Момците од Некс Тајм растураат: Ви ја претставуваме „Кога падна на Пирина“

По „Ја излези Ѓурѓо“, „Слушам кај шумат шумите“, „Нешто ќе те питам бабо“ и „Јовка Кумановска“, „Кога падна на Пирина“ е уште една комитска песна во низата, која Некст тајм ја промовираа со моќен видео запис...

Кино Милениум беше претесно да ги собере сите соработници, колеги, пријатели, роднини, обожаватели и поддржувачи на музиката на браќата од Некст тајм. Стефан и Мартин Филиповски вчеравечер го промовираа петтото видео од проектот со македонски комитски песни, по чија промоција уживаа во стоечките овации и долгиот аплауз од публиката.

„Кога падна на Пирина“ е песна која го отпејува Јане Сандански. Една од првите верзии ја има отпеано една од доајените на македонската народна музика, Васка Илиева. Денес, многу години подоцна, браќата Стефан и Мартин дадоа свој печат на оваа песна, а во тоа најмногу им помогна маестро Николче Мицевски, кој со нив соработуваше и на претходните четири песни.

„Оваа песна е последна со видео, меѓутоа имаме уште 4 песни необјавени, кои што ќе следуваат со албумот. Би требало да биде готов до крајот на мај, ќе видиме. Сега сакаме да дадеме малце шанса да плови оваа песна во екот и да се организираме за голема промоција на албумот“ - за Женски магазин откри Стефан, кој потоа додаде дека имаат идеја и како би изгледала таа промоција.

„Имаме некоја идеја за промоцијата, но не би да откриваме. Знам само дека ќе испееме неколку песни во живо, дали со бенд, дали со оркестар, тоа се ситници кои што ќе треба да ги финализираме.“

Зад режијата на моќното и емотивно видое во кое e прикажана смртта на Јане, главната улога ја има актерот Ненад Нацев, се потпишува нивниот долгогодишен соработник Огнен Шапковски, додека асистент на режија и продуцент е Мартин Филиповски. Стефан ни откри дека им дава совети, но дека не секогаш ги слушаат.

„Давам и јас совети, кога е продукцијата во прашање. Многу пати не ме слушаат, но некогаш ќе ме слушнат и знаат дека се разбирам, дека имам идеи, но ете понекогаш од премногу фокусирање на тоа што ќе го сработат со Огнен знаат и да не ме чујат.“

Како и на сите досегашни промоции од овој проект и овој пат пред видеото претходеше видео од зад камерите, во кое присутната публика доби увид за тоа во какви услови имаат работено. Финалниот производ и позитивната реакција од страна на публиката е она што ги поттикнува да не се откажат од зацртаните цели.

„Тешко е затоа што бара многу логистика, многу помош... Таа помош влече многу финансии, меѓутоа даваме сѐ од себе да успееме во нашите намери и за среќа секогаш во ваквиот тип на проекти сме имале финансиска помош од разни луѓе кои што си ја сакаат културата и традицијата во Македонија.“ - беше искрен Стефан.

Дека добиваат поддршка и од колегите доказ беше и тоа што на промоцијата беа присутни многу познати музичари помеѓу кои беа Ламбе Алабаковски, Влатко Лозаноски Лозано, Антониа Гиговска и Иван Јованов, Тајзи, но тука беа и водителот Димитар Атанасовски во придружба на малата Илина, водителките Јелена Спенџарска и Ирена Спировска, јутјуберот Стефан Лазаров, градоначалничката Данела Арсовска и уште многу други. 

И покрај огромниот успех кој го уживаат со овој проект, македонската публика ги запозна како претставници на поп - рок музиката, па оттука се наметна и прашањето за тоа кога може да очекуваме нивна авторска музика. Стефан ни посочи дека тоа би било меч со две острици и дека би морале да бидат многу внимателни за тоа каква песна ќе објават по овој проект.

„Сметам дека кога правевме поп музика бевме популарни, но не бевме музички многу докажани. Со оваа музика почнавме музички повеќе да се докажуваме и тоа е предноста која ја доживеавме со годините. Би било меч со две острици, би било предизвик да видиме каква песна прва би извадиле, кога би правеле поп музика. Нормално, би биле возбудени за тоа, но тука е има и многу голема одговорност, пособено по овој проект. Ние сме спремни за предизвици, да не сме биле не би се нафатиле да правиме преработки на ваков тип на песни.“

Ивана Мисајловска

фото: Вангел Тануровски