Наум Бумбаровски го освои и жирито и публиката во шоуто “Пат до Ѕвездите”: Подготвив говор кој ќе го кажев по финалето како учесник, а не како победник
Новата музичка ѕвезда, која ја доби Македонија е младиот Наум Бумбарески (15) од Ресен. Во втората сезона на македонското музичко талент шоу “Пат до Ѕвездите”,,тој беше победник во сите категории - од жири комисија и од смс-гласови.
oНаум Бумбароски, е ученик во СОУ Цар Самоил Ресен - Природно математичка насока. Талент за музика покажал од мал. Првата гитара ја добил на 9 години и сам преку видеата на You Tube почнал да ги учи основите на свирењето. Потоа го добил првиот микрофон заедно со клавијатурат
ММ: Кој беше иницијатор да се пријавиш во шоуто?
- Сам се пријавив во ова шоу, без претходна консултација со моите. Откако добив одговор од продукцијата дека сум примен, ја споделив веста со родителите. На почетокот тие не беа многу задоволни со мојата одлука, но низ целото патешествие беа со мене како моја најголема поддршка.
ММ: Може ли да ни ја опишеш атмосферата пред настап, се дружевте
ли натпреварувачите меѓу себе?
- Атмосферата од настап до настап се менуваше. На почетокот додека не бевме добро запознати еден со друг, сите бевме малце покрути, секако и тремата тука имаше многу голем удел. Со тек на време, од круг во круг се запознававме и бодревме едни со други. Многу ми се допадна тоа што немаше ривалство, сите си бевме поддршка еден на друг.
ММ: Кога најмногу имаше трема?
- Можам со сигурност да кажам дека најмногу трема имав на првиот настап. Тогаш за прв пат застанав на таква сцена, со рефлекторите свртени кон мене и сите фокусирани кон она што имам да го покажам. За таа голема трема мислам дека допринесе и тоа што сметав дека првиот впечаток е најважен и дека тоа претставување ќе го диктира понатамошниот тек на натпреварувањето.
ММ: Кој ти е најомилен настап?
- Па, има неколку, но сметам дека би можел да го издвојам настапот на финалето - песната „По тебе”, поради повеќе причини. За време на финалната емисија снимањето беше во дискотеката во Штип, со публика, луѓе кои нѐ бодреа. Имаше многу убава атмосфера, насмеани и разиграни лица, моите блиски покрај мене давајќи ми безусловна поддршка и мотивација.
ММ: Очекуваше ли победа?
- Не. Не, дека не се надевав и мечтаев за истата, но со оглед на тоа што бев најмладиот натпреварувач, сметав дека „Ѕвездата” ќе ја понесе некој од моите поискусни колеги. Дури си имав и спремен говор за она што би го кажал, доколку треба, после прогласувањето на победникот. Мислам дека и тоа што немав некој голем притисок придонесе да сум опуштен максимално, да уживам, а со тоа и да го дадам максимумот, без тремата да ми биде пречка.
ММ: Од кога покажа афинитети кин музиката?
- Желба за музика имав од кога знам за себе. Моите родители ми кажуваат дека на моја година и пол, после враќање од црква, за верскиот празник Велигден, за кој во нашиот крај има обичај да се чука по одреден ритам, сум зел две стапчиња и сум почнал да тропам по ритамот којшто го слушнав. Мојата прва гитара ја добив на моја 9 годишна возраст, и сам преку You Tube видеа почнав да ги учам основите на свирењето. После гитарата и напредокот кој го имав, го добив и мојот прв микрофон заедно со клавијатурата. Можам да кажам дека дневно поминувам по 3-4 часа свирејќи и пеејќи, постојано гледам да научам нешто ново и да се усовршувам.
ММ: Од кого го наследи талентот за музика?
- Талентот за музика е дел од мене благодарејќи и на двата мои родители. Нема член во моето семејство кој не е музикален на еден или друг начин, кој со пеење, кој со свирење, ритам, танцување... Мотото на моите родители е дека човек без музика е тажен човек.
ЖМ: Имаш многу млади родители, кои ти беа најголема поддршка. Кога почнала нивната љубовна приказна?
- Моите родители се мојата ѕвезда водилка и сум горд што ги имам. Биле заедно од кога биле на моја возраст, тие се мој пример за борбеност, издржливост и пожртвуваност, тие ми покажаа дека кога нешто сакаш и си посветен, ништо не е невозможно.
ММ: Кои се твоите следни планови и чекори на македонската естрада?
- Планови имам многу, како и секој на моја возраст. Сакам да станам дел од македонската музичка сцена и да придонесам за афирмирање македонската музика, како на македонската сцена, така и надвор од границите на нашата држава. Мојот најголем сон е да имам песна, песна којашто ќе биде хит, песна која ќе се пее и памети долго време. Како што знаете, наградата за освоеното прво место на „Пат до ѕвездите” е снимање на песна и спот. Веќе сме во комуникација со Продукцијата за нејзина реализација. Знам дека ова нема да биде моја единствена песна, но ќе одам чекор по чекор кон постигнување на она што го сакам.
ММ: Кој ти е идол во музиката? Дали освен пејач, сакаш да се образуваш и да имаш друга професија? Кој предмет најмногу ти оди? Што сакаш да студираш?
- Не можам да кажам дека некого идолизирам како личност, но има многу луѓе чиј стил на музика го сакам. Пораснав со песните на Bryan Adams, Guns N' Roses од странските изведувачи, но исто и со Тоше, ДНК, Влатко Лозановски... Како што созревам, можам да кажам дека сѐ повеќе ја слушам македонската музика, треба да бидеме горди на тоа што го имаме, на македонскиот мелос, ритам... Сакам да направам совршен баланс помеѓу музиката и учењето, и се надевам дека со поддршка на моите родители и со добра организација тоа го можам. За студии се уште не сум одлучен, мислам дека има време. Сега за сега најмногу ме влечат природните науки, предметите биологија, математика, и јазиците, македонски и англиски, со исклучок на францускиот, морам да признам.. Ќе оставам времето да покаже што ќе биде во иднина, моја желба е само музиката секогаш да е дел од мене.
С.А.Н