Меѓународниот турнир во пинг понг „Зегин Опен 2024“ викендов по трет пат ќе се одржи во Берово

Викендов во Берово по трет пат ќе се одржи големиот меѓународен турнир во пинг понг - „Зегин Опен 2024“. Од 13. до 15. септември малото гратче во Малешевијата ќе биде домаќин на големото спортско случувања кое прерасна во препознатлива традиција.

Натпреварите ќе се одигруваат во Спортската сала „Македонски Бранители“ во Берово. За сабота на 14. септември е предвидено дефиле на земјите учеснички, а за вечерта е најавен голем концерт на македонската музичка група „Некст Тајм“ на Градскиот плоштад „Димитар Беровски“ во Берово.


Овој турнир од година во година привлекува големо внимание и интерескај натпреварувачи од целиот свет, па така, на турнирот покрај Македонија како земја-домаќин , оваа година учество ќе земат и натпреварувачи од Аргентина, Косово, Бугарија, Нигерија, Киргистан, Србија, Турција, Украина, Грција, Германија, Хрватска и Белорусија.

На овогодинешното издание на „Зегин Опен 2024“ учество ќе земаат вкупно 177 натпреварувачи. Категориите кои ќе бидат застапени на самиот турнир се У-13, У-15, У-19, апсолутна категорија, категории кај ветераните 40-49 години, 50-59 години, 60-69 години и највозрасните 70+ години во машка и женска конкуренција.

Паричната награда  за првото место во апсолутна категорија и во машка и женска конкуренција изнесува 1.600 евра, а вкупниот награден фонд на „Зегин Опен 2024“ изнесува12.000 евра.

Компанијата Зегин и ППК Зегин се единствени спонзори и организатори на овој турнир, кој е најголем турнир од ваков карактер на Балканот, а натпреварувачите секоја година си заминуваат со големи впечатоци од одличната атмосфера и професионалната организација.

Сите љубители на спортот и на природата се поканети на овој спортски празник во прекрасното Берово, на уживање во пинг понг, чист воздух, домашна и вкусна храна, добра музика и забава.