Манекенот Павле Николовски: Среќата е тука некаде ако знаеме каде да погледнеме
Ние имавме и имаме неколку успешни машки манекени кои направија кариери и овде и надвор од нашите граници. Моментално, манекенот Павле Николовски е најбараниот наш манекен. Го имаше на билборди и рекламни кампањи насекаде на Балканот, снимаше многу едиторијали и беше во спотови, а деновиве ја потстрижа својата руса коса која му беше еден вид заштитен знак. Павле изгледа убаво, има посебна харизма која е привлечна за окото на камерата, продорен поглед, атлетско тело и сопствен изграден стил на облекување и однесување. Постојано вежба, а за Машки магазин ни откри и други интересни детали за него.
ММ. Она што е најново кај Вас е промената на стилот, посебно во делот на косата. Долго време беше долга, а сега ја потстрижавте. Секоја промена е забележлива кај манекените и манекенките кои се најекспонирани, па ја воочивме и ние. Зошто се одлучивте на таков потег кога тоа ви беше како заштитен знак?
- Како и секој млад човек поминувам низ различни фази во животот, па и секоја промена е добредојдена. Сакав да ја скратам косата зашто време беше за нови промени, нов имиџ, а се надевам и поголеми ангажмани во манекенството.
ММ. Подолго време сте на модната сцена како манекен. Веројатно почетоците се поврзани од поодамна. Велите сосема спонатано започнавте...
- Иако мојата пасија да се биде пред фотоапарат е од многу мали нозе, сепак со мода почнав да се бавам како тинејџер на 15 години и тоа на инсистирање на моја најдобра пријателка која беше успешен модел во тоа време, меѓутоа тогаш не ни помислував дека сево ова еден ден ќе стане моја главна преокупација. Но активно и посериозно започнав да се бавам 5 години подоцна откако спонтано после еден разговор со Алек Наумовски од Моделс Ин Менаџмент, веројатно препозна квалитети кај мене и веднаш ме повика за ангажман. Инаку од 14 години посетувам фитнес центри и сметам дека телото мора да се обликува ако сакам да ме сметаат за сериозен и професионален модел.
ММ. Евидентно беше дека од самиот старт ќе добиете ангажмани. Имате големо модно портфолио. Посебно кај нас...
- Машките модели во светот се секогаш во сенка на своите надалеку успешни колешки па и тука ситуацијата е слична, меѓутоа вложувањето во себе и одличната соработка со мојата агенција допринесе да се изградам во голем професионалец. Моето портфолио е навистина големо заради стажот пред се’, но ако се навратам наназад од проекти би ги издвоил моето прво професионално сликање за Фешнел, потоа едиторијали за Портрет Магазин, списанието Крема, Јуник магазин, Убавина и здравје, за модните дизајнери како Елена Љутикова, музички видеа и реклами и секако подоцна и пробивот на интернационалниот пазар во светот на манекенството.
ММ. Но, не запревте само на Македонија. Балканот го виде вашето лице на многубројни билборди. Интернационално успешен, но на што сте посебно горди од тој успех надвор од овие граници и како функционираа таму некаде?
- Работев во Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Германија, ама како еден од поуспешните проекти би ја издвоил кампањата за брендот ''Барбоса'' за кој неколку дена ја сликавме целата колекција и беше намената за цела Југоисточна Европа. Беше убаво искуство да се видам во Загреб, Сараево или Белград на билборди и рекламни паноа. Според мене, најважната работа е да си професионален без разлика каде работам, сепак има разлика од земја до земја. Во Германија на пример се функционира беспрекорно и сите луѓе вклучени во проектот совршено си ја работат работата, додека на Балканот е за нијанса по опуштено и се случува луѓе вклучени во проектот да задоцнат или да сменат локација во последен момент. Во секој мој ангажман или проект максимално се вложувам зашто сметам дека ако го дадам најдоброто од себе, само така ќе има резултати. Па така, еден од поомилените ангажмани е учеството во музички спот на нашата поп ѕвезда Антонија Гиговска и кампанјата за брендот Ејпл Бандит, пијалок кој е исклучително популарен ширум Европа, а особено во земјите од нашиот регион.
ММ. Иако се чини дека манекенството не е опасна работа, Вие сепак имавте еден немил настан...
- Точно! Имав еден немил настан кога снимав музички спот во Охрид за Албанската музичка ѕвезда... Требаше да возам мотор, стартував со голема брзина и паднав. Откако ми ги санираа повредите на главата јас повторно се вратив на сетот и бев спремен да продолжам со снимањето. Кога ме видоа дека сум се вратил не им се веруваше дека ''мртов ладен„ ќе си продолжам со снимање. Иако тогаш не беше ни малку смешно од оваа перцепција на нештата денес, кога раскажувам, сета ситуација е по малку смешна морам да признам.
ММ. На што сметате дека се должи вашата успешност во работата?
- Работа, работа и голема посветеност, се трудам да останам доследен и секогаш во добра физичка форма зашто никогаш не се знае каде може да ме повикаат и за кого да работам. А убавината сметам дека е некаков баланс на внатрешниот мир и физичката експресија, тоа е еден вид како надополнување за комплетната слика.
ММ. На кој начин успевате да останете во форма?
- Вежбам во теретана редовно, а кога ќе најдам време понекогаш и два пати во текот на денот, трчам за викенд на подолги стази и внимавам на исхраната речиси постојано. Сакам јаткасти плодови и секогаш внимавам ручекот да биде високо протеински. Слабост ми е благото но во последно време се честам со црно чоколадо.
ММ. А, како го дефинирате Вашот стил на облекување?
- Мојот стил би го окарактеризирал како смарт кежуал. Внимавам на деталите како на пример избор на часовници и секогаш се трудам да изгледам средено. Велат дека немате втора шанса кога оставате прв впечаток.
ММ. Кој машки моден дизајнер ви остава најголем впечаток со своите креации и зошто?
- Дефинитивно Том Форд, неговата креативност е неверојатна, ако погледнеме наназад ќе видиме колку бил визионер и пред времето. Неговата софистицираност ми е интересна и во исто време инспиративна.
ММ. Коронавирус, блокада, застој... Запревте ли со работа?
- Со почеток на епидемијата како за миг да застана светот па и ние како дел од него, почнаа ангажманите пред два месеци но се уште е некако споро насекаде. Меѓутоа, имам верба дека ќе продолжам чим се отворат границите и се радувам за некој нареден ангажман. Имам одлична соработка со Моделс Ин Менаџмент (Алек и Надица) и верувам дека ќе ме побараат штом ми најдат ангажман за кои сметаме дека е за мене. Тие се професионалци и беа топ модели па така нивниот совет или сугестија ми помага да го одбереме најдоброто за мене.
ММ. Во што ја наоѓате убавината?
- Убавината да ја пронајдеме во малите нешта и да бидеме благодарни на Бога за ова што сме денес. Сакам да верувам дека среќата е тука некаде ако знаеме каде да погледнеме.
Небојша Толески