Милевски: Поквалитетни сме од Малта, но тоа треба да го потврдиме на теренот

Македонската репрезентација следната недела ќе ги започне квалификациите за Европското првенство во Германија. Првиот противник е Малта, на 23. март во Скопје.

„Поквалитетни сме од Малта, но тоа треба да го докажеме. Аутсајдери денеска не постојат. Ќе направиме се да тргнеме успешно во евроквалификациите. Имаме тешки противници, но поседуваме квалитет и потенцијал да се носиме. Нема предавање, а секогаш првиот меч ни е најважен. Најважно е сите да се здрави и да се стават во функција на тимот. Не можеме да сметаме на Тихо Костадинов, кој е во фаза на опоравување по повредата на лигаментите. Серафимов е повреден, додека Дориев не е способен да се стави во функција на тимот, а не сметаме на Тодор Тодороски поради црвениот картон со Бугарија. Спировски и Николов се со слаба форма и слаба минутажа и не се на овој собир, што не значи дека понатаму нема да бидат повикувани. Аријан Адеми е голем професионалец, расположен е да игра за Македонија, јас го очекувам да дојде на собир и да биде и понатаму со нас. Лично, сѐ најдобро му посакувам, заслужува за сѐ што постигна во кариерата и во репрезентацијата“ - рече Милевски.