Мумијата Трајче од Македонија: Раритет на Балканот

Дека скоро целата територија на Македонија крие раскошна историја длабоко закопана во земјата, се потврди и со ископувањата низ децениите на исклучително вредни артефакти, некои и бесценети. На листата имаме и мумија, многу малку позната на пошироката јавност. Крстена е како Трајче.

Била откриена во близина на селото Липково во 1963 година од страна на екипа од Археолошкиот музеј, предводена од професорот Иван Микулиќ и Саржо Саржовски. Тие пронашле гробница, во која имало машко мумифицирано тело со долга коса и брада.
Облеката во која бил облечен покојникот била јасно видлива – сина кошула, јака со црвена груба ткаенина и волнени панталони. Мумијата што била пронајдена од оваа екипа била однесена во одделот за судска медицина во Скопје.

Во слојот над ковчегот се откриени низа предмети од керамика што упатува на податокот дека погребувањето е извршено во последните векови на старата ера, се претпоставува, но не е потврдено, во периодот на македонско царство на Филип и Александар Македонски.

Од недоволните сознанија од времето кога е откриена се знае само дека не се работи за класично мумифицирање, како што тоа се работело во древен Египет, туку телото е сочувано благодарение на глинестото земјиште низ кое минува минерална вода. Тоа овозможило дрвото на сандакот да се засити со минерални соли што не дозволувало присуство на кислород. Интересно е тоа што се пронајдени уште три мумии на кои им се губи трага, бидејќи биле однесени во Белград на испитување.

А, интригата со мумиите започнала кога се градел пат во 1957 година кон браната на Липковското езеро,кога се ископани три гробници од градежните работници. Во нив биле положени дабови сандаци, во кои, кога ги отвориле констатирале дека има погребано луѓе. Co оглед на тоа што телата биле, како да се тазе починати и погребани, работниците се исплашиле дека откриле некоја нелегална гробница и не знаеле што да прават. Се обиделе телата да ги запалат, но уште повеќе се испашиле кога виделе дека не горат. Тогаш решиле да ги попрскаат со вар и така целиот предел да го дезинфицираат. Телата ги вратиле в земја, a co тоа и тајната што ја носеле со нив.

Мумијата Трајче засега останува единствена, редок, вреден, крајно необичен и нетипичен примерок за пошироката територија. Трајче е историски раритет и уште еден во широкиот спектар на вредности од Македонија.

Н.Т.