НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: АРИЈАНА КОСКАРОВА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Кога е идеалот на женската убавина во прашање, тој се менувал консеквентно - историски, во далечното, блиското минато, па и денес, побрзо од кога било. Египќанките на пример, жените во античка Грција, во ренесансата, во викторијанското време се стремеле кон перфекција, согласно естетските критериуми на тогашните прилики, услови, вклучително и мажите. 1920-тите ја револуционизирале модата. Убавината се гледала поинаку, така и се доживувала.
Спротивно од времето на владеењето на англиската кралица Викторија, половината веќе не се „танчела“, едноставно се тежнеело кон андрогинија, т.е. машкудански изглед. За колковите и градите да ги намалат, се обвивале со еластични завои. Долгата густа коса ја замениле со кратка боб фризура, додека ненаметливиот дискретен мејкап го „засилиле“ со јарки бои. Едновремено го смениле и однесувањето, се движеле (по)слободно, пиеле и пушеле, а цигарите ја симболизирале нивната силина и секако, рамноправните односи меѓу нив и мажите. Борбеноста ѝ ја припишувале на внатрешната или убавината на душата, духот, па и моралот.
Аријана Коскарова плени со класичната убавина, безвременска. Повеќепати е наградувана за нејзината успешна работа како претприемач - Форбс (под 30 години), на Светскиот економски форум во Давос (2020-та), беше победник на Global Fundraising Stage (GFRS) во Мајами (2021) каде што живее и денес, од февруари годинава. Инаку е основач на Creative Hub. Посветено вежба со тренер, четирипати во неделата, одржувајќи се така фит, во добра форма.
Одговорите на прашањата од симултаното интервју се куси, ама содржајни. Темата ви е добропозната - односот меѓу двата пола, жените и мажите. Или обратно, како и да било.
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
А. К.: Шармот е на почетокот, но исто како и убавината, трае два дена. Животот е еден век. Ако неговата личност нема поголеми квалитети и вредности, шармот како шарм брзо се губи.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
А. К.: Интелектот, дефинитивно. Мора да ме привлече интелектуално, што би се рекло - да ме заинтригира. А, бидејќи јас сум човек што спортува и сакам да одржувам добар физички изглед, секако истото го барам и кај партнерот. Што би рекла баба ми, бараш совршенство. Ха, ха, ха!
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
А. К.: Би рекла, верноста ми е на прво место. Почит, поддршка, партнерство. Мислам дека тие карактеристики ми се значајни мене.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
А. К.: Секако дека џентлмен е подобриот избор. Не би можела да се замислам со мачо, а мислам дека ни тој не би можел да се замисли со мене.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
А. К.: Ми се допаѓа кога некој ќе ја отвори вратата од колата, кога ќе доминира во оние аспекти во кои мажот и треба да доминира. Ако жената прави сѐ сама, што ќе ѝ е маж?
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
А. К.: Татко ми, секако. Ме научил на вистински вредности и можам да кажам дека сум била доволно среќна да растам во семејство на здрави вредности и искрена љубов и поддршка.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
А. К.: Па, можеби мажот не, но жената може да го гледа мажот како пријател. Не се согласувам со ова, некои од моите најдобри пријатели се мажи и среќна сум што ги имам.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
А. К.: Нормално дека треба да се најдат заеднички карактеристики бидејќи ако сме многу спротивни, каде ќе се погодиме!? Од друга страна, не постои ист човек како нас, така што мислам дека решението е во толерантноста за другиот и наоѓање на заеднички работи за уживање.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
А. К.: Толерантноста да, но не по секоја цена. Многу жени остануваат во врски во кои не се среќни (најчесто се изневерувани од партнерот) само поради тоа што ќе каже општеството или да не бидат сами. За човек да биде среќен со некој, најпрво мора да биде среќен сам со себе. Тука многумина грешат. Бидејќи самите не се среќни, па затоа и врските не им се среќни.
* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
А. К.: Жената е материјалот од кој е направен тој столб. Без меѓусебна поддршка, слога и партнерство во домот, на мажот ќе му биде многу тешко да го одржи столбот.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Аријана Коскарова