Наркоманска навика е прејадувањето: Диетата со која Андрија Милошевиќ ослабна 20 килограми
Српскиот актер Андрија Милошевиќ ја доведе линијата до совршенство. За една година му појде од рака да ослабне 20 килограми и тоа, како што вели, дури тогаш кога сфатил дека не постои универзална диета што може сите да ја применуваат.
Ѕвездата од хит-серијата „Андрија и Анѓелка“ призна дека имал неколку обиди да се ослободи од вишокот килограми со рестриктивни методи, но без долгорочни резултати.
„Проблемот е во главата. Се прејадуваме бидејќи тоа е наркоманска навика. Мора да заборавите на заситените масти и тоа трае од четири до пет месеци. Мора да ви се случи „клик“ во главата. Да се ресетирате. Само си кажав: „Од сега до крајот на животот ќе се хранам здраво“ - раскажува популарниот актер.
Сега јаде на секои три до четири часа и тврди дека не се ограничува ни кога се во прашање намирниците кои ги сака.
„Не се откажав од ништо, само научив намирниците без кои не можам повеќе да не ги комбинирам, туку да ги консумирам одвоено. Ручам печен компир, печурки и салата бидејќи тоа го сакам. Боранија запекувам со пармезан и со неколку капки маслиново масло. Важен е и јогуртот, а она што на сите им гои препорачувам е да ги проверат желудочните ензими, односно да дознаете што ви годи, а што не. Цел живот јадев црвено месо, а потоа со таа анализа сфатив дека не ми одговара. Сега исхраната ми се базира на риба и на зеленчук. Секогаш пијам чаша црно вино. Кога сте гладни слободно јадете, но тоа нека бидат здрави оброци“ - советува Милошевиќ.