МАКЕДОНСКИТЕ VIS-À-VIS АМЕРИКАНСКИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛИ, КОЈ БРЕНД ИМ Е ОМИЛЕН?
Од Абрахам Линколн, преку Џон Кенеди, до Барак Обама, вклучително и
сегашниот - Џо Бајден, како и претходниот - Доналд Трамп, во текот на безмалку двесте
и четиригодишното работење, „Брукс брадрс“ перманентно се грижи за стилот на
дури 42 од вкупно 46-те избрани шефови на Соединетите Американски Држави, со
исклучок на Роналд Реган кој имал свој кројач во Лос Анџелес, но и тројцата
пред неговото лансирање во 1818-тата. Следствено, прашањето за омилениот бренд
го тематизиравме и со македонскиот претседател - Стево Пендаровски. Неговиот
одговор е подолу, во продолжение.
Државниците отсекогаш биле во центарот на вниманието, не само заради функцијата, туку и поради стилот на облекување. Така е и сега, несомнено. За некои претседатели се зборува дека имаат пресудно, иконично значење кога е модата во прашање. Странските, па и овдешните магазини често пишуваат за нив, т.е. за нивниот стил на облекување, како еден вид предлог. Исто така, голем е интересот за брендовите што ги носат, првенствено избраните шефови на Соединетите Американски Држави.
Наголемо се говори за „Брукс брадрс“, омилената трговска марка на дури 42 од вкупно 46-те, вклучително и новиот - Џо Бајден, кој неретко ги купува нејзините вратоврски, кошули, џебни шамичиња, по препорака на стилистот. Брендот не важи за престижен бидејќи е просечен. Се разбира, во смисла на цените. Без оглед на тоа, преовладува големиот квалитет. И може да си го дозволи секој.
За разлика оттаму, во нашата земја е малку различно. За досегашните претседатели не може да се каже дека оставиле некаква трага кога се работи за стилот на облекување, со исклучок на сегашниот - Стево Пендаровски. Се издвојува со елеганцијата, а неговата отменост, префинетост, вкус во облекувањето и однесувањето, во движењето е повеќе од забележителна. Во комбинација со нескриениот оптимизам и неговата одважност е полн погодок.
Сепак, избраниот шеф на државата нема стилист, ниту пак бренд на кој е приврзаник. „Генерално се обидувам гардеробата што ќе ја купам да биде од домашно производство, а тоа што го носам да ми биде комотно. Ни претходно, ни сега како претседател не сум имал конкретна соработка со некоја компанија или трговска марка. Освен што купувам од продавница, одвреме-навреме ги посетувам и кројачниците во Старата чаршија за шиење костуми по мера“, концизен е Стево Пендаровски.
Ја сака уредноста и секогаш се труди да изгледа средено. „Немам формални советници, но сопругата Бети и синот Огнен често ме советуваат и ми укажуваат на некои модни комбинации. Отворен сум за сугестии кога станува збор за изгледот, а советите што ги добивам секогаш ги примам добронамерно, па и од луѓе кои не ми се блиски. Ако можам, ги применувам, секако“, завршува претседателот.
Инаку, омилената трговска марка на избраните шефови на Соединетите Американски Држави постои неполни двесте и четири години, од 1818-тата. Нејзин основач бил Хенри Сандс Брукс. На 7 април во Њујорк, на Менхетен, во зградата што ја купил за 15.250 евра ги отворил вратите на H. & D. H. Brooks & Co. и веднаш го привлекол вниманието на пошироката јавност. Памукот се користел наголемо и важел за новина во текстилната индустрија. Сите американски претседатели на почетокот биле принудени да купуваат од нејзините костуми, кошули, вратоврски, џебни шамичиња.., бидејќи немале голем избор, а подоцна се враќале поради квалитетот и, секако, дизајнот на облеката. Во 1833 год., кога починал, стоковната куќа ја наследиле четирите сина кои седумнаесет години подоцна ја преименувале во „Брукс брадрс“. Факт е дека шеснаесеттиот државник Абрахам Линколн придонел за нејзина популаризација од широки размери. Всушност, долгиот црн капут за инаугурацијата го нарачал во њујоршката стоковна куќа, поради неговата висина од 193 см. Прототипот се чува и денес. Кројачите на поставата извезле орел и транспарент - Една земја, една судбина. За жал, во истото зимско палто и се упокоил.
И наредните американски претседатели се облекувале таму, првенствено заради традицијата, но не можеле да му одолеат ни на квалитетот. Меѓу нив и Теодор Рузвелт и Двајт Ајзенхауер. Брендот се надградувал постојано, а триесет и петтиот американски претседател Џон Кенеди, благодарејќи на светлосините памучни боксерки што ги носел за време на свадбата во 1953 год., како и чадорот со неговиот монограм, важел за тогашен, своевиден промотор на трговската марка. А, и другите избрани шефови на Соединетите Американски Држави по него ја носеле доста често. Ја препорачувале и нивните стилисти, особено вратоврските, кошулите, џебните шамичиња. Исто е и денес. На пример, Џо Бајден ги носи редовно, како и неговиот претходник - Доналд Трамп, а во „Брукс брадрс“ одвреме-навреме купуваат и сопругата Меланија и ќерката Иванка.
Фактот што дури 42 од вкупно 46-те државници се облекуваат во неа е потврда за безмалку двесте и четиригодишниот квалитет на њујоршкиот бренд, кој несомнено е омилен и меѓу Американците, чија популарност се должи на избраните шефови на Соединетите Американски Држави, вклучително и на нивните стилисти.
Игор Ландсберг
Фотографии: Brooks Brothers/ Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија