Лаф-муабет со Синиша Пекевски: Јавноста сака да гледа личности кои и во тешки времиња покажуваат лидерство, а не кукавици
Неговото присуство на медиумите и социјалните мрежи е
повеќе од забележително, а честите критики
за несовесното работење на политичарите (катастрофалните последици од
рамнодушноста, незаинтересираноста, индиферентноста), нивната основа лежи во
прагот на толеранцијата (граѓанската), кој е одамна пречекорен. За политиката
очигледно дека може да зборува со денови, за нејзините односи, релации, од
причина што му е пасија, исто како и претприемништвото. Инаку, Синиша Пекевски
работи консалтинг, а негова специјалност е маркетингот, пи-арот, проектниот
менаџмент и туризмот. Се залага долго за оваа, т.н. дејност на претприемачот да
стане задолжителен предмет во наставата, уште во основно училиште. Има бројни
аргументи за тоа.
И со денешниот, понеделнички лаф-муабет, последен за месец косар (мај) ќе се обидеме да ве оттргнеме од грубата реалност, да ве разонодиме со лесниот, искрен (отворен) разговор, без фингирање. Лажното претставување во услови на криза од секаков тип зема широки размери. Хедонизмот напати знае да биде фиктивен, привиден. Уживањето на слободата, во животот е нешто друго, инакво. Незадолжително врзано за сетилата. И размислувањата, се разбира. Гледиштата. Можеби ќе ве инспирираат, зошто да не. Можеби ќе ве натераат да ги смените навивачките реквизити, дресот и наместо Рома, на спортските, фудбалски натпревари да го бодрите Жозе Мурињо. На пример.
ММ: Вашата професија е комплексна, специјалност Ви е консалтингот - всушност, работите како деловен (бизнис) консултант, за туризам, вклучувајќи го и маркетингот и пи-арот. Сеопфатно за претприемништвото. Кажете ми, што ги советувате Вашите клиенти во денешно време, кога се соочуваме и со воена и со енергетска и со политичка и со финансиска криза? Би сакал едновремено и да го демистифицираме Вашето стручно звање - бизнис (деловен) консултант. Ќе ни ја опишете работата? Се разбира, накратко.
С. П.: Изворно, мојата професија е бизнис консултант и е поврзана со советување на бизнис процеситебидејќи имам магистрирано стратегиски менаџмент. Работам во повеќе области, најмногу во областа на претприемништвото - изработка и имплементација на бизнис планови и проекти, но и во областа на туризмот и односите со јавноста. Во зависност од потребите на клиентите, давам различни совети и услуги, ама заедничко за сите е одлуките да ги носат само врз основа на анализа и секако, истите да бидат бизнис одлуки. Многу е тешко во оваа криза на некој да му советуваш да инвестира, ама кризата секогаш е и можност. Има една поговорка: додека на некого не му се стемни, на друг нема да му се раздени, така што кризата е и можност да направите анализа како и каде да продолжите да се развивате и барате нови бизнис можности. Поврзано со позицијата на политички аналитичар, имам завршено факултет за политички науки, но и работено на политички кампањи за многу политички партии, па изворно знам како функционираат и можам да направам добри анализи.
ММ: Се залагате меѓу другото и за претприемништвото да влезе како задолжителен предмет во наставата, училишната. Од рана возраст, уште во основно. Има причина? Која е таа? Мислите дека образованието има простор за него? Всушност, кој е најсилниот аргумент?
С. П.: Најбитно е децата уште од мали да ги учиме на креативност, компетивност и развој на вистински вредности кои ќе придонесат да се развиваат како здрави личности. Треба уште од мали нозе да се развива компетивноста кај нив и да знаат дека треба да се борат за да успеат, без тоа нема иднина. Поборник сум на стилот learning by doing - така треба да се развиваат децата, со практична работа, а не со учење напамет и креирање роботи од нив. Поттикнувањето на креативноста и развивањето на истата кај децата носи развој, а не учење работи кои немаат никаква допирна точка со нивната иднина и воопшто нема да им требаат. Претприемништво има во секоја област и тоа е иднината.
ММ: За пи-арот може да се разговара со денови. Како специјалист, односно експерт за односи со јавноста, имате ли каква било менторска забелешка, ќе ни кажете ли кои атрибути се потребни за еден човек да се занимава со пи-ар? Вистина е дека новинарите се идеални за него или..? Мене лично ме воодушевува тимот за односи со јавноста на рускиот претседател Владимир Путин, без оглед на сѐ. Како е тука, генерално?
