Лаф-муабет со Никола Клопчевски: Во канцеларија секогаш имам едно-две „заборавени сакоа“, за секој случај бидејќи не се знае што носи денот
Освен да ве разонодиме, со лаф-муабетите имаме и додатна цел: да ве запознаеме со луѓе, вистински професионалци чија експонираност во јавниот живот е минимална, дури незабележлива, но сепак го заслужуваат и вашето и нашето внимание, и тоа безрезервно.
Таков е на пример и денешниот соговорник
- Никола Клопчевски, раководител на Секторот за мониторинг на корисниците на
Фондот за иновации и технолошки развој каде што работи веќе осум години, од
самото формирање. Установата, организацијата се соочува со повремени обвинувања
за селективна поддршка, укажување материјална помош на блиски, од интерес..,
оттаму и желбата да го расчистиме тоа прашање, согласно транспарентноста во
работењето. Секако, разговаравме и за предизвиците со кои се среќава,
вклучително и неговите работни обврски, надлежностите. Успехот е дел и од
приказните за компаниите, фирмите - корисници на фондовските услуги, т.е.
грантовите.
Не го одминавме ни муабетот за хедонизмот и сѐ што се врзува со него - патувањата, стилот на живеење воопшто, на облекување... А, имајќи го предвид фактот дека Н. К. е бескомпромисен аеродромец, го прашавме и за тренирките, патиките и за прочуениот аеродромски темперамент визави центарскиот, на центарци. Со заедничка придавка - скопски.
ММ:Веќе осум години работите во ФИТР, откако се формира. Мониторингот на корисниците на паричните средства е Вашата работна обврска. Ќе ни кажете ли колку време трае истиот, на кој начин го вршите набљудувањето, следењето и дали сте забележале досега нивна злоупотреба? Со какви предизвици, проблеми се соочувате?
Н. К.: Така е, во ФИТР сум од самото основање и мило ми е што сѐ уште сум тука бидејќи работам работа која навистина ме исполнува. Мониторингот е една од клучните алки во ФИТР и е дел од Инструментите за поддршка на ФИТР. Сите проекти, независно од износот на средства кои им се доделени, подлежат на детален мониторинг. Дополнително, од 2018 година, мониторингот на корисниците е „засилен“ со неколку реномирани ревизорски куќи. Нашата главна задача е на квартално ниво да проверуваме дали активностите и трошоците кои корисниците ги имаат наведено во нивните апликации и буџети, а кои се одобруваат единствено од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции (тело од пет странски експерти) се исполнети. Или поедноставно кажано - ако една компанија навела дека во првите три месеци ќе купи машина, дали навистина е купена и ставена во погон. Притоа не седиме само во канцеларија, туку одиме и на терен, најавенo или ненајавенo. Предизвиците со кои се соочуваме главно се повторуваат кај повеќето корисници (со чест на исклучоците) и истите најчесто се поврзани со проблемите кои ги донесе короната: нарушување на синџирот на достава, доцнење во испорака на опрема, ликвидносни проблеми и слични работи кои заедно со корисниците ги решаваме во движење.
ММ: А, доделувањето на грантовите, финансиската помош? Има доста негодувања од правните, физичките лица. Според Вас, оправдани се или..? Дали сте направиле отстапки? Од интерес, заради нечие пријателство... Мислам на ФИТР, општо. И дали може да се говори за негово транспарентно работење?
