Македонска работа: За ист тип маска плаќале од 66 до 313 денари

За дури 68 отсто од склучените договори поврзани со набавки за коронавирусот била прекршена законска обврска да ги објават договорите во рок од десет ден аод потпишување, утврдил Центарот за граѓански комуникации во послендиот извештај кој се однесува на периодот од март до септември. Во тој период вкупно 6,7 милиони евра вредат договорите за итни јавни набавки за заштита од коронавирусот. 

Една третина од вредноста на овие договори отпаѓа на Министерство за внатрешни работи (МВР) кое со 2,2 милиона евра води според износот на склучените договори, 43 отсто од вредноста на сите тендери им припаднале на само пет фирми иако вкупно 186 добиле тендер поврзан со коронавирусот. 

Според наодите на секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач. Центарот утврдил и дека постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици, а дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.

Инаку покрај МВР, останатите институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот се Министерството за здравство, Универзитетската клиника за трауматологија, Градската општа болница „8 Септември“ Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Прва на листата со склучени највредни договори за итни јавни набавки е прилепската фирма „Гифти текс“, за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Следни, со позначаен износ на склучените договори, се скопските фирми „Биотек“ и „Соникс Анастасија“, а во првата петорка, но со помали износи, влегуваат и скопски „Алкалоид“ и кавадаречката „Лиса-Ком МС“.

Според истражувањето, големи разлики во цените од институција до институција има кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери. Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска. Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер. И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.

Сумарниот извештај од мониторингот на итните јавни набавки поврзани со корона вирусот може да се прочита на https://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/101?Category=2.