С. П.: За да бидеш добар пиар-консултант, најпрво треба да си многу позитивна и комуникативна личност која знае да се носи со стресот и да не го фаќа паника при непланирани или кризни ситуации. Мора да знаеш да комуницираш лесно и да креираш состојба на доверба - без тоа нема добро завршена работа, ако клиентот не ти верува. Не, новинарите не се идеални за пи-ар, иако тука најчесто тие се поставуваат за портпароли, лица за односи со јавноста или работат пи-ар. Ова е сериозна професија во која појавувањето во медиумите е само дел од работата, а каде е делот на креирање стратегија, план, креирање ставови, држење во јавноста, начин на однесување и слично. Жал ми е што кај нас има многу малку професионалци во таа област. Лично не го сакам тој војнички кодекс кај претседателот на Русија и креирањето на непобедлив воин, лидер, мачо мен, повеќе ми се допаѓа стилот на Ангела Меркел, иако и таму би променил некои делови, а најмногу ми се допаѓаше стилот на Иво Санадер, едноставно го обожавав тој лик, штета што заврши така.
ММ: И кога е туризмот во прашање, волонтирате за промоција на Скопје (чинам и Охрид), вршејќи консултантски услуги. Која е Вашата препорака, што би им препорачале на туристите да посетат во метрополата, кои знаменитости, ресторани, јадења? Има скопски деликатеси?
С. П.: Промоцијата на Скопје и Македонија е една од работите кои ги правам со цел да ја промовирам нашата држава и градот кој го обожавам и во кој живеам. Сите граѓани треба да се потрудат што е можно повеќе да ја промовираат Македонија затоа што таа е прекрасна и изобилува со неверојатни убавини, природа. Кога се во Скопје, на туристите дефинитивно им препорачувам кафе во Дебар Маало, шопска и ќебапи во Стара чаршија и нормално, посета на Матка.
ММ: Често патувате? Не пропуштате да гледате и фудбалски натпревар. Ковид 19 не влијаеше на одлуката за спортската борба Реал Мадрид - Интер да ја проследите во Мадрид. Исто така го посетивте и Киев, лани. Ве импресионира со нешто, украинската метропола? Убаво е метрото, вклучително и катедралите, манастирите, црквите. На кои места би се вратиле пак, од сите досегашни патувања? Имате омилени, што ѝ одговараат на Вашата природа?
С. П.: Обожавам да патувам и кога се патувањата во прашање не сакам да штедам, сакам да имам спомени, а не материјални работи. Имав среќа минатата година, па дел од моите работни посети беа Мадрид и Киев и секако, имав среќа да го гледам натпреварот во Лигата на шампиони помеѓу Реал Мадрид и Интер. Неверојатен спектакл, треба да се доживее, не се опишува атмосферата. Мадрид го доживеав како преубав, во секој поглед, посебен впечаток ми остави паркот во центарот на Мадрид и музеите во него. Ме изненади позитивно, во секој поглед, освен незнаењето англиски јазик на неговите жители. За разлика од Мадрид, Киев воопшто не ми се допадна, ми се виде многу тмурен, без визија како се развива, неверојатна бетонизација на просторот, без концепт. Она што најмногу ме релаксира се патувањата во Белград и Софија, моите омилени градови. Уживам кога ги посетувам, таму се полнам со позитивна енергија - градови кои живеат и имаат душа.
ММ: Кога веќе го споменавме фудбалот, навивате за Жозе Мурињо. Занимливо. А, Рома? Ќе ни ја откриете причината? Заради менаџерските способности? Начинот, стилот на живеење или..? Неговиот прекар е „Специјалниот“.
С. П.: Најверојатно јас сум единствениот навивач во фудбалот кој навива за тренер, а не за клуб. Жозе Мурињо ми е омилена личност во фудбалскиот свет и не само во него, туку воопшто - дрзок, надмен, способен, успешен, со неверојатен стил и харизма. Ми се допаѓаат личности кои знаат што прават и не сакаат да глумат дека се скромни, емпатични и слично. Најмногу ми се допаѓа неговата гордост и силниот став. А, Рома - се надевам дека ќе победи во финалето на Конференциската лига во Тирана и ќе го однесе трофејот во Рим по суша од 20 години.
ММ: И начинот, стилот на облекување му е препознатлив, личи на „Бриони“. Велат: руба краси, руба гнаси. Што мислите, дали облеката го прави човекот? Вие, кој начин, стил на облекување го преферирате? На што се базира и дали е битен за комплетниот впечаток на секоја личност, па и Вашата, не само приватно туку и професионално, како деловен (бизнис) консултант, ментор за односи со јавноста..?
