МЗТ Скопје на мечот на сезоната во АБА без тренерот Николиќ

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром утринава тргнаа на пат кон Сплит, каде што утре вечер (18 часот) ќе му гостуваат на истоимениот поранешен европски шампион во обидот да останат во игра за опстанок во Адмирал бет АБА-лигата, но во експедицијата го немаше првиот тренер, Драган Николиќ.

Популарниот Гаги пред неколку дена беше тестиран позитивен на коронавирусот, па оттогаш е под будно око на лекарскиот тим на нашиот клуб, но и на стручњаците од нашиот медицински партнер „Систина“. Тој веднаш ги доби сите лекарства и витамини потребни да се справи со овој вирус, но повтореното тестирање пред заминувањето за Хрватска покажа дека сѐ уште е позитивен, поради што беше донесена одлука да не тргнува на пат со цел да не се ризикува пренесување на коронавирусот и на другите кошаркари и членови на стручниот штаб. Поради иста причина во Сплит не замина ниту Андреј Андоноски, кој исто така беше тестиран позитивен на коронавирусот и кој нема да биде во тимот на утрешната средба.

МЗТ Скопје  на средбата во малата сала „Грипе“ ќе бидат предводени од Васко Атанасов, првиот помошник на Николиќ, кому ова ќе биде петта средба вкупно за време на престојот во Аеродром како кормилар на сино-белата чета, а трета оваа сезона. Тој досега има скор 4-0, со надеж дека ќе ја продолжи победничката серија како прв тренер на МЗТ Скопје, кој сезонава веќе има победи над Пелистер во Битола и над Кожув во „Јане Сандански“.