Македонските фудбалски стадиони: Минијатури во кои не се вложува
Ние не можеме сосема да се наречеме фудбалска земја бидејќи овој спорт кај нас нема таков голем капацитет како лидерите на овој спорт. Низ годините имавме и подеми и падови, и иако без поголеми успеси, сепак фудбалот не престана да се игра и да им дава надеж на овие и идните генерации. Секако, се појавивме на светската сцена како и на Европската, па и тоа е нешто! Со неколку интернационални имиња, можеме да се пофалиме дека имаме што да понудиме пред светот, ама не можеме да се пофалиме со фудбалски стадиони на наш терен.
Од секогаш сме биле слаби со вакви објекти, дури и во времето на поранешна Југославија кога не само во главните градови на Републиките туку и во внатрешноста се градеа репрезентативни зданија. Кај нас единствениот стадион кој ги задоволува интернационалните стандарди се знае дека е националната арена „Тоше Проески“.Моменталниот максимален капацитет на арената изнесува над 33.000.
Изградбата на стадионот во денешната форма започнала во далечната 1978 година, кога започнала изградбата на јужната трибина. Истата била завршена за две години. По долг застој во реализацијата на проектот, во јануари 2008 година била урната старата северна трибина и започнала изградба на нова трибина. Изградбата на новата северна трибина се спровела според највисоките стандарди на ФИФА. Оваа трибина била пуштена во употреба на 2 август 2009. Потоа на 8 септември 2009 година започнала изградбата на источната и западната трибина.
Кон крајот на 2009 година започнала и обновата на јужната трибина и истата била пуштена во употреба за потребите на натпреварот Работнички-Ливерпул, кој се одиграл на 29 јули 2010. На 24 април 2011 во употреба биле пуштени источната и западната трибина со што целосно завршила првата фаза од реконструкцијата. Втората фаза опфаќала реконструкција на теренот и атлетската патека и истата отпочнала во септември 2011. Реконструкцијата завршила со уредувањето на подтрибинскиот простор. Во септември 2013 започнала третата фаза од реконструкцијата, односно фасадното уредување и осветлување на арената.
Другите стадиони во Македнија ни од далеку ја немаат ваквата структура. Јасно е дека се работи за големи вложувања во ситуација кога немаме така голема фудбалска сила, но ваквите објекти секогаш можат да имаат и други намени. Еве со колкав капацитет на гледачи располагаат поголемите стадони во градовите:
Стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп е со капацитет од 15.000 седишта.
Градскиот стадион „Тетово“ исто така со 15.000 седишта.
Стадионот „Младост“ во Струмица со 9.200 седишта и еден од порепрезентативните.
Стадионот „Тумбе Кафе“ во Битола со 8.000 седишта.
Градскиот стадион „Штип“ со капацитет од 5.000 седишта.
Стадионот „Никола Мантов“ од Кочани со 5.000 седишта.
Градскиот стадион „Кичево“ со капацитет од 5.000 седишта.
Градскиот стадион „Кавадарци“ со 5.000 седишта.
Стадионот „Чаир“ со 4.500 седишта.
Инаку, како куриозитет, најголемиот стадион во светот е „Ранградо 1-ви Мај“ во Северна Кореја. Земјата која не може да се пофали во фудал и земјата која е најзатворената на планетата.
Сместен е во Пјонгјанг и има капацитет од 114.000 гледачи. Неговата изградба е завршена во 1989 година, а се користи главно за фудбалски натпревари и атлетски настани. Стадионот има покрив со лакови кои се појавуваат како цвет од магнолија. Главниот терен има површина од 22.500 метри квадратни. Вкупниот простор на стадионот е 207.000 квадратни метри.
Иако бразилскиот Маракана во Рио де Женеиро која првично имаше капацитет од 200.000 седишта се сметаше за најголем, со постојаните поправки е намален, па сега има капацитет од 70.000 до 110.000.