С. П.: Како појава, Мурињо е харизматичен, каде и да се појави, што и да направи - привлекува огромно внимание и, што е најважно, силно се носи со тоа внимание и одговорност. Се гледа италијанското влијание во неговиот стил кој плени со елеганција и го почитувам тоа, иако е тренер, ретко може да го видите во спортска комбинација. За да имаш стил, не се потребни големи средства, само треба да знаеш што сакаш. Јас сум класичен тип, ја сакам класичната облека и воопшто не робувам на новите трендови, облеката не го прави човекот, но делува на него во позитивна или негативна конотација. Сакам убав часовник, класичен и секогаш го носам на десната рака. Ако зборуваме за брендови што ми се омилени, Армани е без двоумење, ама класичната линија.
ММ: Што ги советувате Вашите клиенти за ова, т.е. прашањето на имиџот? Каков треба да биде кога е пи-арот во прашање? Мислам на брифинзите итн. Класичната облека е непогрешна, претпоставувам. Што е важно? Се разбира, со манирите во комплет.
С. П.: Биди секогаш спремен, не бегај од обврските и подготвувај се најдобро за секој настап или настан, а притоа биди искрен и спонтан. Кај нас пи-арот се доживува како алатка само да те има во медиумите, а тоа е само дел од пи-арот. Добриот пи-ар може само на почеток да креира добра слика, но доколку позади тоа нема резултати и работа, само ќе ја влоши ситуацијата. Мојот пристап е: секогаш биди позитивен и не бегај од одговорност кога има тешки моменти, јавноста сака да гледа личности кои и во тешки времиња покажуваат лидерство, а не кукавици. Јас сум поборник на класиката и во тоа верувам, така што во делот на стилот на облекување, класиката е моја препорака и нормално, позитивна енергија.
ММ: Да се вратиме на бизнисот, претприемништвото. Дали џентлменството е својствено за деловните односи? Мислам овде. Можна ли е т.н. џентлменска спогодба и покрај тоа што пауперизацијата веќе станува реалност? Или заткулисните игри се почести.
С. П.: Џентлменството е одлика на вистинските претприемачи и господа во бизнисот, даден збор или подадена рака е гаранција за почитување на договореното. Мојата перцепција е дека тука реално и нема џентлменство, само некакви заткулисни игри, глумење големи, зафатени бизнисмени. Дарен Харди вели: за да растам во бизнисот, секогаш ги одбирам најдобрите тренери, за говорење, презентација, личен раст, не смееш да штедиш за јакнење на своите вештини. Кај нас ситуацијата е обратна, имам впечаток дека бизнисмените знаат сѐ и дека немаат потреба од консултанти.
ММ: Вашата професија изискува постојано усовршување, надградување. Очигледно дека го читате Харди. А, Трејси? Дарен говори за кумулативниот ефект и неговата моќ во постигнувањето на успехот. Се согласувате со Американецот дека „судбината“ е резултат на одлуките во секојдневниот живот, кои ги носиме? А, Брајан? Кои дела од неговиот богат дијапазон (интелектуален) Ве инспирираат повеќе, најмногу?
С. П.: Моментално ја читам „Кумулативен ефект“ од Дарен Харди и се изненадив колку е добра книгата, колку добри и позитивни работи има во неа. Последна книга што ми остави неверојатен впечаток и беше препорака на жената што работи во книжарницата - „Тајните на милионерскиот ум“ од Т. Харв Екер, книга во која одвреме-навреме си препрочитувам делови и која има големо влијание врз мене. За жал, многу доцна почнав да читам книги, дури кога ги започнав моите постдипломски студии, ама оттогаш немам престанато. Најчесто читам книги за бизнис и претприемништво и, доколку би бил министер за образование, книгите од Питер Дракер и Брајан Трејси, особено неговата „Без оправдување“ би ги вовел како задолжителна литература во средното образование. За книги можам да зборувам цел ден.
ММ: А пропо нивните размислувања, гледишта за животот, каква е Вашата филозофија? Која е целта на човековото постоење, смислата? Можеби сетилното уживање? Дали се доживувате како хедонист?
