На 13 септември во Глуво: „Куку леле“ музички гости на финалето на меморијалниот турнир во мал фудбал „Љубомир Рајчевски – Рајче“

Организаторите го најавуваат финалето на 19-иот по ред Меморијален турнир во мал фудбал „Љубомир Рајчевски – Рајче“ кое ќе се одржи оваа сабота на 13.09.2025 година на стадионот во с. Глуво на падините на Скопска Црна Гора, спортска манифестација која ја негува традицијата и преку спортот ги зближува и обединува граѓаните.
За тоа најдобар пример е општината Чучер Сандево на Скопска Црна Гора, која иако мала по големина, покажува големо срце и огромно чувство за почитување и помагање востановената традиција да се одржи и продолжи. Имено во село Глуво се одржува турнирот во чест на истоимениот долгогодишен фудбалер на ФК Вардар, легендарниот Љубомир Рајчевск – Рајче, чие потекло беше токму оттаму.
Организаторите на турнирот на кој учество земаа 28 екипи ги покануваат сите љубители на фудбалот да бидат дел од традиоционалниот спортски настан, на кој победниците во големото финале, ќе добијат парична награда од 350.000 денари.
Покрај спортскиот, оваа манифестација традиционално има и културно-естраден карактар, така што секој турнир завршува со естрадно-музички настан, односно концертен настап на познати естрадни ѕвезди од Македонија и регионот.
Годинава по завршувањето на спортскиот дел на финалната вечер, организаторот како специјални музички гости ја најавува мегапопуларната македонска поп група „Куку леле“, која ќе го увеличи големото финале и ќе ја забавува публиката со својот двочасовен концертен настап. Присутните ќе можат да уживаат и да се забавуваат во музиката и познатите хитови на Роберт и Панки како што се: „Кучка“, „Постела од рози“, „Ти немаш појма“, „Блесава си или не“, „Кажи ми, речи ми“, “Не плачи, не жали ме“, „Ме канат на свадба“, „Остани“, „Се е против нас“, оние од периодот на „Ластовица“ како „Пушење“ и „Корпичка“, како и изведба на Панки на познати регионални естрадни поп и фолк хитови.
Со ова се очекува завршната вечер на турниот да се претвори во вистински спортско-естраден спектакл за сие генерации и на теренот и трибините на игралиштето за мал фудбал во с. Глуво кое собира и до 3.500 луѓе и секогаш е преполно за големото финале.