Мапа на инвеститори – патот до „скриеното богатство“ за одржлив и рамномерен развој на државата

Почнуваме со објавување серија текстови посветени на процесот на имплементација на Националната развојна стратегија 2024 – 2044. Станува збор за клучен и сеопфатен стратешки документ, во кој е дефиниран развојниот пат на државата во наредните 20 години. Во октомври 2024 година, Собранието едногласно ја усвои Националната развојна стратегија, со што таа стана и официјален национален документ чија имплементација е обврска за оваа и сите наредни влади до 2044 година.
Замислете мапа која претставува патоказ кон иднина со поразвиена економија, почиста животна средина, модерна инфраструктура, поправедно општество и генерално подобар квалитет на живот за сите граѓани во државата. Токму таква мапа се креира во моментов, во рамки на процесот на имплементација на Националната развојна стратегија 2024 – 2044, кој е предводен од владата. Се вика Мапа на инвеститори – алатка развиена од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), која се употребува во голем број држави низ целиот свет.
ЗБОР – ДВА ЗА НАЦИОНАЛНАТА РАЗВОЈНА СТРАТЕГИЈА 2024 - 2044
Националната развојна стратегија (НРС) е документ во кој е исцртан развојниот пат на државата во наредните 20 години. Во неа се содржани целите, мерките и чекорите што треба да ги преземеме за да изградиме подобра и поодржлива иднина. НРС се фокусира на шест клучни области: Одржлива, иновативна и конкурентна економија; Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија; Демографска ревитализација и социјален и културен развој; Владеење на правото и добро управување; Сигурно, безбедно и отпорно општество; Зелена трансформација.
Оваа стратегија е официјален документ, усвоен од Собранието на Република Северна Македонија. Нејзиното креирање траеше речиси четири години, и е најсеопфатниот и најширок процес на подготовка на еден стратешки документ во историјата на државата. Во рамки на овој процес се одржаа 70 работилници, на кои учествуваа над 15.000 граѓани. Директно се вклучија повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 60 пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, над 100 граѓански организации, околу 1.000 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 2.000 млади и членови на младински организации. На 30 експертски дебати, придонесоа 4.000 учесници, меѓу кои и членови на МАНУ. Дигиталната платформа www.nrs.mk каде можат да се најдат сите информации во врска со стратегијата има повеќе од 50.000 посети.
Она што следува е имплементацијата на целите и задачите поставени во НРС, процес кој е неопходно да го зачува имиџот на овој документ како меѓупартиски, меѓуетнички и меѓугенерациски договор за посветла и побезбедна иднина за сите.
ШТО ПРЕТСТАВУВА НРС/SDG МАПАТА НА ИНВЕСТИТОРИ?
Ако НРС е патот кон подостоинствен живот на граѓаните што треба да го поминеме во наредните 20 години, Мапата на инвеститори е едно од тркалата на возилото што ќе нѝ помогне успешно да стигнеме до целта. Нејзината главна задача е да ги поттикне приватните компании и инвеститори да станат сојузници во процесот на имплементација на Националната развојна стратегија, во согласност со Целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Креирањето НРС/SDG Мапата на инвеститори го води Владата на Република Северна Македонија, но во него се вклучени јавните институции, бизнис секторот и инвеститорите, граѓанските организации и академската јавност, додека целокупниот процес е поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Приватните компании постојано инвестираат во нови проекти, сектори, иницијативи кои треба да им донесат раст, развој и поголема заработувачка. Од друга страна, на земјата и општеството им е потребна финансиска инјекција во проекти и области кои ќе придонесат она што во НРС е напишано на хартија да стане реалност. НРС/SDG Мапата на инвеститори треба да ги поврзе интересите на приватниот сектор и на државата и граѓаните. Крајниот резултат би бил бизнис секторот да направи најоптимални инвестиции кои ќе придонесат и за неговиот раст, и за националниот развој, и за благосостојба на сите граѓани. Секако, за да се постигне сето тоа, исклучително е важно сите вклучени страни – јавните институции, локалните самоуправи, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и сите членови на општеството, да работат посветено и синхронизирано на клучните аспекти содржани во Националната развојна стратегија.
КАКО МАПАТА НА ИНВЕСТИТОРИ ГО НАСОЧУВА БИЗНИС СЕКТОРОТ?
Голем број компании, без разлика дали станува збор за домашни или странски инвеститори, работат одговорно и сакаат да придонесат за одржлив развој на државата. Во крајна линија, тоа е и во нивна корист затоа што и на компаниите, како и на граѓаните, им е важно да имаат правна сигурност, образовен систем што ќе продуцира квалитетни кадри, развиена инфраструктура, и млади луѓе кои ќе сакаат да останат да живеат и работат во државата.
Сепак, честопати имаат дилема или немаат доволно релевантни информации во кои сектори и области нивните инвестиции би направиле најголема разлика. Мапата на инвеститори го решава токму овој проблем преку неколку чекори:
*Идентификување приоритетни области во кои треба да се насочат инвестициите на приватните компании, како на пример, обновливи извори на енергија, модернизација на земјоделството, дигитална трансформација на јавниот сектор, итн.
*Дефинирање инвестициски можности кои се во согласност со Националната развојна стратегија.
* Креирање рамка за соработка помеѓу потенцијалните инвеститори од земјата и странство, локалните бизниси и креаторите на политики, со цел градење заедничка стратегија за позитивни општествени промени.
НРС/SDG Мапата на инвеститори ќе содржи податоци и препораки базирани на информации и анализи за пазарните услови, економските трендови и законската регулатива за да биде релевантен водич на приватните компании. Исто така ќе биде во согласност со Целите за одржлив развој на ОН, особено оние поврзани со Националната развојна стратегија како што се квалитетно образование, добро здравје и благосостојба, достоинствено вработување и економски раст, искоренување на сиромаштијата и намалување на нееднаквостите, справување со климатските промени, достапна и чиста енергија, родова еднаквост, како и мир, правда и силни институции.
Носител на имплементацијата на стратегијата е Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат. Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП го поддржува процесот со финансиска поддршка на Министерството за финансии на Словачка.
ПР објава