Мирослав Пендароски, психолог и психотерапевт за состојбата по исчезнувањето на Вања: Не им наметнувајте на децата страв и паника - може да предизвика трауматизација или анксиозни чувства на неизвесност
Во состојби во кои се случуваат немили настани, во кои страдаат деца и млади, најневините битија на овој свет, сосема е природно да се јави загриженост, страв, неизвесност и чувство на непријатно исчекување. Според Мирослав Пендароски, психолог и психотерапевт стравот двојно побргу се шири токму заради постоењето на интернетот и социјалните медиуми, онлајн вестите и сѐ што оваа технологија носи.
- Во мигот од секундата се пренесуваат секакви информации, од најубави и позитивни, до најморбидни и страшни. Во светот каков што ние постмодерните луѓе го знаеме, веќе не постои непознато, сѐ е на увид на околината. Тоа, се разбира има дијалектична природа. Од една страна, интернетот и социјалните медиуми помагаат да се дознаат различни информации, да се прошири веста за потребата од помош, како што беше случајот деновиве и тоа придонесува да се подигне јавната свест дека и нашата средина, како впрочем и сите други средини, не е така сигурна како што сме мислеле. Од друга страна пак, во таа предност се крие и опасноста за пренесување на секакви вести па и лажни, за ширење страв и паника, па ако сакате и за одреден вид намерна или случајна манипулација со чувствата и мислењето на луѓето. – вели Пенадровски и дополнува дека честопати тоа не помага во разрешување на проблемите, туку ги усложнува, се појавуваат различни толкувања и слично, а едноставно треба да се остави стручни служби да се занимаваат со тие работи.
- Сепак, и покрај сета разбирливост на родителскиот страв, апелирам до родителите да останат разумни, да не подлегнуваат на непроверени гласини и да не ја прифатат т.н. генерализација на стравот, односно да не дозволат да бидат контролирани од тоа чувство. Животот секогаш продолжува понатаму и во вакви мигови е особено битно да се шири доверба и одредена доза на здрава внимателност, свесност и суштинска форма на грижа. Оттука е најбитен начинот на кој ги воспитуваме нашите деца и каков им го прикажуваме овој свет. Тој не е розов ама во него има и добри нешта! Препорачувам луѓето да се воздржуваат од непотребни ширења на паника, различни непроверени теории и да не изигруваме експерти. Најважно е да ги сакате своите деца и правилно да ги воспитувате за тие да знаат и самите да се заштитат, а секако да внимавате и каков пример им давате со своето однесување. Она што сега на децата најмалку им треба е паника и некаква форма на трауматизација или создавање анксиозни чувства на неизвесност и паничен страв. – вели Пендаровски.
На момчињата и девојчињата ваквите ситуации треба најтрезвено да им се објаснуваат и тоа до степен прилагоден на нивната возраст, нивните карактери и темпераменти, нивната личност.
-Во градењето на подобро општество учествуваме сите ние, родители, старатели, роднини, пријатели, наставници, психолози, лекари, новинари. Сите ние и секој од нас треба да биде свесен за своите граници и за одговорноста за своите постапки, затоа што – „погрешен збор знае да боли повеќе од триста камшици!" - заклучува психотерапевтот.
Соња Алексоска Неделковска