Роден е во 1922 година: Најстариот лекар сè уште предава на студенти – а има 4 тајни за долголетноста

Иако е специјализиран невролог, неговите достигнувања не се ограничуваат само на медицината. 

Со работа во медицината започнал во 1947 година, а во 1989 година, на 67-годишна возраст, го положил правосудниот испит и стекнал лиценца за адвокат. За време на Втората светска војна, служел во морнарицата на САД.

Денеска, и покрај годините, др. Такер предава на студенти по медицина и право на Универзитетот „Кејс Вестерн Ризерв“, и редовно учествува како вештак во правно-медицински случаи.

Четири животни принципи што го одржуваат активен

Искуството и мудроста на доктор Хауард Такер нудат важни поуки за животот и долголетноста. Тој живее доказ дека годините не се пречка за активен и исполнет живот.

1. Никогаш не престанувајте да учите

Доктор Такер постојано се труди да биде во тек со новите технологии и медицински иновации. Не се срами да побара помош кога нешто не разбира, особено со компјутерите. Верува дека интелектуалната форма се одржува преку постојани предизвици и дека љубопитноста е клучот за ментална свежина.

2. Пензионирањето не значи крај, туку нов почеток

Тој е на став дека повлекувањето од работата може да доведе до стагнација и психичко опаѓање. Затоа смета дека активното ангажирање во нешто што човек го сака и му дава смисла – е витално за долгорочно здравје и енергија.

3. Грижата за блиските е вредна инвестиција

За него, емоционалната рамнотежа, љубовта и добрите односи со партнерот, семејството и пријателите се поважни за здравјето од диетите и строгите режими на вежбање. Опкруженоста со позитивни луѓе го чува од стрес и негативност.

4. Да се слави животот, со свесност за неговата минливост

Тој отворено зборува за тоа дека свесноста за крајот на животот го мотивира да ужива во секој ден. Верува дека хуморот, истрајноста и благодарноста се најдобриот рецепт за долговечност. Иако има сериозни години, не се откажува од активен одмор – често се враќа и на скијање, дури и по повреди.

Извор: Мондо / printscreen YT Good morning America