Љубовната приказна на Драган и Иванка Костиќ: Сѐ уште седиме еден крај друг - во ноември ќе одбележиме 45 брачни години
Драган Б. со точка Костиќ (74) и неговата Иванка (68), ги врзува голема љубов, но и почит. Тој е ѕвездата во домот, но таа столбот на семејството и негова најголема поддршка.
Од мај 1974 до 25 ноември 1979 биле во врска. Го чекала година и пол да се врати од војска и во тој период била сведок на популарноста на емисијата „Поп албум“, развојот на „Диско селектор“, создавањето на емисијата „Пријатели добар ден“ (Гиго и Цветко), неговите први телевизиски ангажмани и подемот како ди џеј во диско клубот Турист.
Драган и Иванка во Турист
Родители се на Бранко и Елена и баба и дедо на три внуци: Андреј, Ива и Николај.
ЖМ: Љубовта е таа силна емоција која сите нѐ движи и е инспирација за многу уметници да ги насликаат ремек делата, да искомпонираат музика и да ги напишат најубавите стихови. Кој ви е омилен текст од песна, во кој пронаоѓате дел и од вашата љубовна приказна со сопругата?
- Кога Елвис Присли се развел од сопругата Присила, по излегувањето од судницата, седнал покрај неа во нејзиниот автомобил и ја отпеал песната која никогаш не ја снимил и која никогаш не ја извел пред некого, во живо:„I WILL ALWAYS LOVE YOU“. И уште една песна чиј текст секогаш емотивно ме допира, „Рио Есперанца“, на поранешната пеачка на групата Литл фит – Шон Марфи, која зборува за верба во надежта, копнежот по очекуваниот. А Иванка? Нејзини фаворити се баладите на Чолиќ, Балашевиќ, Владо Георгиев…
Драган во 1975 година
ЖМ: Кога првпат се сретнаа вашите погледи, кои беа причина да го одберете патот по кој заедно ќе чекорите низ животот? Беше ли тешко да се освои убавата скопјанка Иванка?
Драган: Во тоа време, 1974, полека се искачував во естрадната хиерахија во професијата - новинар водител, иако од средината во која работев - Македонската радио телевизија (тогашна РТ Скопје) поимот музички новинар беше некако маргинализиран, исто како и диск џокејството. Не дека немаше диско клубови, но во нив не се влегуваше како врвен познавач, туку преку пријателски врски или, „знам еден кој многу добро познава музика и има многу плочи". Тоа е како игра во која по секоја победа или серија такви, се искачувате скалило погоре. Од локалниот клуб Пони, преку клубот во мотелот Путник крај населбата Белимбегово,сегашна Илинден, до Панорама, која беше куса приказна, но значајна за натамошниот поттик. Радиото беше во тоа време врвен показател за моментната (условна) популарност или препознавање. Впрочем диск џокејството (поимот ди џеј дојде подоцна), ми беше иницијатива за влез во радиото. На тој пат, повеќе од очигледна беше препознатливоста во средините во кои се движев. Бев слика на своето време, шармантен, зборлест, информиран (одлики на хороскопскиот близнак), симпатичен како физичка субјективна карактеристика, како и многумина други имав „клубче", две дворни простории на Ленинова 12, низ кои минуваа познати скопски ликови, на забави, журки, добра музика, и многу девојки. Близината на две елитни гимназии, Јосип Броз и Орце Николов, обезбедуваа непресушна низа девојки, а веќе и работата по клубови ја зглемуваа бројката за можен избор на убавина.Не бегав од неа, но и бев пробирлив. Не бев некоја добра женска инвестиција за подолго време, бев непостојан во врските, кои беа речиси куси, освен неколку. Во тоа време немаше музички настан на кој не присуствував. Најчесто во МКЦ, кој беше гнездо на македонското музичко јато. Создавав пријателства со луѓе, кои како и јас го почнуваа својот лет, но едно беше посебно значајно за мојата љубовна приказна. Бев водушевен од неверојатните пејачки перформанси на таканарекуваната македонска Џенис Џоплин, Зорица (тогаш Милисављевиќ ) подоцна Поп-Панкова. Таа како мој најблизок женски пријател, една вечер на скопското корзо кај Кенан, ме запозна со својата училишна другарка Иванка. Неврзан разговор, вообичаено трачарење за овој оној, оваа или онаа, а кога дојде времето за дома (се знаеше доколку се излегува) решив да ги испратам девојките до автобуска. Автобусот на Иванка дојде порано и одејки кон него, гледајки ја, Зорица ме праша: „Нели е згодна?". Замислено, реков: „Аха". Како да реков ДА пред матичар. Ама ќе мине долго време пред тоа да се случи. Набргу, ја викнав на прв состанок, во Езерце. Го паметам по тоа што, не ја испи кока колата. Беше мај 1974, а месец дена подоцна, на 29 јуни, ја почнав емисијата Диско селектор. Среќа или судбина? Би рекол, првото.
Драган и Иванка на венчавката
ЖМ:Во музиката, како и во љубовта потребно е пред сѐ да се биде искрен, рекол големиот Џузепе Верди. Иванка, дали таа особина на Драган, кој секогаш е искрен во својата професија поврзана со музиката и јавните настапи веднаш ја препознавте? Со што ве освои?
Иванка: За него ми зборуваше мојата пријателка Зорица, тој правеше емисија на првата програма на Радио Скопје, Поп албум, но се уште не беше водител, го немав видено сѐ до вечерта кога на корзо го сретнавме пред Кенан. Ми беше интересен, комуникативен, беше очигледно дека познава многу луѓе и многу луѓе го познаваа, судејки по постојаните поздравувања со оние кои поминуваа крај нас. Морам да признаам, беше симпатичен. Бев љубопитна, за почеток.„Ајде да седнеме некаде деновиве" - беше неговиот предлог за состанок. Седнавме, во Езерце. Јас повеќе слушав, тој зборуваше и повеќе од доволно за двајца. Чудо, му верував во сѐ што зборуваше. И се уште му верувам. И се уште зборува за двајца. И се уште седиме еден крај друг, веќе 50 години, ако Господ даде здравје, во ноември годинава ќе одбележиме 45 брачни години.
Целиот текст на ЖЕНСКИ МАГАЗИН