Н. К.: Здрава дебата и критика во едно општество се добредојдени, ви дава мотив секогаш да се преиспитувате и да се подобрувате. Но, прво мора да разграничиме што е иновација. Во најпроста смисла се дефинира само како нова идеја, уред или метод, но во суштина е примена на подобри решенија со кои се подобрува некој бизнис-модел, технологија или услуги. Кај нас некако дебатата за оваа тема често оди во правец дека иновација е само ако некој направи нова ракета за вселената или измисли лек за неизлечива болест, но од тоа што го гледаме низ проектите во ФИТР, навистина имаме многу умни луѓе кои работат на решенија со кои ни се подобрува секојдневниот живот што според мене е многу голем придонес. Ме радува што во земјава се зборува за иновации, без разлика дали во позитивен или негативен контекст и што сме поттикнале сѐ повеќе луѓе да размислуваат во изнаоѓање на иновативни решенија и процеси за нивните компании. Така, со секој нареден повик за доделување средства имаме и сѐ поголем број апликации и побарувачка за средства од страна на фирмите отколку што се предвидени од ФИТР. Секако, имаме случаи кога некој апликант, поради тоа што нема да му се одобри проектот, ќе се побуни или ќе изреагира на начин кој е својствен за нашето опкружување, но, од друга страна пак, навистина ми е мило за оние кои не се откажуваат по првиот неуспешен обид и се обидуваат повторно. Имаме доста успешни примери во ФИТР на корисници кои, по првиот неуспешен обид и добиените коментари за подобрување на нивниот предлог-проект, веќе во следниот повик се враќаат со подобрени апликации и истите се одобрени за финансирање.
За отстапки не можеме ни да зборуваме или помислиме бидејќи, како што наведов, Комитетот за одобрување на инвестиции е единствениот орган кој носи одлуки при изборот на проекти за финансирање. Она што сакам да го појаснам е дека не сите повици кои ФИТР ги објавува се поврзани со иновациии, во некои игра улога и технолошкиот развој и воведувањето нови дигитални решенија, дигитализација на процеси и слично, па така и јавноста, независно за кој повик се доделени средствата, сите проекти ги поврзува со иновација.
Во однос на транспарентноста, сметам дека ФИТР е една од најтранспарентните институции бидејќи сите повици, начинот на аплицирање и процесот на избор, резултатите од изборите и официјалните документи се објавени на страницата на ФИТР и се достапни секому.
ММ: Од успешните приказни, која е со префиксот „нај“? Една издвојте. Дали продолжила и надвор, во странство? Каква иновација е во прашање, за што се работи?
Н. К.: Па, да бидам искрен, има повеќе, но особено сум среќен за еден корисник (Embed Social) кој развиваше одредена маркетинг-иновација каде што со поддршката од ФИТР решија да го напуштат outsourcing-от и да се фокусираат на развивање сопствен продукт. Неколку години подоцна, корисникот не само што успеа да развие свој сопствен продукт, туку и отвори своја канцеларија во Јапонија и моментално вработува повеќе од 40 лица. Во моментот, кога аплицираше во ФИТР, имаше само 4 вработени.
Покрај ова, има и други успешни приказни за кои ми е особено драго што поддршката од ФИТР им овозможи за многу побрзо од нивните првични планови да ги развијат и лансираат нивните продукти, тргнувајќи од проекти од областа на ИТ, невромаркетингот, АИ, медицината и слично.
ММ: Како дипломиран економист (магистранд), што мислите - дали економскиот раст е зависен од иновацијата? Односно, дали технолошкиот развој е двигател на истиот? Кажете ни повеќе за меѓусебната поврзаност. Што мислите, дали грантовите, финансиската помош на ФИТР е доволна? Сепак, иновацијата е мовенс, движечка сила на светот.
Н. К.: Апсолутно, иновацијата е движечка сила и сметам дека напред одат оние кои инвестираат во својот раст и развој, ги подобруваат постоечките или воведуваат нови производи и услуги. Доколку се каска во овој сегмент, компаниите сѐ повеќе ја губат битката со конкуренцијата, што не е добро.
Паралелно со неа, рамо до рамо, оди и технолошкиот развој. На пример, технолошкиот развој не подразбира само набавка на нова машина, туку и дигитализација на процеси во компаниите кои претходно се одвивале мануелно, дигитализација на каналите за набавки и продажба и слично. Поддршката никогаш не е доволна, но мислам дека претставува одличен „ветер во грб“ за компаниите и доколку се искористи паметно, самите тие можат да станат конкурентни и на странските пазари, што е и заложба на ФИТР уште од самото основање.
ММ: А, кога е животот во прашање, кој е неговиот спиритус? И агенс и мовенс. И генерално и конкретно, за Вас. Која е целта, крајната - можеби евдемонијата (среќата, блаженството)? Вашето размислување...
