Македонскиот џентлмен на билијардот: Сипковски фуриозно и на US Open
Билијардот и
снукерот ги нарекуваат префинети спортови кои се исти ама не се исти. Обично се
вели дека се резервирани за џентлмени кои обожуваат да се надигруваат и да ги
покажуваат своите вештини на големата маса на која се игра. Топките се само
еден дел од играта, се’ останато е техника која не е воопшто лесна. Треба
потполна концентрација, стабилност, изострен вид и одлична проценка... Сето ова
го поседува Дејан Сипковски, џентлмен кој има освоено преку 150 турнири, во сезоната
2019/2020 веќе ги освои титулите на Национален првак во билијард, преку30 освоени турнири низ Европа...
А, учествуваше и на US Open Pool Championship, најголем и најпрестижен светски турнир од отворен карактер- врвот на натпреварите во билијард. Оваа година повторно ќе оди на овој реномиран настан...
Сипковски е воинствен, жеден за што поголем успех. Нема компромис во играта, дава се’ од себе и неговата извонредна игра не остава никого рамнодушен.
ММ. Како и на кој начин започнавте да се занимавате со билијард и конкретно со снукер? Што Ве фасцинира во овој џентлментски спорт?
- Во моите тинејџерски години, во 90-те, имаше општа експанзија на билијардот во Македонија. На секое ќоше, во секое маало имаше по барем една билијард играчница. Со другарите секое слободно време го поминувавме во некоја од локалните играчници. Најредовни бевме во “Скопје” и во “Конзул”. Подоцна се отвориа “Дуц”, “Вегас” и “КМ” кој беше најубавиот и најголем клуб во Скопје, во Домот на Градежниците. Токму таму, околу 1991-1992 година започнавме да играме и снукер. Приметив дека “отскокнувам” во нивото на квалитет на играта и размислував како би можел уште повеќе да напреднам во овие спортови. Читав многу литература, прегледував видео снимки од европски и светски шампионати и сакав и самиот да бидам најдобар. Магијата на игрите во билијард и снукер ме “опседна” уште од тогаш. Многу брзо напреднав и во тој период едноставно освоив се што можеше да се освои. Реално, тогаш немав голема конкуренција во Скопје и другите играчи избегнуваа да играат со мене. Во 1995 година започнав со работа и скоро 10 години воопшто не играв билијард или снукер. Во тој период многу поголем приоритет ми беше правилно да ги совладам работните задачи и обврски, како и многуте обуки за продажба и менанџмент, паралелно со фокусот за комплетирање на моето високо стручно образование.
ММ. Колку време професионално се занимавате? За какви спортови всушност станува збор бидејќи билијардот и снукерот навидум се многу слични?
- Не би рекол дека професионално се занимавам со билијардот и снукерот, покрај тоа што ги играм околу 20 години. Во Македонија се уште немаме вистински професионалци за билијард/снукер, играчи кои што се посветени 100% на овие спортови. Постојат многу млади таленти кои имаат повеќе слободно време и секако ние, “сениорите” кои имаме свои професии од кои заработуваме и ни се примарни за егзистенцијата. Билијардот и снукерот ги гледаме само како едно хоби во кое вложуваме премногу љубов, време и сретства.
Билијардот има повеќе дисциплини и повеќе големини на маси за играње.
Снукерот е многу поразличен од билијардот. Големината на масата, топките за играње како и правилата на играта се стандардизирани и исти низ целиот свет. Во овој спорт се бара многу поголема концентрација, подобар и поостар вид и многу поразлична техника на удар и позиционирање отколку во билијардот. Генерално, снукерот е многу потежок за играње во споредба со билијард дисциплините. Поради поголемата застапеност на снукерот на ТВ екраните, овој спорт има и поголема гледаност и со самото тоа - поголем број на спонзори кои многу влијаат на наградниот фонд. Примарно снукерот важи за по-џентлментска игра, во која и дрес кодот на натпреварувачите е многу поразличен и по-префинет, со што и следењето на самите натпревари (во живо или на ТВ) е со поголемо уживање.
ММ. Што е она адреналинското во играта? Дали постои филозофија во топките, смиреноста во вашата рака и процената, во стапот со кој што се игра?
- Навидум, кога ќе погледате од страна, билијард и снукер играчите изгледаат многу мирни, сталожени и концентрирани. Вистината е дека во одредени ситуации адреналинот скока до максималните граници, срцето бие на максимум и само најискусните знаат како од таква состојба да се вратат во ритам и да триумфираат. Како и во секој индивидуален спорт - таа вештина ги одвојува овие играчи од останатите “просечни” играчи кои што не успеваат да ги контролираат своите емоции кои неминовно се појавуваат за време на еден меч.
