Македонија ЃП против ЦСКА Софија, повеќе од фудбалски меч во Конференциската лига
Денес од 17-30 на стадионот „Петар Милошевски“ на теренот на ФФМ, екипата на Македонија ЃП ја пречекува ЦСКА Софија во второто коло од квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.
Да не беше актуелна состојбата на релација Македонија – Бугарија-ЕУ, веројатно ова ќе беше само еден вообичаен фудбалски меч, но сега состојбата поради нефудбалски работи е малку „наелектризирана“.
Македонија ЃП објави дека стадионот е распродаден, тоа значи дека тимот од Ѓорче Петров ќе има голема поддршка против софиска ЦСКА.
Тренерот на тимот од Ѓорче Петров, Муарем Бајрами, потенцира дека политика не го интересира, фудбалот на прво место, а играат против фаворитот од Бугарија, нема предавање, ќе се оди на позитивен резултат.
„Имаме прецизни информации за тимот на ЦСКА, не нè интересира ништо освен фудбал и спорт. Треба на теренот да го покажеме најдоброто од себе, само така ќе дојдеме до добар резултат“, вели Бајрами.
За оние кои не обезбедија билети, МРТ ќе емитува директен пренос од 17-30 часот.