Македонија ќе добие планинарска трансверзала од цели 2070км !
Во организација на повеќе ентузијасти и планинарски здруженија се формира Македонска „Бесконечна“ Трансверзала (со скратено, уметничко име „Sammiana“ ) - планинарска патека долга дури 2070 км и која ги опфаќа најголем дел од планините и природните убавини во Македонија !
Се работи за огромен и импозантен проект, не само поради импресивната должина , туку и поради тоа што поголемиот дел од трансверзалата, односно околу 1500км се нови патеки. Дополнително , со трасата се промовираат и предели кои се помалку познати за планинарската заедница и на некој начин се неправедно запоставени и покрај својата убавина.
Со овој проект Македонија ќе ја добие најдолгата планинарска трансверзала на балканот и ќе се најде на мапата на долги европски и светски трансверзали , а со тоа ќе стане и примамлива дестинација за сите планинари од целиот свет кои се љубители на трансверзалното планинарење.
Покрај трасирањето на самата трансверзала, во исто време за првпат ќе добиеме долгометражна патека за која ќе постојат прецизни и детални мапи и ГПС записи, добро документирани и со сите потребни информации за домашните и странски уживатели на трансверзалата.
Повеќе за трансверзалата:
Македонска Бесконечна Трансферзала ( кодно/уметничко име Sammiana ) е мега кружна трансверзала - непрекината планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.
Која е целта на „Македонска Бесконечна Трансверзала“ ?
И додека во светот постојат многу т.н. долгометражни ( Long distance – Thru Hiking ) патеки, во Македонија и покрај одличните услови за жал нема патека која може да се вброи во оваа категорија. Позната е само ЗападнатаМакедонска трансверзала со должина од околу 170км и неколку помали кои се помалку познати. За жал, дури и за овие помали трансверзали не постои прецизна мапа/ГПС запис со точни информации за извори на вода , погодни места за кампување, информации за околината и слично, така да се непримамливи за планинари кои веќе добро не ги познаваат овие патеки и околината.
Затоа целта на овој мега проект еМакедонија да добие долгометражна патека која ќе биде убава за движење, јасна и маркирана на терен, а дополнително прецизно и комплетно дигитално мапирана на ниво на сите поголеми светски трансверзали. Со тоа, во иднина оваа трансверзала ќе биде магнет за илјадници домашни и странски планинари и ќе биде гордост за македонското планинарство и бенефит за македонскиот туризам и економија.
Со својата должина од над 2000км како и со својата убавина и разновидност на трасата , Македонската Бесконечна Трансверзала ќе може да парира на сите трансверзали од овој тип во Европа и во светот.
Од каде „бесконечна“?
„Бесконечна“ има вистинско значење. Трансверзалата има една централна точка од каде што може да одберете да тргнете во четири насоки , а потоа по отприлика 40-50 дена повторно да се најдете на истата централна точка и да продолжите во друга насока или да продолжите по веќе поминат дел но во спротивна насока. По два месеца веќе е сменето годишното време и може повторно да продолжите по веќе поминат дел од патеката за да добиете сосема ново искуство и доживување бидејќи истиот тој дел веќе има сосема друг лик. Имајќи во обзир дека може да одберете и веќе поминат дел но во спротивна насока, испаѓа дека може да пешачите со месеци, т.е. бесконечно и цело време да не се осетите дека одите по истата патека.Кога ќе го додадеме и фактот дека патеката на мапа личи на математичкиот симбол за бесконечност ( infinity, endless ) , тогаш јасно е дека патеката со право можеме да ја викаме „бесконечна“.
Основни податоци
Должина: 2070 километри ( проценка за финалната должина )
Најниска точка: 103 мнв
Највисока точка:: 2520мнв
Највисока точка на дополнителна странична патека: 2764мнв
Потребно време за поминување на целата трансверзала: 70-100 дена
Траса и предности:
Трансверзалата се трасира така да пружи вистинско задоволство за љубителите на ваков тип спорт и рекреација. За што поголемо уживање на љубителите на планинарењето, трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови, со што се има можност за кратко време преку дополнителните странични патеки да се искачат било кој од нив што дава дополнителен предизвик на самата патека.
Целата трансверзала е поделена на секции така што секоја секција сама по себе е една трансверзала, а неколку секции прават едно крило. Со ваквата поделба со комплетирањето на целата трансверзала воедно ќе се добијат 15 други трансверзали, различни по должина, денивелација, природна околина и друго, што значи за различни типови планинари, различен терен, за различно време во годината итн.
Со самото креирање на толку многу трансверзали македонската понуда на планинарски патеки драстично се зголемува и се добиваат многу варијанти на патеки со должини од 10-20км па се до 2070км.
Така љубителите на помали трансверзали ќе добијат многу избор , а секој странски турист кој ќе помине една од помалите трансверзали многу лесно потоа ќе дојде повторно да помине некоја друга ( друг дел од МБТ ) бидејќи веќе е запознаен со начинот на функционирање и следење, со државата и слично.
Уште една предност на трасата е тоа што таа е многу разновидна во секој поглед, почнувајќи од надморски висини, тип на терен, тип на опкружување, тип на попатни дополнителни интересни точки итн. Според нашите сознанија на останатите трансверзали во Европа и САД, ниедна друга нема толкав диверзитет како Македонската Бесконечна Трансверзала.