Филозофијата на играта е мошне едноставна, но потребна е многу голема концентрација и егзекуција на поставените цели и позиции, за да се оствари победа. Секој удар, секоја топка, секоја позиција е многу важна. Не смее да има компромис. Покрај талентот и извежбаната моторика на рацете и телото - потребна е и врвна концентрација. Опремата со која што се игра е исто така многу важна, бидејќи допринесува кон зголемување на самодовербата и конзистентноста во играта. Потребно е да верувате во себе си и во својата опрема за да испорачате врвни резултати.
ММ. На кои натпревари сте играле на државно ниво? Каков државен натпревар постои и какви награди сте освоиле?
- Во досегашната кариера имам освоено преку 150 турнири. На повеќе од 200 сум бил во најдобрите 4 играчи на турнирот. Најголем дел од овие трофеи и успеси ги направив во Македонија, на разни турнири во многу градови. Во Македонија долго време се стагнираше со организирање на официјални Национални првенства. Претежно се организираа интерни лига купови, како и “опен” и “хендикеп” турнири. По иницијатива на клубовите и играчите од целата земја, минатата година се формираа две Национални Асоцијации за билијард и снукер, со што најпосле се започна и со натпревари на државно ниво. Се игра Национално првенство со турнирски формат и бодување. Можам да се пофалам дека во сезоната 2019/2020 веќе ги освоив титулите на Национален првак во билијард дисциплините 9-ка и 10-ка. Останува уште да се изигра првенството во дисциплината 8-ца, но секако со две (од вкупно три) освоени дисциплини, веќе сум официјален првак на Македонија во билијард за 2019/2020 година. Во снукер Националното првенство после 4 изиграни турнири сум прворангиран по бројот на поени, но - последниот турнир од сезоната (21-23.02.2020) ќе одлучи кој ќе ја освои титулата на Национален првак во снукер за сезоната 2019/2020.
ММ. На кои интернационални натпревари сте играле? Каков е вашиот скор- резултат таму?
- Имам учествувано на голем број билијард интернационални натпревари во преку 15 земји, претежно во Европа. Одлични резултати и освоени трофеи имам на 30-тина турнири во Грција, Хрватска, Србија и Косово. Целта ми е да забележам успеси и во уште појака конкуренција и се надевам дека тоа ќе го остварам наскоро.
Она што е важно да се напомене е дека организациите на соседните Асоцијации од Балканот веќе започнаа со организирање на Балканско првенство кое што е поделено во две дивизии, север и југ. Во северната дивизија се Словенија, Хрватска, БиХ, Србија и Црна Гора, додека во јужнта се Македонија, Бугарија, Грција, Косово и Албанија. Најпрвин ќе се одиграат 4 рангирни турнири во овие дивизии, па на крајот ќе има МАТЕРС на најдобрите играчи од север и југ. Планирам да го дадам мојот максимум во овој нов систем на натпреварувања и да ја претставам Македонија во најдоброро можно светло.
Од друга страна, дружењата и новите познанства што ги добив преку учеството на овие интернационални турнири во регионов и пошироко ми овозможи да стекнам стотици нови познаства и пријателства. Таа “награда” е едноставно - непроценлива.
ММ. УС Опен (US Open), еден од најпрестижните светски натпревари…Како стигнавте до таму првиот пат? Како го доживеавте натпреварот, сета таа врвна спремност? Каков резултат постигнавте и што научивте? Велите дека повторно е отворен патот за Ус Опен… Април месец… Кои се вашите очекувања?
- US Open Pool Championship е најголем и најпрестижен светски турнир од отворен (open) карактер. Во Април ќе се одржи 44тиот US Open 9 ball кој ќе се игра од 13-18 Април 2020 во Las Vegas. Минатата година учествував без поголем успех. Изгубив 2 натпревари и победив 1 натпревар. На овој турнир учествуваат 256 врвни билијард играчи од преку 50 земји во светот. Доминантен дел од овие играчи се минати и сегашни државни, европски и светски прваци во билијард. Сепак, мислам дека ако добијам поповолен ждреб од оваа година, би можел да постигнам да се пласирам минимум во најдобрите 32 играчи што ми е лична цел. Но, никогаш не се знае - можен е и подобар пласман.
Учеството на US Open e сон скоро на секој билијард играч на планетава. Најголем настан од отворен карактер, со учество на сите што буквално нешто значат во овој спорт. Турнирот има огромна историја и датира од 1976 година. Пред 2 години, овој турнир беше превземен од компанијата Matchroom Sport која го издигна на уште повисоко ниво во делот на организацијата и продукцијата на ТВ преносите. Се е скоро беспрекорно и на највисоко можно ниво што придонесува своевидно уживање за играчите, публиката во арената и публиката што ги следи натпреварите во живо. Но, иако овој турнир е од отворен карактер (првите 256 што ќе уплатат учество можат да играат) не секој играч може да си го приушти ова задоволство, односно да собере храброст и средства за да се натпреварува на ова највисоко ниво.
