Македонија ја победи БиХ, кошаркарките со позитина атмосфера ја пречекуваат Белгија

Прва и голема квалификациска победа за нашата женска сениорска репрезентација, и тоа на гостински терен, против фаворитот БиХ со 68:66.

Никогаш не ја отпишувај Македонија, или подобро речено, големо е срцето на нашите девојки, на нашите најдобри кошаркарки.

Кога малку кој им даваше шанси за прва победа во квалификациите, тие се издигнаа над сите проблеми. Најавија дека БиХ е шансата, картата на која треба да се игра, и таа најава, зошто не и ветување, нашите сениорки, го исполнија...

Ја победија Босна и херцеговина среде Сараево, за прва квалификациска радот, и многу поголема самодоверба пред последниот меч, оној во недела против веќе пласираната на ЕП, репрезентација на Белгија.

Веројатно најдобриот почеток во овие квалификации го имаше нашата најдобра женска репрезентација. На гостувањето во Сараево го отворивме дуелот со БиХ со одлични (15:4), во нецели осум минути. До првиот „мал одмор“ Босанките симнаа дел од негативата, но го затворивме со водство од (15:10).

Ја почнавме според очекуваното и втората. Антиќ погоди за три поени, и донесе нова резултатска сигурност (18:10). Разлика која со повремени падови во играта, посебно во нападот, успевавме да ја одржуваме.

Она што беше важно е што поените ги распределивме во комплетната стартна петорка. А сосема коректни рољи, имаа една од најмладите во нашиот тим, Николиќ (во рекетот како замена за Кметовска), и Митревска, која пополнуваше на бековските позиции.

Втора важна работа е што нашите девојки во ниту еден момент од прата четвртина не му дозволија на противникот да поведе. По 20 минути игра имавме солидни (30:26), односно поделивме по 15 поени во двата периоди во кои Македонија постојано водеше.

Кметовска броеше осум поени, Митрашиновиќ и Трајчевска имаа по шест, а Антиќ и Стојановска по пет.

Го чувавме водството до 27 минута, кога за прв пат домашната селекција поведе, со (40:38). Но веднаш го вратија Трајчевска (со тројка) и Митрашиновиќ, со „два плус еден“ игра, за (44:40).

Продолживме со добра игра во нападот, макар и преку линијата за слободни фрлања, Митрашиновиќ донесе уште повисока предност.

По три четвртини, Македонија водеше со (49:43).

Имавме и уште повисоки (58:51), по нецели три минути од последната четвртина. Но влеговме во проблеми, и тоа со лични грешки. Практично во два напади, четвртата лична грешка ја добија прво Кметовска, веднаш потоа и Митрашиновиќ, што ја ослабе нашата одбранбена линија која дотогаш функционираше навистина добро.

Веднаш видливо на резултатот, затоа што на 3:30 минути пред крајот Босанките преку Американката Хард,  повторно поведоа, сега со (61:60). Но нашиот капитен „повлече“ во вистинско време, донесе нерешени (66:66).

А потегот на вечерта во салата „Сабит Хаџиќ“ сепак и припадна на една од најмладите, Николиќ, која ладнокрвно, во својот прв обид, погоди еден тежок шут, за водство (68:66), и победа.

Голема, прва за нашата женска сениорска репрезентација во квалификациите за Евробаскетот 2023.

Апсолутно заслужена, и повеќе од тоа !  

Претходно, селекцијата на Белгија стигна до убедлива победа на гостувањето во Германија (69:44), и го осигура пласманот на Европското првенство. Токму Белгијките се нашиот нареден противник, во недела навечер од 18.часот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

Им треба поддршка на овие девојки кои изгинаа, го потрошија последниот атом од својата енергија на теренот во Сараево. Заслужија и да ја добијат со овие 40 минути во главниот град на БиХ. 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2023

ГРУПА А

РЕЗУЛТАТИ 5. КОЛО

Германија – Белгија  44:69

БиХ – МАКЕДОНИЈА  66:68

ТАБЕЛА

1.Белгија  5  4  1  446:287  9

2.Германија  5  3  2  343:299  8

3.БиХ 5  2  3  351:408  7

4.МАКЕДОНИЈА  5  1  4  261:401  6

ИДНО КОЛО (12.02)

МАКЕДОНИЈА – Белгија

БиХ - Германија