Македонскиот фудбалски репрезентативец во Украина чека превоз до граница
Македонскиот фудбалски репрезентативец Ѓоко Зајков кој настапува во првенството на Украина за Ворскла Полтава, соопшти дека во моментов се наоѓа на безбедно и дека се чека можност за напуштање на земјата, односно превоз до некоја од границите.
– Градот Полтава каде што се наоѓаме не беше цел на напад. Во овој момент сме безбедни. Од клубот има најава за странците кои сме тука да се организира превоз со минибус и евентуално да бидеме спроведени до некоја граница. Но, мора да се создадат услови.
Во моментот воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови. Ги чекаме инструкциите од клубот. Во градот моментално работат само маркети и многу мал број на ресторани. Доколку има некои нови информации ќе се обидам да пренесам, изјави Зајков за порталот на ФФМ.
Зајков во моментов е најпознатиот Македонец кој работно престојува во Украина.