Најава од кошаркарската федерација, бараме нов Американец на плејмејкерската позиција
Македонија против Украина, по втор пат во квалификациите за пласман на Светскиот Куп 2023. Последен настап на нашиот машки сениорски национален тим во светските квалификации. И последна можност за „црвено-жолтите“ да ја побараат првата победа во групата „Г“.
Селекторот Драган Бајиќ за момент се осврнува на дуелот пред некоја вечер во Сарагоса и го најавува вечерашнито со огромна желба нашиот репрезентативен состав да го „поправи впечатокот“ пред македонската публика.
„Доаѓа последното коло од овие квалификации, ги загубивме сите шанси, но имаме обврска пред домашните навивачи да го дадеме максимумот од себе и сигурно да го подобриме впечатокот од Шпанија со тоа што не можам да им замерам на играчите за борбеноста и на желбата. Eдноставно, имавме сериозен противник на спротивната страна и дека некои работи не може да се носат така лесно на натпреварите. А, тоа можеше да се види најмногу против Шпанија. Едноставно, енергетски не можевме да издржиме со таква репрезентација и самиот квалитет на играчите беше евидентен“.
Јасно е дека имаме уште еден сериозен противник на затворањето на јулскиот ФИБА „прозорец“.
„Украинците покажаа дека се добра репрезентација, ја совладаа Грузија во полн состав. Го контролираа цел натпревар. Сигурно е дека нè чека тешка задача. На момците им кажав, ако веќе губиме, мора да знаеме зошто губиме, а не тоа да биде без борба и без желба и без жар“.
Воопшто, во овој циклус ниту на еден натпревар не бевме комплетни, постојано недостуваа(т) по неколку битни играчи, така е и во овој јулскиот?
„Сите оние кои ја следат репрезентацијата уште од претквалификациите знаат, и гледаат дека бевме без важни играчи и тоа нè следи цело време. Јас како селектор на секој собир имам нови имиња.И тоа е голем товар за тренер да се воигрува екипата. Се надевам дека сега ги филтриравме сите работи и дека во квалификациите за ЕП ќе бидеме максимално комплетни“.
Истото се однесува и за вечерашниот дуел со Украина во 18.часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје?
„Виктор Ефремовски по тешкиот пат од Шпанија има вирус и има проблеми, и нема да игра. Имаме проблем и со Симиќ кој исто така има здравствени проблеми. Тоа значи дека ќе имаме уште поголем хендикеп за мечот со Украина, ама ќе се потрудиме да го извлечеме максимумот“- потврдува селекторот пред последниот дуел од светските квалификации.
Предводникот на нашиот национален сениорски состав не ја исклучува можноста за скор ангажман на уште еден натурализиран кошаркар...
„Ќе се обидеме да најдеме Американец на плејмејкер или на другите надворешни позиции каде сме хендикепирани. Сигурно е дека во иднина подобро ќе играме и ќе имаме подобри резултати“- вели Бајиќ.