Една недела во месец Април ми е веќе букирана во мојот календар за овој престижен турнир и со нетрпение ги одбројувам деновите до тогаш.
ММ. Дали Македонија има потенцијал за овој спорт и дали имате поддршка од институциите?
- Како што напоменав, во Македонија веќе функционираме со организиран систем на државни натпревари, преку клубовите кои што ги формираа соодветните Национални Асоцијации за билијард и снукер. Секој играч е потребно да биде член на одреден клуб од Македонија, преку кој на разновидни начини може да си обезбеди учество во клубски или Национални натпревари, како и да добие дополнителен личен развој и други повластувања.
Националните Асоцијации се веќе признаени од соодветните меѓународни Асоцијации, како и од Македонскиот Олимписки Комитет. Деновиве очекуваме и официјално вклучување во програмата на Агенцијата за млади и спорт, со што ќе се комплетира административниот дел, со цел во блиска иднина да добиеме уште поголема афирмација и поддршка од институциите и спонзорите.
Со започнатите Национални првенства, ќе добиеме и официјални рангирања на играчи кои што официјално ќе ја претставуваат Македонија на европските и светските натпреварувања. Мислам дека имаме потенцијал за во иднина, како и во секој спорт - потребна ни е поддршка од институциите и спонзорите како најдобрите играчи би можеле повеќе да патуваат. Засега функционираме преку систем на самофинансирање и тоа многу го отежнува развојот на овие спортови надвор од границите на Македонија.
ММ. Што работите приватно, Вашето семејство, кои се Вашите погледи за животот?
- Преку 20 години работам во секторите продажба и маркетинг. Продажбата, маркетингот, познавањето на пазарите на кои што работам, анализата на резултатите, создавање правилна и профитабилна стратегија и финално - задоволувањето на потребите на крајните консументи ми е секојдневен предизвик. Потребни се секојдневни прецизни информации и анализи, како и голем фокус за движење на ресурсите кон зацртаната стратегија и цел на компанијата. Билијардот и снукерот ми помагаат да го одржувам фокусот и да ја развивам логиката. Најбитно - да ме држи “жеден” за што поголем успех.
Среќно сум оженет веќе 16 години и со сопругата Кристина имаме две прекрасни деца. Мартин е средношколец и активен спортист во пионерите на РК Вардар а помалата Весница е во основно училиште а во слободното време е член на денс студиото Аква и игра одбојка. На поголем број од натпреварувањата одам заедно со моето семејство. Тие се мојата потпора и поддршка.
Во однос на филозофијата на животот, цврсто верувам во постоење на свет без граници и без расизми, национализми и претерани/болни патриотизми. Како и повеќето жители на Балканот, сакам во Македонија да имаме вистинско владеење на правото и држава без корупција. Премногу време мојата генерација е угушена со беспотребни реални и фиктивни стравови кои политичката елита не може или несака да ги спречи и отстрани. Проблемите со правосудството и корупцијата се исти на целиот регион на Балканот. За промена на овие негативности, за да се смени менталитетот, за жал - ќе биде потребно да се сменат и неколку генерации...
ММ. Што би им препорачале на оние кои сакаат или се занимаваат со овие интересни спортови?
- Во денешно време, со помош на интернетот може многу повеќе да се научи со гледање. Самите спортови се во категоријата на индивидуални спортови, но, исто како и во тенисот на пример, во билијардот се повеќе се организираат и турнири во парови.
Мене лично овие спортови ми претставуваат едно многу позитивно хоби. Натпреварувањата ми го одржуваат борбениот дух и желбата за победа. Покрај психичкото вежбање и зајакнување, во овие спортови има и доста движење околу масите, со што сум и релативно “фит” во тој поглед.
Се игра во многу пријатна атмосфера, во играчници во кое е забрането пушењето а за време на турнири е забрането и консумирање на алкохол. Сето ова е и многу позитивно за младите. Покрај дружењето и стекнувањето на многу нови познанства, се развива логиката и моториката, како и желбата за натпреварување и победа.
За тие што веќе започнале, им стојам на располагање за совети и специфични тренинзи согласно нивото на кое што се наоѓаат а за сите заинтересирани за почетно запознавање со овие спортови - да го контактираат својот локален клуб или, доколку се во Скопје, да го посетат/контактираат мојот матичен клуб (Гран клуб) во кој има и лиценцирани тренери кои можат да посветат доволно време на новите играчи, а посебно на младите.
Небојша Толески