Марија Костадиновска: „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ носат порака за искреност, пријателство и љубов

Во присуство на многубројни деца и нивните родители, вчеравечер (24 март), во „Литература.мк Суперстор“ во „Скопје сити мол“, се одржа промоција на двете книги од младата авторка Марија Костадиновска: „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните прегратки“. Книгите се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. На промоцијата, покрај Костадиновска, се обратија и илустраторката на „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ – Александра Филипоска, илустраторката на „Волшебните прегратки“ – Иванка НиБа, а промоторка на делата беше проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Извадоци од книгите прочита проф. Елена Ѓорѓиовска.
– Пандемијата нѐ научи повеќе да ги цениме и да ги сакаме прегратките. Марија создаде приказна во која нѐ потсети дека гушкањето е еден од многуте начини на давање љубов и дека колку повеќе се гушкаме, толку повеќе љубов ќе имаме – и за земање и за давање. Во книгата таа вели дека „ако на тагата ѝ додадеш тага, таа станува двапати тага“ и таа се победува само со љубов и прегратки. Инспирацијата за илустрациите ми дојде веднаш штом ја прочитав книгата. Ликовите во приказната кои треба да ги илустрирам се одлично дефинирани. Исто така, и темата е многу инспиративна. Со Марија многу лесно се разбиравме. Добрата комуникација со неа и со уредниците од „Арс Ламина“ ни послужи брзо и без многу пречки да ја дефинираме книгата. Им благодарам на сите... Како илустратор на детски книги, црпам инспирација од детските цртежи. Учам од нив, за да можам достојно да ја пренесам порака што тие, до одредена возраст, не умеат да ја прочитаат, па читаат преку илустрациите – вели Иванка НиБа.
– Тргнувајќи од потребата да се раскажуваат вистински приказни во кои детето ќе се огледа и толку лесно ќе биде или Хана и Фран или Ведран и Мила, Костадиновска создава една приказна за две кралства и друга приказна за еден извонредно интересен Гушкоград. Во двете книги детето е центарот на случувањата, тоа е она што промислува и она што само доаѓа до одредени решенија и заклучоци. Нему никој не му кажува како треба да постапи за да излезе од непријатната ситуација. Исто онака како што Шеќерното дете само доаѓа до тоа да го ослободи заробениот славеј, исто онака како што Маша преку секојдневните згоди и незгоди со својот пријател Медо ги открива тајните на животот, така и Хана и Фран успеваат да си ги повратат изгубените кралства, така и Ведран и Мила успеваат да ја вратат вербата во прегратката и радоста во Гушкоград... Костадиновска со леснотија успева да ја развие својата авторска приказна врз фонот на народната. Така чудесниот, сказновитиот свет го развива низ постојаното поигрување на реалното и нереалното и притоа, тоа нивно спојување го остварува без страв и морбидност (и покрај тоа што противниците се именувани како Лошотилак или како Госпоѓа Злоба, и покрај тоа што завладува кралството Лошотилија, а и Гушкоград веќе не е тоа зашто прегратките или гушките секнуваат)... Двете приказни имаат среќен крај. И во тој поглед, Костадиновска останува на ниво на народната приказна. Затоа, кога ќе се совлада сиот лошотилак, Костадиновска им дозволува на Хана и Фран да го создадат и новото кралство на среќата – вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Двете книги се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и за нарачување онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk
* ПР - објава