МЗТ Скопје потклекна пред Игокеа во Скопје
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да ја продолжат мини-серијата од две победи на домашен терен во АБА, откако по голема борба до последниот звук на сирената загубија од Игокеа (78-84).
Тоа беше тврд натпревар со двоцифрен број промени на водството и изедначувања, што укажуваше дека победникот нема да биде познат се до самиот крај. Ниту еден од двата тима не зголеми на поголема разлика од пет-шест поени, се до финишот од третиот и почетокот на последниот период. Тогаш гостите од Александровац направија серија 12-0 со која негативата од четири поени (59-63) ја претворија во позитива од осум поени (71-63) за на 90 секунди до крајот таа да достигне и плус 11 (80-69) како најава на крајниот епилог. На аеродромци не им помогнаа ниту двете луди тројки на Дастин Вер, бидејќи гостинот и во двата наврати врати речиси на идентичен начин. Македонскиот шампион спушти и до минус два (78-80) на осум секунди до крајот, но немаше доволно време за чудо во „Јане Сандански“.
Страхиња Миќовиќ со 18 поени (4/4 за тројка) и осум скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека зад него беа Вер со 17 поени, Војдан Стојановски со 15 поени и Дамјан Стојановски со 11 поени. Тимот од Аеродром останува последен на табелата со скор 4-18 и сега се надева дека Мега МИС ќе може утре да го совлада Борац во Чачак за да им ги продолжи надежите за евентуален опстанок во АБА.