Македонското знаме се вее на Килиманџаро: Наша експедиција го искачи највисокиот врв на Африка
Македонска експедиција составена од 6 членови, го искачи највисокиот врв на Африка, Килиманџаро.
Лазо Миновски (Пробајк), Никола Нешкоски (Вело училишта), и Илија Деревјов, (Друштво Неозбилни Велосипедисти), станаа првите Македонци кои со велосипед ја искачија највисоката планина во Африка. Тие го комплетираа својот предизвик кога пристигнаа на 5.895 метри високиот врв Ухуру, заедно со планинарите Ирина Дишовска, (I love hiking), Кирил Начков и Филип Христов.
Планинарите започнале на 14 февруари во 12 часот од портата Марангу, а велосипедската група тргнала во 12:30 од портата Килема.
На врвот стигнале на 17 февруари, во 05:40, односно вкупно 65 часа искачување до врвот Ухуру.
Разговаравме со еден од велосипедистите Илија Деревјов и единствениот женски претставник од екипата Ирина Дишовска, кои ни го пренесоа искуството од Африка.
- После подвигот се чувствувам исполнето. Секој подвиг кој е успешно завршен секако дека носи чувство на исполнетост и радост. Но освен овие чувства, кај мене сеуште траат импресиите од Афричкиот континент воопшто. Различноста на начинот на живеење, различниот животински свет, егзотичните овошја и прекрасната вегетација е нешто што верувам дека ќе го паметам засекогаш. Но исто така ќе ги паметам и снеговите на Килиманџаро како и минусните температури на врвот, кои јас секако ги очекував, но да бидам искрена не очекував да се симнат толку длабоко под нулата-вели Ирина.
* Како се роди идејата за Килиманџаро?
- Идејата беше на Никола (Нешко), а се роди веднаш после експедицијата на Лазо на Хималаите во 2019-та година. Само тогаш некако не наиде на голем интерес, дури два/три месеци пред да тргнеме, мезејќи во Калабалак, Нешко ми кажа „Со Лазо ја планираме Килиманџаро, си за?“ Без многу размислување ја прифатив понудата, истакна Илија, а Ирина додаде: - Јас веднаш се уфрлив како дел од тимот за искачување, па така во меѓувреме ги повикав Кирил Начков и Филип Христов да ми се придружат на мене за класичното искачување со планинарење. И некако набрзина, спонтано тимот се оформи и брои шест членови.
* Како се одвиваа плановите и како течеше оваа интересна авантура?
Илија: - Во почетниот дел на преговорите сакавме да имаме што помалку луѓе покрај нас, но правилата на самиот парк Килиманџаро пропишуваат одреден број на луѓе кои доаѓаат како „супорт“ по човек, доколку правилото не е испочитувано, не добиваш дозвола за влез во паркот (Исклучоци се професионалните атлети кои одат да рушат рекорди). Со нас дојдоа 3-ца водачи, 2-ца за вело-екипата, 1 за планинарите; по еден или два портери по човек (не сум сигурен, не ги ни гледавме); по еден готвач за секоја екипа; и 2-ца да речеме келнери (луѓето што ни ги сервираа оброците).
Ирина: - За еден ваков подвиг поддршката од останатите учесници е од голема важност за сите поединечно. Ние иако бевме шест различни карактери, сепак успеавме да функционираме беспрекорно во текот на целото патување. Несебично си помагавме едни со други, си дававме мотив при искачувањето, и мислам дека во ниту еден момент не дозволивме некој од нас психофизички да се почувствува помалку спремен од останатите. Бевме една компактна група, која движеше заедно до врв, и на сликата на врвот не изостанува ниту еден член од тимот. Тоа е нешто што беше приоритетно за нас како тим.
Планината поминува низ неколку климатски и вегетациски појаси. Искусните планинари знаат дека мора да се биде подготвен буквално на се‘, посебно што од оваа екипа, освен Ирина и Лазе, во тимот немало други членови кои се имале искачено на врв на 5.000 м.н.в.
* Доволно е тежок предизвикот да се искачи човек до тој врв, но вие отидовте и чекор понапред искачувајќи се со велосипед. Кажете ни нешто повеќе за тоа. Со кои предизвици се соочивте по пат?