Н. К.: По правило сум оптимист и речиси секогаш на работите гледам во позитивна насока. Сметам дека секој треба да си постави цели во животот и полека, со текот на времето, да се труди да ги реализира. Во принцип сум среќен доколку луѓето околу мене се живи и здрави, а сѐ друго ќе си дојде само од себе, на ваков или онаков начин.
ММ: Благодарејќи на професијата, ги посетивте Кина, Русија, Сингапур... Ве исполнуваат патувањата? Освен што се обучувате да го инкорпорирате нивното искуство, знаење во ФИТР, како гледате на истите - дали преземате и нешто друго? На пример од начинот, стилот на живеење, облекување, однесување. Мислам и на деловните, службените и на приватните. Каде обично патувате со фамилијата?
Н. К.: Патувањата се добри за да се запознаат нови култури, за остварување на контакти и секако - за собирање на искуство. Секоја земја си има свој систем, начин на функционирање и живот. Конкретно Сингапур е децении пред нас, преубаво место за живеење со многу пријатни и опуштени луѓе, но има преголема влажност на воздухот, каде што буквално не се дише. Кина - исто така многу пријатни, склони да помогнат, преголема историја и преубава земја (барем од тоа што имав можност да го посетам), но едноставно не би можел да се навикнам на храната. Како желба за патување во иднина останува посетата на Силиконската долина во Калифорнија.
Пред да се појави короната, со семејството секоја година наоѓавме време да прошетаме на поблиски или подалечни дестинации барем на неколку дена. За целокупната организација е задолжена сопругата која ужива во овој дел и можам слободно да кажам дека планира сѐ, до последен детаљ. Согласно околностите, како најчеста дестинација за одмор со семејството ни е Грција бидејќи има сѐ што ни треба за децата, блиску до дома, море, плажа, убава храна.
ММ: Кој народ Ве инспирира во смисла, т.е. поглед на хедонизмот? Вашето сфаќање за него, какво е? Што најмногу Ви прави ќеф, мерак? Видувањата се различни, доживувањата... Какви се Вашите?
Н. К.: Секој има различна дефиниција на хедонизмот, но, нели, сѐ се сведува на уживање и задоволство. Јас конкретно уживам во прошетка со семејството (го користам секој слободен викенд), во утринска чорба со другарите, во неделен ручек со семејството и нормално - во кафана до „фајронт“ (каде што учтиво нѐ замолуваат дека е време да се напушти објектот) бидејќи, како што знаеме да кажеме со другарите - од седење дома, спомени не остануваат. Короната, колку и да ни го смени начинот на живеење и однесување, имаше и една позитивна страна со затворањето на границите, а тоа е дека имавме можност да посетиме што е можно повеќе места во нашата убава земја - Маврово, Берово, Охрид, Дојран и да уживаме во различни етнокуќи со можност за преноќување, кои беа одличен издувен вентил во тој период.
ММ: И начинот, стилот на облекување има хедонистичка примеса. Можете да го дефинирате, кој Ви е омилен Вам? Се придржувате на кодексите или повремено знаете и да ги прекршите? Од гардеробата, што сакате повеќе да носите - класична, лежерна? Или што Ви е слабост?
Н. К.: Искрено, јас сум човек кој внимава на начинот на облекување и изборот на облека. Секогаша сакам да сум фино облечен, независно од пригодата. Работата ми налага business casual начин на облекување, па на работа најчесто носам фармерки со покласичен крој или панталони, поло-маички, кошули, џемпери со патент (моите омилени). Брендот не игра толку голема улога. И нормално, во канцеларија секогаш имам едно-две „заборавени сакоа“, за секој случај бидејќи не се знае што носи денот.
ММ: Дали тренирките и патиките Ви се амблемни, како типичен аеродромец? Дали спортската облека, т.е. носењето каде било, кога било, независно од пригодата, приликата е вистина или не, мит за аеродромците? И неизбежно, прашањето за нивната природа, темпераментот. Каков е? Сингвиничен? Од центарците на пример, во што се разликуваат?
Н. К.: Не кријам, најубаво се осеќам во тренирки и патики. Секако дека, зависно од пригодата, внимавам на облеката, но мислам дека нема поубаво чувство кога по напорниот работен ден направиш една лежерна прошетка со семејството во тренирки. Во однос на темпераментот, надалеку прочуен е аеродромскиот темперамент - искрен, но незгоден. Да не бидам погрешно сфатен, имам голем број другари центарци, но мислам дека другарството и заедништвото во прв план е главната разлика меѓу аеродромци и центарци.
ММ: А пропо тренирките и патиките, дали спортувате? Како се одржувате кондициски, вежбате? А, гледате спортски натпревари, фудбалски на пример? За кого навивате? Имате омилен играч, тренер?
Н. К.: Моментално помалку од порано, но се трудам да истрчам на кеј или со другарите да изиграм некоја партија баскет. Пред короната, тоа беше многу поинтензивно, ама пандемијата си го зема данокот, некако полесно си наоѓам изговор, но се надевам дека ќе му се вратам на спортот како порано. Исто така се трудам на постариот син да му ја пренесам желбата за спорт, па така секое излегување надвор ни е поврзано со топка. Покрај вродената љубов кон МЗТ Скопје, како голем фан на Манчестер јунајтед имам голема желба, кога ќе потпораснат синовите, да ги однесам на натпревар на „Олд Трафорд“, против Ливерпул. Инаку, омилен играч ми е Пол Сколс, а омилен тренер - се разбира, сер Алекс Фергусон.
Блиц прашања
ММ: Имате две синчиња. Во денешно, време на изопаченост, кога вредностите (моралните) на големо се разоруваат, ме интересира што мислите - дали родителството е голем предизвик? И воспитувањето, се разбира. Што Ви е приоритетно Вам?
Н. К.: Маркијан (4 години) и Калин (безмалку 3 месеци) ми се центарот на светот и засега не го гледам како предизвик, туку навистина уживам во улогата на родител. Убавината со малите деца е во тоа што во разговорот со нив знаеш на што си. Тие се искрени и нема заткулисни игри (освен кога треба да се добие некоја играчка). Шегата настрана, со сопругата Фросина настојуваме да го воспитуваме Маркијан, а и Калин кога ќе дојде време, онака како што нашите родители нѐ воспитувале нас - секогаш да се почитуваат другите, па дури и понекогаш мислам дека малку претеруваме со таа почит, гледајќи како се движи светот.
ММ: Свесно или не, како го градите сопствениот имиџ? Обмислено или..?
Н. К.: Во принцип не експериментирам многу со имиџот. Имам веќе осмислен начин на облекување кој мислам дека добро ми прилега согласно работата, местата и активностите кои ги имам. Се чувствувам удобно во тој начин на облекување. Никогаш не сум купил парче облека само за едно носење, за пригодата и потоа да ми седи во плакар.
ММ: Претпочитате македонски брендови? Дали ги запазуваат нормите за квалитет на пример? Дизајн? Мислам на облеката, се разбира. Или преферирате странски?
Н. К.: Јас сум комбинација од странско и домашно.Во однос на облеката, преферирам странски брендови, но затоа, пак, почитувам македонски брендови на обувки, патики и чевли од брендовите на Баргала и Шустер.
ММ: Деликатесно јадење на кое не можете да му одолеете? И алкохолен деликатес, имате?
Н. К.: Не сум човек што експериментира кога станува збор за храната, го сакам тоа што ми е проверено. Сум посетил повеќе места, но не ме привлекувало да пробам тоа што е специфична храна за нив. Од омилените би ги издвоил полнетата вешалица во „Старо буре“, уштипците во кајмак во „Калабалак“ - претежно кафански јадења. Не сме некои готвачи ни јас ни сопругата, но морам да ги споменам нејзините тестенини карбонара. Во однос на алкохолот, не пребирам многу, само да е жолта пијачката - ракија, ладно пиво или виски, зависно од пригодата.
ММ: Според Вас, која иновација е безвременска, во светски рамки? Нешто инакво, права сензација.
Н. К.: Долга е листата на иновации кои го промениле светот. Голем дел од нив сега ни изгледаат како нешто нормално и дека ги има отсекогаш, но еве, јас би ја издвоил иновацијата на Томас Алва Едисон уште од 1879 година, кога ја открил електричната енергија. Неговото откритие поттикна безброј социјални промени во светот и ни овозможува да уживаме во разни благодати и ден-денес.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Никола Клопчевски