Марино Башиќ: „Основен тренинг за живот“ им овозможува на луѓето да бидат најдобра верзија од себеси

Со цел да им помогне на луѓето да извлечат максимум од секое вежбање и воедно да го забават стареењето и да ја зголемат долговечноста, меѓународно признаениот фитнес и кондициски тренер, ментор и предавач, Марино Башиќ, ја напишал книгата „Основен тренинг за живот“. Вели дека во неа на едноставен и разбирлив јазик образложува систем што е соодветен за секоја возраст, може да се вежба со децении и ги подобрува мобилноста, издржливоста и држењето на телото. На вчерашната онлајн-промоција на македонското издание на книгата што ја објави „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, Башиќ ги истакна сите придобивки, особено во делот на подобрување на квалитетот на живот. Разговорот го водеше уредникот Филип Видиновски, а гостин беше и Даријан Трајанов, кој пред три години во Загреб ја завршил обуката „Бејзик про“ (Basic Pro) на Марино и е негов застапник во Македонија.

– На пазарот има многу навистина добри тренинг-програми, но не се одржливи, односно не можеш да ги вежбаш 20-30 години. Повеќето групни тренинзи, пак, не се за секого, особено ако човекот има некоја повреда, некое ограничување поради здравјето, ако долго време не вежбал, па треба постапно да се движи и слично. Од друга страна, овој систем е комплетен и е наменет за секого, на секоја возраст – вели Башиќ и додава дека со оваа програма се добива максимумот од времето минато во тренинг.


 
Посочува дека различните активности, иако му даваат нешто на телото, воедно и одземаат нешто. Трчањето ја зголемува издржливоста, но се губат мускули и влијае на држењето на телото. Јогата и пилатесот се одлични за држењето, но недостигаат брзи и експлозивни вежби. Токму поради тоа е креиран овој систем за да ја подобри состојбата на телото во секој сегмент и да овозможи комплетен тренинг.
 
– Мојот ментор Стив Максвел има 68 години и сè уште држи часови и патува на семинари. Тој е витален и здрав и неговото мото е дека целта е да живееш долго, но и здраво. Има клиенти од 90 години кои вежбаат според системот и се витални и подвижни – истакна Башиќ.
 
Книгата „Основен тренинг за живот“ е наменета за рекреативци и за тренери кои сакаат да се надградат во сферата што ја работат.
 
– Доколку рекреативец ја купи книгата и има некакви дилеми може да ме контактира мене или Даријан. Мојот ментор вели дека треба да им служиш на луѓето и нашата работа не завршува со книгата, туку треба да се понуди квалитет и системот да има ефект – посочува Башиќ и додава дека во иднина планира да одржува и семинари во нашата земја наменети за тренери кои сакаат да навлезат во оваа сфера и да се оспособат за темата.
 
Марино смета дека целта на секој тренинг треба да биде здравјето и човекот да биде најдобра верзија од себеси. Трајанов посочи дека Башиќ е човек кој е насочен кон мерливост на тренингот, односно да се следи напредокот со цел секој тренер да знае што прави добро, а што прави лошо и како да се коригира.
 
Книгата „Основен тренинг за живот“ веќе е достапна во книжарниците на „Литература.мк“, а може и да се нарача онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk.


ПР објава