НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: БИЛЈАНА КАРАН
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Заводливоста на жената само делумно е врзана со убавината во смисла на надворешниот изглед бидејќи поголемиот дел од привлечноста е резултат на нејзините одлики, како на пример гласот, насмевката од која зрачи самодоверба, самосвест и секако, погледот. Во комбинација на убавината, нема дилема - стопроцентна е. Доколку се додаде и малку таинственост, храброст... ах, кој може да одолее. Дури и режисерите од златната доба на Холивуд ја дефинираа како спој на шарм и гламур. Се разбира, европските не ја изоставаат природноста. Кога се работи за светски рамки, не можеме да не ја споменеме Брижит Бардо која во 1950-тите и 1960-тите важела за секс-бомба. Несомнено, причина за тоа е сексуалната еманципираност и приврзаноста кон хедонизмот. Иако се повлекла од шоу-бизнисот во 1973-та, со неполни 40 години, француската глумица и денес е икона на поп-културата, со цели 87 (за три седмици ќе полни 88). Кариерата ја финишираше со педесетина филмови, шеесетина песни. Се мажела четирипати. Последниот брак со Бернард Д’Омал трае уште, цели 30 години.
А, кога е неодоливата убавина во прашање, со придавката „македонска“ - секако, привлечноста се подразбира, исто како и нераскинливоста на синтагмата и дипломираната модна дизајнерка Билјана Каран. Модата отсекогаш е нејзина пасија, вклучувајќи ја и уметноста, но и музиката и танцот. Го сака морето, неговата боја, звукот. Ги сака и зајдисонцето, персиската поезија, добро приготвената и сервирана храна. Но, повеќе од сѐ ужива во работата - дизајнирањето на модните креации за своите клиенти, колекции. Неодамна во Херцег Нови, Црна Гора, се претстави со најновата и веќе работи на следната.
Во меѓувреме, за време на паузата, ги одговори прашањата од симултаното интервју за убавината, машко-женските односи... Занимливи се нејзините размислувања, во продолжение...
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Б. К.: Според мене, она што една особа ја прави убава, без разлика дали се работи за жена или за маж, е способноста да се биде своја или свој. Тоа, секако, ја издвојува од околината и ја истакнува уникатната убавина која ја поседува таа личност.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Б. К.: Ја сакам убавината во сите нејзини форми и експресии. Но, убавината на човековото срце и душа, која се манифестира во неговиот однос и комуникацијата со околината и другите, за мене е неодолива.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Б. К.: Квалитетите кои ги вреднувам и ги барам кај еден маж се неговата доследност, пожртвуваност, сочуствителност и разбирање, неговата елеганција и стил, кои, како што рекла Дијана Вриленд, произлегуваат од умот. Интелигенцијата и елеганцијата се меѓусебно зависни. Прекрасниот ум неминовно е извор на сѐ што е убаво, префинето и софистицирано.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Б. К.: Во ова модерно време во кое живееме, еднаквоста помеѓу мажите и жените е поистакната од кога било и мислам дека не постои жена која би толерирала супериорен и дискриминирачки однос од кој било маж. Разликата е очигледна, едното е сублимат на машката еманципација, а другото е тажен пример на застарени концепти без иднина. Предимството секогаш ќе го добие единствено мажот кој поседува добри манири, кој е свесен за вредноста на жената во неговиот живот и секогаш се однесува со љубов, почит и разбирање кон неа.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Б. К.: Манирите се демонстрација на културата која ја поседува секој човек. Тие се битен додаток на карактерот. Но, она што навистина го привлекува моето внимание е длабочината на карактерот на една личност. Сакам слободни луѓе кои имаат оригинална мисла, свежа перспектива, уникатна визија и непоколеблив став во суштествувањето. Сакам луѓе кои ја сакаат уметноста, убавината, музиката и креативноста. Сакам сестрани, забавни и интригантни карактери со висока свесност и приземност. Не сакам усиленост, егоцентричност, тапоглавост и претенциозност, арогантни и себични луѓе.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Б. К.: Не би сакала да издвојувам, но навистина сум среќна што познавам такви момци. Нивните особини, квалитети и атрибути го поддржуваат овој епитет.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Б. К.: Искрено, верувам во можноста за пријателство помеѓу мажите и жените, која, од моето лично искуство, честопати е посилна и поискрена од женското пријателство.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
Б. К.: Како што велат, во љубовта и во војната не постојат правила. Кога постои љубов, сѐ е возможно. Секако дека треба да имате заеднички интереси, во спротивно не би постоела основа за каква било комуникација, додека, пак, компатибилниот вредносен систем, според мене, е предуслов за долготрајна и успешна релација. Различностите и специфичните карактеристики кои ги поседуваат партнерите честопати знаат да инспирираат, го збогатуваат нашето искуство и ни прикажуваат една поинаква перспектива во спектарот на работите. Според мене, сличностите исто како и различностите помеѓу луѓето се она што ги привлекува или оддалечува еден од друг. Сѐ додека постои здрав баланс помеѓу обете, истата ќе се рефлектира и во нивната релација.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Б. К.: Знам дека секоја добра релација се заснова на заемна љубов, почит и разбирање. Тоа подразбира континуирано внимание и посветеност, уживање во моментите поминати заедно и добра комуникација чиј резултат е довербата, среќата и безгрижноста.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Б. К.: Никогаш не сум била по титули, ниту пак ме интересираат поделби на улоги или некаквиси рангови. Сметам дека во една релација работите се одвиваат и развиваат природно и совршено би било кога мажот и жената меѓусебно би се надополнувале во заедничките обврски. Нормално е квалификациите на еден маж да бидат поадекватни за одреден вид работа одошто кај жената и обратно, но точно каква би била таа природна поставеност е индивидуален избор и предиспозиција за двајцата партнери. Навистина важна во фамилијата, според мене, е нежноста, љубовта и грижата која секоја жена ја поседува, совршено надополнувајќи ја љубовта и силата која ја поседува мажот. За љубов се потребни двајца.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Билјана Каран