Повеќе информации за новата македонска мега трансверзала може да се најдат на www.sammiana.com
Придобивки од проектот:
Придобивки за македонската планинарска заедница:
Со комплетирање на трансверзалата македонската планинарска заедница ќе добие 2070 км маркирани и комплетно дигитално трасирани и мапирани патеки. Од целата траса, повеќе од 1500 км се нови патеки кои досега не се користат од планинарската заедница.
Целата трансверзала ќе биде вклопена во светски дигитални мапи од различни типови – ќе се најде на мапите на open street map и на многу други платформи наменети за планинарски патеки кои ги користат многубројни апликации и сервиси, а кои пак ги користат и македонските планинари.
Придобивки за државата:
Македонија ќе добие прекрасна долгометражна патека која во иднина ќе биде магнет за илјадници странски планинари и ќе биде бенефит за македонскиот туризам и економија.
Било каков турист е промоција на државата во целина. Колку повеќе време поминуваат туристите во државата толку е поголема промоцијата. Овој проект привлекува „туристи“ кои ќе поминуваат многу подолго време од просечното и кои ќе посетат најмногу места во државата па следствено се најголеми промотери на државата.
Дополнително, проектот носи големи бенефити за локалната економија и е во насока на развивање на руралните средини, па така директен бенефит ќе имаат и локални мали бизниси, како преноќишта, продавници, ресторани, превозници и слично
Статус на проектот:
Источното крило во должина од 1175км е веќе во финална фаза .Трасата е речиси целосно комплетирана и мапирана и на веб страната www.sammiana.comвеќе се објавени неколку прецизни и детални дигитални мапи со комплетни ГПС записи за симнување. Во периодот кој следи ќе бидат целосно објавени и комплетирани преостанатите Мапи и ГПС записи со што целата траса на источното крило ќе стане функционална.
Западното крило, иако е во голем дел трасирано, сепак сеуште е во фаза на подетално трасирање и мапирање и се очекува да биде завршено до крајот на 2024-та година. Се вкупната должина на западното крило се очекува да изнесува помеѓу 850 и 900км.
Тренд во светот:
Модерните времиња прават планинарењето и пешачење на долги стази да е нов тренд во светот кој зема се повеќе замав и потребата од „терен“ за овој вид на спорт и рекреација секоја година се зголемува .
Сепак, трендот изискува и модерно мапирање, т.е. топографските хартиени мапи веќе се заменети со дигитални мапи кои заедно со дигиталната технологија пружаат можност овој вид на надворешни активности да бидат достапни и привлечни за многу поголем број на луѓе. Предуслов за една долга трансверзала да биде примамлива за широк круг на странски планинари-туристи е да биде во согласност со тие нови модерни текови, што значи да биде дигитално мапирана не само со GPS записи туку и со сите потребни останати информации за точки од интерес па дури и слики од повеќето од нив – кампинг места, извори на вода, пристапни точки и други информации за се што може да биде од интерес во реоните каде поминува трансверзалата.
Примери за трендот на трансверзално планинарење на добропознати светски трансверзали:
PCT ( Pacific Crest Trail ) – една од најпознатите светски долги трансверзали:
Од 200 пријавени целосни поминувања во 2010 бројката се зголемува на 1200 во 2019.
Од 1879 издадени дозволи за целосно поминување во 2013, бројката се зголемува на 7888 дозволи во 2019-та
Овде секако не се вклучени многупати поголем број на поминувања на одделни секции од трансверзалата ниту пак уште поголем број неколкудневни тури на некој дел од трансверзалата.
Apalachian Trail – една од најстарите планинарски трансверзали
Од 1000 пријавени целосни поминувања во една насока во 2007-ма, бројката се искачува на 4000 во 2019-та
Te Araroa (Нов Зеланд ) – Официјално отворена во 2011
Од 350 целосни поминувања во 2016-та бројката се качува на 1700 во 2019-та
Овие бројки се само репер за трендот на згоелeмување за интересот за ваков тип планинарење во светот, додека бројките на вкупен број луѓе кои ги користат овие трансверзали воопшто е многу поголем. Така на пример за Te Araroa се проценува дека помеѓу 60.000-80.000 планинари годишно користат делови од трансверзалата ( извор – Wikipedia )
Примери за трансверзали од регионот ( Балкан и Турција ):
-CLDT ( Croatian Long distance trail ) – 2180km – ( www.cldt.hr )
-Via Adriatica – 1100km (https://viaadriatica.org/ )
-Via Transilvanica – 1400km (https://www.viatransilvanica.com )
-Via Dinarica – 1261km ( www.viadinarica.com)
Повеќето од овие трансверзали сеуште се во некој степен на развој и иако веќе се користат од домашни и странски планинари сепак бројките на посетители годишно од разни причини сеуште се мали.
Сепак, турската Lycian Wayкоја е стартувана како проект во 1999, со должина од 535Km е веќе оформена, маркирана патека која годишно ја користат 30.000 луѓе ( извор https://en.antaliy.com/lycian-way/ )
*пр-објава