокот од светот ни за неколку векови нема да го достигне. Би отишол, секако, но овој пат само во Катар кој е многу помирен и попрефинет емират. Таму забраната важи само како пишано правило, а во реалноста е дозволено сѐ, дури и работите што мислиме дека се забранети.

ММ: Во Грција, Италија, Обединетите Арапски Емирати, Ви се допаѓаат нивните кујни? Можете да издвоите на пример некој деликатес или повеќе, зошто да не? Па и алкохолен? Ве интересира готварството? За што имате голем мерак? Дали сте љубител на виното - енофил?

М. Г.:Ја обожавам грчката кујна, како и италијанската, кои имаат своја специфичност за разлика од Дубаи кој, освен со интернационална, многу малце може да се пофали со своја кујна, но резидентите кои престојуваат таму носат свои кујни од различни краеви на светот што, пак, различноста истовремено му дава посебен шмек. Јас сум љубител на морската храна, па така често е на моето мени, каде и да одам. Грција и Италија можат да се пофалат со изобилство на морска храна, како и на бројни локални специјалитети. Во Италија задолжително мора да се пробаат тестенините. На пример, јужниот дел од Италија е познат по производите од лимон како нивно обележје, па често се наоѓаат бројни специјалитети во кој доминира лимонот. Истото важи и за алкохолните пијалаци, каде што лимончелото како пијалак е многу посебен и автентичен. Јас сум голем љубител на готвењето, обожавам да експериментирам со секоја кујна, па многу често правам специјалитети од многу кујни каде што патувам.

ММ: Освен лаф-муабет со блиските пријатели, што Ве разонодува исто така? Можеби читање книги, слушање музика, гледање филмови? Ќе ни препорачате некои?

М. Г.:Порано читав многу, сега веќе поретко, освен стручна лутература, но музика слушам нонстоп, буквално. Задолжително и на работа. Ја сакам италијанската и грчката музика. За филмови сѐ поретко наоѓам време, но сепак за мене култни се „Малена“, „Американска убавина“ и „Пред дождот“ од нашите.

Блиц прашања

ММ: Резултатите од неодамнешните истражувања покажаа дека стоматологијата е најдобро платено занимање, со најниско ниво на стрес. Дали е така? Се согласувате со нив имајќи ја предвид сразмерноста?   

М. Г.:Да, стоматологијата во светот е многу платена, но кај нас не е баш така, особено ако се работи општа стоматологија. Затоа, мора да се напредува постојано, да се биде во чекор со светските трендови оти само така можеш да создадеш бренд кој ќе нуди квалитет и нешто ново. Стоматологијата е многу стресна професија, но изборот е личен и немам право да се жалам.

ММ: И јавањето и фотографирањето е Ваша страст, меѓу другото. Каде јавате? Имате во близина ергеле? И што сликате најчесто?

М. Г.:Да, обожавав да јавам, за мене тоа е најблагородниот начин на рекреација, но поради здравствени причини, веќе не можам. Често посетувам едно локално ергеле кое беше формирано за потребите на еден филм, но сега повеќе сакам да фотографирам отколку да јавам. Обично фотографирам природа, особено на патувањата затоа што моќта на објективот е огромна, доколку се има сенс за фотографија.


ММ: Пехчево е Вашето родно место. Го напуштивте кога имавте осумнаесет години. Можете да ни кажете на пример која пехчевска особина и денес ја забележувате кај себе, како дел од Вашата природа? 

М. Г.:Да, потекнувам од многу мало гратче каде што го поминав детството и кое ми буди најубави спомени. Оттаму ја носам упорноста и истрајноста да се успее во сѐ, доколку се вложиш максимално. Научив дека животот е борба во која или победуваш или си поразен.

ММ: Битолчани (битолчанки) vis-à-vis пехчевци (пехчевки) vis-à-vis скопјани (скопјанки), ќе ги опишете со три збора, сите поединечно? Или, пак, што им е заедничко?

М. Г.:Битолчаните се снаодливи, посебни и свои, пехчевците - срдечни, истрајни и лојални, скопјаните се урбани, а заедничка ни е снаодливоста, да извадиме максимум од секоја ситуација.

ММ: Според Вашите критериуми (естетски), на која жена, девојка ѝ „прилега“ рубриката  Неодолива убавина, македонска? И нејзиното место во неа, се разбира.

М. Г.:Според мене, титулата ѝ припаѓа на Делфина Андони, една толку посебна дама која плени со грациозноста и стилот и буквално не ве остава рамнодушни. Исклучителна личност која, покрај убавина, ја краси и извонредно висок интелект. И, за неа би рекол дека таа е македонската Моника Белучи.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Митко Гиздовски