С. П.: Воопшто не сум хедонист и не сум во тој „филм“ да пушам пури, да пијам скапо виски, да се сликам со јавни личности, да покажувам брендирана облека и слично. Повеќе ме влече успехот во работата, да изработувам и имплементирам проекти кои ќе имаат значење за општеството, да одржувам обуки, тренинзи на граѓаните кои ќе им помогнат за реално да ги зајакнат своите капацитети, наместо да правам работи кои ќе им изгледаат „вау“ на луѓето. Уживам во друштво со син ми, кога се убедуваме за некои работи, кога му објаснувам за теми за кои имам знаења, обожавам дружба со другари во кафеана, обожавам да патувам и да откривам како функционираат луѓето во другите држави. Обожавам и предизвици во работата, колку потешко и посензитивно, толку подобро. Целта е да се развиваш континуирано на секое поле - кога ги зголемуваш своите знаења и вештини, кога придонесуваш во позитивна смисла, кога гледаш дека предизвикуваш позитивна енергија кај другите, а не кога живееш за на социјалните мрежи да покажеш колкав хедонист си, да покажеш лажен живот.
Блиц прашања
ММ: Вашето присуство на социјалните мрежи е забележливо, речиси секојдневно. Критикувате многу често. А, бидејќи политиката Ви е пасија, т.е. односите, релациите во неа, што Ве иритира посебно кај политичарите?
С. П.: Да, прилично сум активен периодов, не само на социјалните мрежи, туку и во медиумите. Целокупната слика во општеството е катастрофална и сметам дека прагот на толеранција на граѓаните веќе е надминат. Критиките се упатени кон неспособните политичари кои не можат да направат држава со 1,8 милиони граѓани да биде посебно и убаво место за живеење, а толку е лесно. Гневен сум што политичарите не сносат никаква одговорност за својата работа, евентуално политичка на избори. Сакам да сносат одговорност за своето работење, да знаат дека веќе нема простор за грешка и дека ќе бидат казнети за неработењето.
ММ: Како Ви започнува денот? Имате можеби некој ритуал? Како се расонувате?
С. П.: Не сум баш утрински човек, тешко ми е кога треба да станам, ама штом станам, веќе е друга приказна. Еспресо и дневни весници ми е рутина и ритуал кој го практикувам. Јас сум од старата школа и сѐ уште купувам по два дневни весника и ги читам насабајле со еспресо, или дома направено или во кафе-бар. Празник на душа ми е кога сум во Белград и имам можност да купам повеќе дневни весници, да ги читам додека пијам кафе насабајле - полна душа.
ММ: Живеете конвеционално или.., со префиксот „не“? Во кафеана, што Ви се допаѓа - боемскиот живот (макар и неколкучасовен), музиката, опуштањето..? Или причината за посетата е јадењето, сепак?
С. П.: Уф, ме погоди сега. Многу сакам да одам во кафани, но не во извикани, туку во маалски, локални, каде што сите се познаваат, каде што секогаш има муабет, гласно зборување, убедување кој за кого е, кој згрешил, места каде што ги „оправаме“ државата, фудбалските клубови, светската политика и нормално, Македонија. Секогаш кога патувам низ Македонија и држам обуки, тренинзи, сакам да седнам баш во такви кафани, да го осетам духот на крајот и на локалниот менталитет. Кафана е место каде што се опушташ со пријатели, мезиш, пиеш ракија, по можност домашна, место каде што се чувствуваш пријатно и ти излегува стресот. Некој ќе рече дека сум боем, јас би рекол кафанофил, ха, ха, ха.
ММ: Што Ви е Ахилова петица (слаба точка)?
С. П.: Дефинитивно најслаба точка ми е синот Андрија кој ме „вози“ како сака со неговите 12 години. Кога ќе ми текне какви сѐ финти ми прави за да го добие тоа што го сака, ме фаќа „паника“. Шегата настрана, многу сум среќен кога го гледам како расте и како се развива во човек со вистински вредности, кој има многу емпатија кон луѓето и животните, има мила звезда. Многу брзо ми расте и веќе ми фалат моментите со него, повеќе сака да шета со другарите отколку да седи со татко му.
ММ: Што му велите на синот, да остане во Македонија или да отиде во странство, таму да ја гради својата иднина?
С. П.: Секако дека школувањето ќе го продолжи надвор, најверојатно во САД и посакувам да ги следи моите стапки. Сакам да види како е во странство и како треба сам да се бори со своите знаења и вештини и сам да успее. Мене ми е најбитно да е среќен и тоа што го прави да го исполнува, по можност бизнис консултант, а не правник како мајка му, ха, ха, ха.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Синиша Пекевски