Илија: - Најголемиот предизвик беше аклиматизацијата. Повеќето членови во екипата, вклучувајќи ме и мене, се немаме искачено на врв повисок од 3.000 м.н.в. па не знаевме како ќе реагираат нашите тела над таа висина. Доволната хидрација, надополнета со електролити и енергетски гелови, како и бавното темпо си го направија своето и ниту еден член не искуси сериозни симптоми на висинска болест. Нормално, како и на секоја бајк тура имаше по некоја скината гума и други технички проблеми, но за нас тоа не е ништо на што не сме спремни.
Оние кои планинарат, знаат колку е магично чувството кога после неколку часовно пешачење ќе се искачите до врвот од каде се пружа неверојатна глетка на пределите пред вас. Кога се чувствувате во хармонија со природата, дел од една прекрасна приказна.
* Какво е чувството да се биде на врвот на Африка?
Илија: - Неописливо. Претпоставувам истото како и за секоја, скоро недостижна цел што ќе си ја поставиш и со голем труд ќе ја оствариш. Вреди за секоја капка крв и пот. За среќа поминавме без крв (се смее).
Ирина: - Чувството да го развееш македонското знаме на врв е неописливо. Јас сум горда што успеавме и навистина најгорда се чувствувам секогаш кога на некој врв се сликам со знамето на Македонија.
Фантастичните и колоритни пејсажи се она што ја карактеризира Африка.
* Како го поминувавте слободното време?
Ирина: - Слободното време го поминавме на многу интересен начин. По успешното искачување и симнување од врвот Ухуру, ние сфативме дека имаме уште цели 8 слободни денови. Бидејќи Африка е континент кој изобилува со национални паркови и резервати, два дена по симнувањето од врвот, ние бевме на Сафари за да можеме одблиску да го запознаеме дивиот животински свет кој живее во Африка. Од слонови, жирафи, антилопи, до мајмуни, лавови, и прекрасни егзотични птици и дрвја. Од сафари пак, се упативме со авион на неверојатните песочни плажи на островот Занзибар. Тука ги поминавме остатокот од деновите и верувајте дека не зажали никој од нас за тоа.
Навистина е тешко да издвојам одредена работа која најмногу ме воодушеви во Африка. Тоа е паралелен свет кој што живее на тотално различен начин од оној на кој што сме навикнати. Можеби најмногу ме воодушеви блиската средба со припадниците на племето Масаји (Maasai). Ова е афричко племе, кое живее полуномадски живот и во Африка многу често се среќававме со неговите припадници. Имаат несекојдневен начин на облекување, во кој користат силни бои и имаат неверојатно силен културен идентитет. Навистина се препознатливи и уникатни на секој можен начин. Скоро сите припадници кои ги видов од ова племе, се изразито високи, со витка става, и долги горни и долни екстремитети. Имаат елегантен начин на движење и држење на телото, со што уште повеќе привлекуваат внимание на нас туристите. Дополнително, нивните тела се накитени со разновиден рачно изработен накит, кој го ставаат од главата до глуждовите на нозете. Навистина несекојдневна глетка.
* Каков беше пречекот во Македонија?
Илија: - Не очекувавме некој пречек. Бевме преморени од патувањето и целта беше да стигнеме во Скопје околу 7 навечер, да каснеме нешто, да се распакуваме и да се однесеме по дома. Затоа чим ја поминавме границата со Бугарија, веднаш почнавме да вртиме по кафанчиња за да најдеме слободно место. На Филип му се посреќи да најде место. Но без да знаеме, нашите блиски се искоординирале неколку дена предходно и откако дента дознале каде ќе ни биде финалната дестинација, ни приредија претопло изненадување. Бевме премногу трогнати.
* Кажете ни нешто повеќе за клубот Друштво на неозбилни велосипедисти?
Илија: - Друштво Неозбилни Велосипедисти е сеуште неформално здружение на истомисленици и љубители на велосипедизам со тотално ненатпреварувачки карактер и целта ни е лабаво да покоруваме висини со велосипед, успат со по некое мезе, пивце, винце и ракиичка, нормално - во разумни граници.
Илија е и член на „I Love Hiking“, но сепак ретко оди пеш на планина.
* Колку време се подготвувавте?
Илија: - Немавме некои подготовки, едноставно се трудевме што повеќе да повозиме пред да тргнеме. Со Нешко имавме два поспецифични тренинга каде што до Средно Водно возевме, а понатаму, кон врвот ги носевме велосипедите по тешки, планинарски патеки.
