Милевски: Штета што не победивме со повеќе голови, секогаш е тешко да се игра против селекции како Малта
Фудбалската репрезентација на Македонија запиша победа над Малта од 2-1, потешко од очекуваното стигнавме до триумф но најважни се бодовите.
Селекторот Благоја Милевски доби црвен картон, но изјави дека не знае која е причината за тоа.
„Што се однесува до црвениот картон, не ми е јасно зошто го добив. Ниту приговорив, ниту што било друго, но тоа е видување на четвртиот судија“, изјави Милевски.
Што се однесува до натпреварот, Милевски вели дека му е навистина криво што на крајот разликата не беше поголема.
„Честитки за момците за тоа што го покажаа вечерва и желбата за победа. Напоменав и пред натпреварот кога играте со екипи како Малта дека се најопасни. Можеше да заврши и со повисок резултат, но штета е што примивме на крајот гол. Се повеќе и повеќе наликуваме на тим што го посакувам. Сите како карактери се одлични момци. Задоволен сум од тоа што го одиграа момците и навистина ми е криво во завршницата што не победивме со поголема разлика“, додаде Милевски.