Македонски мажи со најмногу стил: Уникатни и автентични
Машкиот стил не е едноставна формула или равенка што може да се совлада преку ноќ. Се разбира, тоа не претставува тајно знаење или тешка вештина, но за да остави впечаток еден маж како личност со стил, работењето на самиот себе е клучно. Стилот, каков и да е, мора пред сè да зрачи со моќта на целината.
Се вели дека облеката не го прави човекот, што е сосема точно, но нема сомнение дека стилот многу открива. Она што го носиме има значителен удел во визуелниот јазик и, барем во првиот момент, ќе го одреди односот на другите кон нас, таа првична перцепција.
Кај нас нема многу мажи со вистински изграден, силен, дефиниран стил, неприкосновен и врвен. Ама тие неколку, со години покажуваат дека знаат! Знаат што да облечат, бираат паметно и вешто, си ги знаат маните и недостатоците...
Немојте да мислите дека не се потрудиле! И тоа како обратиле внимание на секој детал. Но кај нив сега веќе не игра улога трудот, туку вештината! Вештината да се биде уникатен, без ограничувања од временски трендовски рамки, без премногу китење. Секој од нив е посебен на свој начин, остава трага, забележан е и не се врти по сите за да види дали го гледаат! Бидејќи е сигурен во себе, одличниот избор на облека и ставот!
Машки магазин, заедно со три наши дами кои важат за жени со дефиниран стил на облекување, ви презентира неколку од македонските мажи кои имаат врвен стил.
Ќе започнеме со изборот на нашиот магазнин:
Даниел Воиновски, „Еуроимпекс“- генерален застапник на „Пежо“, Живко Мукаетов- Претседател на Управниот одбор и Генерален директор на Алкалоид АД, Златко Муцунски- генерален менаџер на „Порше Македонија“, затоа што класа стил каков што поседуваат не е создаден од парите што ги имаат туку од нивната способност да создадат стилска приказна за себе која ја научиле, а при тоа да е беспрекорна и врвна.
Васил Зафирчев- актер, Ламбро Патче- менаџер за односи со јавност и комуникации во „Пивара Скопје“, Орце Камчев- бизнисмен, затоа што се уникатни и единствени во прикажување на елеганција, надополнета со дозирана класика и урбани моменти.
Кире Лазаров- ракометар, Адриан Гаџа- пејач, Пепи Јованов- стилист за коса, затоа што знаат покрај одличниот стил да играат и со спортска елеганција и со класика и со безвремени парчиња.
А, ова е изборот на трите дами: Елена Стефановска- водителка, Ивана Кнез- модна дизајнерка и Емили Пишева- Гоџирова, модна дизајнерка.
Стефановска се одлучи за пејачот Владо Јаневски затоа што го познава сензибилитетот на жената, бизнисменот Роберт Димитров- Роби бидејќи ужива во сопствената кожа и актерот Никола Ристановски поради стилот во кој се препознава фраер со карактер.
За Кнез изборот падна на двајца мажи со стил: Трајче Воинов, манекен и менаџер затоа што кога и да влезе кај него во канцеларија покрај неизоставената насмевка, секогаш е скоцкан од глава до пети во негов стил, современ, но со личен печат, и манекенот Влатко Кузмановски затоа што е пример како еден маж треба да изгледа денес, без разлика дали е во некоја секојдневна комбинација или наменски одбран костум, никогаш не греши. “Не за џабе се соблеков покрај него во фотосесија“- вели дизајнерката.
За Пишева, тројца наши мажи можат да го понесат епитетот „најстилски“. Тоа се Стефан Филиповски од „Некст Тајм“, Марко Костадиновски, сопственик на „Why Not Communications“ и пејачот Влатко Лозаноски. Ги бира поради дефинираниот стил, автентичноста и уникатноста.
Се разбира, оваа листа не е конечна. И вие можете да додадете некој за кој сметате дека има вистински изграден стил на облекување.
Небојша Толески