Лазаров пред СП: Имаме ракометен идентитет и тимски квалитет

Македонската ракометна репрезентација и овој јануари, ќе биде во центарот на вниманието на нашата спортска јавност во Македонија. Нашите најдобри ракометари ќе бидат учесници на СП во Полска и Шведска кое се игра од 11 до 29 јануари.

Македонија првиот меч го игра на 13 јануари против Норвешка. Пред заминување на нашата експедиција во Краков, денеска на прес-конференција свое видување даде селекторот Кире Лазаров.

„На почеток сме на уште едно големо натпреварување, тоа е СП во Полска и Шведска. Зад нас се тие четири контролни средби на кои ја темпиравме формата за тоа што не очекува. Сакам да нагласам дека многу труд вложивме за да дојдеме до ова СП, со оглед на тоа дека во меѓувреме направивме смена на генерациите и со обединети сили стигнавме до Мундијалот, На момците треба да им се даде поддршка, ова беше напорна година за нив, бидејќи минавме два баражи со Романија и Чешка. И дадовме шанса на оваа генерација да продолжи по стапките на нас повозрасните. За сетоа тоа што беше сработено им се заблагодарувам на момците, но треба да им се даде и охрабрување за тоа што ги чека на СП, секако треба да се пофалат и за досегашните резултати“ посочи селекторот.

Лазаров потенцираше дека клучна работа е создавањето на препознатлив стил на игра, многу побрз од било кога претходно кога станува за репрезентацијата на Македонија:

“Она што е најважно, Ние имаме свој идентитет во играта, што е тешко ако се знае дека низ годините наназад секогаш игравме многу бавно и тоа беше наш заштитен знак. Сега не знам дали ќе биде доволно тоа за да се победува или да се губи, но убеден сум дека сме на вистинскиот пат. Во првото коло се среќаваме со Норвешка, јас од срце верувам дека за неколку години и ние ќе станеме Норвешка, селекција која игра скандинавски ракомет, со препознатлив стил на игра“ истакна Лазаров.

На крај вели дека е загрижен за здравствената состојба на Никола Митревски и Филип Талески.

„Малку ме загрижува здравствената состојба на Никола Митревски и Филип Талески, тие го одработија првиот тренинг, се во добра состојба, ама ќе бидеме претпазливи. Двајцата не се на 100%, меѓутоа се надевам дека како ќе поминува времето, ќе бидеме комплетни. Не очекува еден турнирски систем, со многу натпревари во краток рок. Мора да бидеме претпазливи како ќе ги издозираме сите играчи. Не смее да бидеме еуфорични кога ќе победиме, не смееме да тагуваме кога ќе загубиме. Имаме една нова Македонија“, заврши селекторот.

ФОТО: РФМ/ФЕЈСБУК