Не е само еден: Тринаесетте македонски острови
Малку е познато
дека нашата земја освен островот Голем град на Преспанското езеро, има и други
острови. Секако, се работи за оние на вештачките езера или речните острови кои се мали, но
атрактивни се и восхитуваат со својата убавина.
Според најновите стручни истражувања, во земјата има 13 острови кои ја задоволуваат формалната дефиниција (копно од барем 1 хектар, обиколено со вода), но речни острови има околу 50. Освен оној кој е на Преспанското езеро и е природен, останатите дванаесет некогаш биле возвишенија на копно.
Тие се карактеризираат како трајни острови, чие присувство не зависи од водостојот. Голем град, Голем и мал остров на Дебарско езеро, Калата на Калиманско езеро, Градиште, Брушени, Драдња, неименуван остров на Тиквешко езеро, Јаниташ, Улански остров, Адата, Демиркаписки остров, Градец се навистина посебни и се нераскинлив дел од убавината на Македонија.
Најголем е Голем Град со површина од 23 хектари. На вештачките акумулации ги има: Дебарско езеро (Голем и мал остров), Тиквешкото (остров Градиште), Калиманското Езеро (Калата). Од нив, островот Градиште е поголем (2,2 хектари), со најголема височина од 20 метри над езерото.
Во Македонија има и 10 речни острови поголеми од 1 хектар, сите на реката Вардар низводно од вливот на Пчиња. Овие 10 речни острови се појавуваат на сателитските снимки и топографски карти од 1975 година до денес, а нивната форма и големина не е значително изменета. Најголем е островот кај с.Удово, со површина од 6 хектари и должина на брегова линија од 1,4 км.
Покрај него, доста голем е островот кај с.Уланци и островот во Демиркаписката клисура (по 4,8 хектари). Понатаму по големина следуваат речниот остров кај: с.Тремник (3,9 ха), островот во Таорска Клисура (3,4 ха), островот кај с. Градец (3 ха) и други.
Според должината, најдолги се островите кај с.Тремник и с. Удово, со по 700 м, а највисок е островот кај с. Пепелиште (6 м). Сите 10 речни острови се ниски (најмногу до 6 м над реката) и затоа делумно се поплавуваат за време на високите води на Вардар. Најголем дел од островите, од брегот се оддалечени околу 15-30 метри, што претставува проблем за нивна посета (длабочината на Вардар кон островите, најчесто надминува 1 м).
Сепак, речиси сите имаат бујна вегетација, како и разновиден животински свет. Многу се атрактивни и интересни за излет, престој и рекреација во природа, авантуризам и друга туристичка намена.
Вкупната површина на сите 13 острови во Македонија изнесува 66 хектари или 0,66 км кв., а вкупната должина на нивните брегови е 14,6 км.
Н.Т.