Лазаров: Потребна е поддршка за женската репрезентација, ЕУРО е добра шанса за прогрес

Македонија од ноември заедно со уште две земји, Словенија и Црна Гора е домаќин на Европското сениорско ракометно првенство за жени.

Нашата женска репрезентација е во група со Франција, Романија и Холандија, не сме меѓу фаворитите, но поддршка е потребна, вели селекторот на мажите, Кирил Лазаров.

„Да покажеме како и досега, како и во минатото, ние сме ракометна земја, и женската репрезентација ја заслужува целата поддршка од сите. Важна е публиката, сакам нашата „Фаланга“ да дојде и да ја бодри женската репрезентација, и да играат пред полни трибини. Женскиот ракомет е во нагорна линија, се работи добро и амбициозно, мислам дека сме на добар пат. Пред нас е голем настан, доаѓаат големи ракометни имиња, чест ќе ми биде да бидам дел на сите натпревари. Се надевам дека сите ние ќе го искористиме овој настан за промоција на Македонија, за женскиот ракомет воопшто“, изјави Лазаров.