МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ КАДЕ МЛАДИТЕ НАЈДОЛГО ОСТАНУВААТ ДА ЖИВЕАТ СО РОДИТЕЛИТЕ - еве во кои земји рано заминуваат од домот

Младите во ЕУ домот на своите родители го напуштаат на просечна возраст од 26,2 години. Генерално младите од северот порано го напуштаат домот на родителите, споредено со младите од појужните држави.
Најдолго во домот на родителите остануваат младите во Црна Гора, во просек до својата 33,3 година, а најрано го напуштаат младите во Финска во просек на 21,4 години. Македонците во просек остануваат да живеат со своите родители до својата 32,1 година.
Во 2024 година младите на ниво на ЕУ во просек го напуштиле домот на своите родители на 26,2 години, што е благо намалување во споредба со 26,3 години во претходната 2023, покажуваат најновите податоци на Евростат објавени во септември годинава.
Најдолго во просек од земјите членки на Европската унија во домот на родителите остануваат младите во Хрватска – до 31,1 години, потоа следат Словачка каде младите остануваат во просек до 30,9. По нив следува Грција со малку помал просек од 30,7 години, па Италија со 30,1 и Шпанија со 30 години просек до кога младите остануваат со своите родители.
Спротивно на нив, најрано го напуштаат домот на родителите младите во Финска, во просек на 21,4 години, по што следат Данска со 21,7 и Шведска со 21,9 години.
Податоците на Евростат покажуваат дека од 2002 година, оваа просечна возраст благо флуктуира помеѓу најниска од 26,1 година во 2019 година и највисока од 26,8 години во 2006 година.
Последните достапни податоци за Македонија се од 2023 година, кога според анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат, младите во Македонија (32,1) и во Црна Гора (33,3) најдоцна во Европа ги напуштаат домовите на своите родители.
Според анализата во Јужна Европа и на Балканот, повеќе од половина од луѓето на возраст од 20-25 години живеат со своите родители, додека во Северна Европа, пак, овој процент е под 20 отсто, па дури и под 10 проценти.
Во време кога трошоците за домување се предмет на постојана јавна дебата, податоците на Евростат покажуваат дека младите луѓе се малку повеќе погодени од трошоците за домување.
Во 2024 година, 9,7 отсто од младите луѓе на возраст од 15-29 години во ЕУ живееле во домаќинства кои трошеле 40 проценти или повеќе од нивниот расположлив приход за домување - стапка на преоптовареност со трошоци за домување, додека истиот процент за вкупното население бил 8,2 отсто.
Во 2024 година, меѓу земјите од ЕУ, имало значителни разлики во оваа стапка.
Во соседна Грција таа стапка достигнувала и до 30,3 отсто, додека пак во Данска 28,9 проценти, каде всушност биле регистрирале највисоки стапки на преоптовареност со трошоци за домување. Од другата страна па се жителите на Холандија каде стапката на преоптовареност со трошоци за домување изнесувала 15,3 проценти, па доаѓа Германија каде таа достигнвуала 14,8 отсто, па Шведска со 13,5 проценти.
Но, изненадувачи е што меѓу најниските стапки на преоптовареност со трошоци за домување се регистрирани во Хрватска каде биле само 2,1 отсто, па Кипар со 2,8 проценти и Словенија со три проценти стапка на преоптовареност со трошоци за домување.
Во 16 земји од ЕУ, стапката на преоптовареност со трошоци за домување била повисока кај луѓето на возраст од 15-29 години отколку кај вкупното население. Најголемата разлика помеѓу овие 2 групи е 14,3 процентни поени (п.п.) во Данска, по што следуваше Холандија со 8,4 процентни поени.
Извор: ФАКТОР