Милевски: Го повикав Дарко Велковски, потребни му се натпревари, ќе ги провериме и сите домашни потенцијални репрезентативци

Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски го соопшти списокот на повикани фудбалери од домашниот шампионат дополнет со тројца интернационалци, за контролниот натпревар против Саудиска Арабија на 22. октомври во Абу Даби.

Милевски смета дека ова е одлична можност да се провери капацитетот на играчите од домашното првенство.

„Ни претстои силен контролен натпревар против Саудиска Арабија, репрезентација која е во фаза на последни подготовки за Светското првенство. Ова ќе биде одлична можност за повиканите фудбалери на терен да се соочат со квалитетен противник, а ние како стручен штаб, реално да го видиме потенцијалот и квалитетот на фудбалерите кои сметаме дека се во најдобра форма во моментот во нашата лига. Нашата намера беше да ги повикаме и Мартин Мирчевски (ТСЦ, Србија), Марко Симоновски (Дрита, Косово), Сефер Емини (Сондерјиске, Данска), Томче Гроздановски (Злате Моравце, Словачка) и голманот Беким Реџепи (Партизани Тирана, Албанија), но дел од нив не добија дозвола од своите клубови бидејќи натпреварот ќе се одигра надвор од ФИФА термин за пријателски мечеви, а некои се опоравуваат од повреда. Со нас ќе биде Дарко Велковски на кого му требаат натпревари за да влезе во права натпреварувачка форма, а шанса ќе добијат и Мартин Стојанов и Кристијан Тошевски. Се надеваме дека сите повикани фудаблери ќе одиграат максимално сериозно и ќе остават позитивен впечаток“ - изјави Милевски.

Подготовките за конторлниот натпревар против Саудиска Арабија ќе започнат на 17. октомври. На тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе се одработат два тренинзи пред заминувањето за Абу Даби на 18. октомври.