Македонија оди на победа против Фарски Острови
Фудбалската репрезентација на Македонија денеска на арената „Тодор Проески“ во Скопје го пречекува составот на Фарски Острови.
Ова е пријателски натпревар за македонскиот национален тим, започнува од 18 часот.
Селекторот Благоја Милевски потенцира дека сите средби се важни, а во тимот ќе има сериозни измени, шанса ќе добијат играчите кои не настапија на мечот со Малта.
„Не се во комбинација Димитриевски, Зајков и Муслиу, но сите други се подготвени и во комбинација за настап против Фарски Острови. На последните осум натпревари, Противникот има само еден пораз, ја победија Турција и тоа доволно зборува дека денеска нема слаби селекции. Треба да бидеме потполно фокусирани. Нема фаворити во денешниот фудбал и тоа ќе го кажам по којзнае кој пат. На ваков меч се испробуваат разни варијанти кои ќе ни помогнат за следните натпревари“, рече Милевски на прес конференцијата.
Елиф Елмас – репрезентативец на Македонија:
„Сите ние во репрезентацијата секогаш кога доаѓаме го даваме најдоброто од нас за Македонија. Така ќе биде и со Фарски острови. Јас за репрезентацијата секогаш сум максимално мотивиран. Тоа што е Наполи, тоа останува таму и во моментов е небитно, размислувам само за Македонија. Секогаш се трудам да го дадам максимумот“. Нè чека предизвик во кој ќе го дадеме максимумот, зашто знаеме дека Фарски острови имаат добра низа на резултати. Но, ќе излеземе на терен да го направиме тоа што ќе се договориме и тоа што го бара селекторот од нас“.