Инаку пешки ги имам искачено Кораб, Титов Врв, Царев Врв. Со бајк: Титов Врв, Плат, Солунска Глава, Љуботен, Црн Камен (Јабланица), Црн Камен (С.Ц.Г.), Пржар, Мусица, Ченгино Кале. Надвор од Македонија осамна само Ухуру.
Ирина со планинарење се занимава долги години.
Ирина: - Иако сум веќе 10 години во Скопје и тука сум член на клубот „I love hiking - Macedonia“, јас и додека живеев во мојот роден град Тетово, бев член на планинарскиот клуб „Љуботен“, и секој слободен викенд го поминував на планина. Веројатно планинарењето и желбата за планини кај мене дојде природно, со оглед на тоа дека сум родена во градот под Шарпланинскиот масив, кој за мене е најубавиот масив на свет.
Во Македонија ги имам искачено барем 90% од врвоите на Шар Планина и Кораб, но и многу многу врвови на масивите Стогово, Мокра планина, Галичица, Јабланица, Баба, Ниџе и Кожуф. На Шар планинскиот масив скоро секој врв е висок над 2.500м. Како најатрактивни би ги издвоила Љуботен, Езерски врв, Кобилица, Титов врв, Среден камен, Плат, Џинибег, Голема и Мала Враца, потоа на Корапски масив Голем Кораб, Мал Кораб, Шуплив камен, Рибничка Скала, Кабаш, Гури Куј, Кепи Бард, Лера, Фудан, потоа Меденица, Магаро на Галичица, Кајмакчалан на Ниџе, Убава, Остри врв, Караџица, Миленков Камен, Солунска Глава итн. Исто така имам доста искачени врвови во соседството, највисоките во Грција и тоа Сколио, Скала, Митикас и Стефани, па и Вихрен во Бугарија , највисокиот Гросглокнер во Австрија, највисокиот Казбек во Грузија и Елбрус највисок во Русија, а воедно и во Европа итн. Навистина листата на искачени врвови е долга. Толку е долга што ќе почнам да ги заборавам. (се смее).
За ваков потфат потребна е јака психофизичка кондиција и секако соодветна опрема за сите делови од планината
Ирина: - Јас навистина немав некои посебни подготовки за овој подвиг. Односно, јас сум постојано во некој тренажен процес, каде што не дозволувам кондиционо да се запоставам, бидејќи не сакам телото да ми биде надвор од мојата форма. Буквално секој ден го искачувам Водно, кое што е совршен избор за брз и едноставен тренинг, а сепак ефективен. За викенди пак, секогаш искачувам некој врв над 2.000м. и со тоа телото ми е подготвено за вакви предизвици. Кога се отвори темата за искачување на Килиманџаро, воопшто не ми падна на памет да правам посебни подготовки. Јас знаев дека и во истиот момент да тргнам, моето тело беше и сеуште е, во една солидна психофизичка кондиција за да го издржи и совлада тој напор. Зимскиот кампинг кој што го спомнавте на Шар Планина, и спиењето на минусни температури беше подготовка на телото и проверка на неговата издржливост за искачување во екстремни услови. Навистина немаше никаква поврзаност со Килиманџаро, туку со некој следен проект.
* Кој е вашиот следен предизивик?
Илија: - Следниот предизвик ќе го оставам на наредниот, случаен, кафански муабет.
Ирина: - Следниот предизвик е искачување на еден симпатичен врв на Хималаите. Нема да откријам кој додека не бидам 100% подготвена за тој предизвик, но верувам дека ќе ви се допаднат сликите од врвот.
* Што би им советувале на оние кои сакаат да започнат со планинарње?
Ирина: - Секој што сака да се вклучи во спортот планинарење, топло му препорачувам да прашува и да чита по интернет статии кои се лесно достапни за сите, како правилно да избере добри обувки за одредени временски услови при искачување, и добра опрема за искачувањата. Јас тврдам дека со соодветна опрема, нема лошо време на планина. Во секој момент треба да се има во ранец барем минимална опрема за најлоши можни услови, за да не може никогаш промената на временските услови да ги изненади. А ние планинарите добро знаеме дека во еден ден таму горе може да се сменат четири годишни времиња.
Фотографии: Explore the mountains - Приватна архива на Илија и Ирина
Неда Маретиќ