НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: БЈАНКА САЛАХ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Убавината отсекогаш била предмет на истражување, интерес..., не само за естетичарите туку и за филозофите, психолозите. Обичните луѓе се раководат повеќе од сопствениот вкус, затоа и се вели дека таа, убавината всушност е чувство - се разбира, донекаде обусловено од перцепцијата која ја наметнува општеството, културата..., секако - прототипски. Субјективноста и објективноста во голема мера се испреплетени. Во отсуство на универзални естетски критериуми, што е и логично, присутна е само идејата дека совршенството постои единствено како идеал. Нема сомневање, надворешниот изглед привлекува, често и фасцинира - никој не може да ја оспори неговата моќ, но вистина е и дека убавината е ништожна без харизмата, односно шармот кој, пак, доаѓа од автентичноста - пред сѐ, прифаќањето на себеси во целост.

Сублимацијата на македонската е наполно разбирлива. Кога се работи за убавината, неоспорен факт е дека произлегува и од нејзината вистинитост (автентичност), како своевиден атрибут. И неодоливоста ѝ е својствена - чисто разумно, па и следствено. Нема дилема ни кога е дипломираната англистка во прашање - Бјанка Салах, која се занимава со менаџмент (работи како проектна координаторка). Израснала во ОАЕ (Абу Даби) каде што се школувала (учела во англиско училиште). Оттогаш е и сеќавањето на принцезата Ана, сестрата на Чарлс Трети, пред која настапила во гимнастичка дисциплина, за што добила и пофалница, т.е. писмено признание. Со текот на времето се менувале и пасиите, интензитетот на страстите кон уметничкиот танц (класичниот балет), глумата, музиката, сликарството (нејзината мајка е академска сликарка од која учи и ден-денеска). Освен пешачењето, ја релаксира и пливањето и готвењето, а љубовта кон астрологијата ѝ ја припишува на психологијата како главен фактор, мотиватор. Во слободното време, за кое вели дека е луксуз денес, знае да се „изгуби“ во делата на Едит Вортон, Џејн Остин, Хенри Џејмс, Оскар Вајлд.

Убавината, машко-женските односи се водечките, кога се работи за темите од тематиката на симултанката, кои секогаш побудуваат голем интерес. А еве ги нејзините размислувања за истите, во продолжение...  

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Б. С.: Иако прашањето е доста комлексно, би рекла дека за мене е коктел од двете. Шармот плени, го пополнува времето со леснотија (таа неподнослива леснотија на постоењето во зборовите на Милан Кундера), но без топлината на искреното срце не сме целосни.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Б. С.:Факт е дека, за жал, живееме во експлицитен визуелен свет во кој за многумина првиот контакт е преку социјалниот медиум и иницијалниот чекор се воспоставува на база на физички критериуми. Но, убавината на Давид е ладна, смислата за хумор, способноста за размена на идеи и ставови, тој еден посебен сјај во очите што некои луѓе го носат во себе е бесценет.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Б. С.:Толеранцијата, способноста на една личност (еден маж во овој контекст) секогаш да може да се стави во позиција на друга. Топлината на изразување, разбирање и пружање внимание..., тие мали знаци кои ќе ти укажат дека еден маж те слуша и потоа се однесува соодветно на тоа што ти треба. Доследноста, искрената и отворената комуникација е клучна, а во некоја мера, во дадени ситуации, и заштитничкиот однос може да биде форте.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Б. С.:Мислам дека во денешно време мачо мажот е „спесимен“ во изумирање. Да, имаме „мутирани“ форми, но се надевам дека секоја жена знае да ги распознае. Јас лично под мачизам подразбирам еден став на потценување на другиот (жена или кое било друго живо битие), а сите сакаме да сме ценети, почитувани и сакани.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Б. С.:Маж кој е љубезен и добро се однесува кон другите луѓе, тој што се однесува со другите како што сака да се однесуваат кон него. Умерен во начинот на изразување и комуникација, со доза на почит без оглед на околностите и до кои граници може да е „избуткан“ за да изреагира бурно и без стил, а тој држи ниво на коминикација, кое е проткаено со разбирање и мекост. Не почитувам себичност, човек со нефлексибилен став - тој што не е отворен барем на миг да размисли дали ставот и идеите на другиот можат да бидат поефикасни ако се имплементираат.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Б. С.:Не би можела да издвојам бидејќи како и за многу други животни прашање така и за прашањето на џентлеменството никогаш не е сѐ црно-бело. Но, со сигурност можам да кажам дека нашето поднебје поседува изобилство на мажи кои се големи луѓе со беспрекорни манири.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Б. С.:Да ми го поставевте ова прашање дури бев во помлади години, категорично ќе го негирав Де Балзак, тврдејќи - ДА, секако дека може. Но, со годините, морам да признаам, иако сум имала прекрасни пријателства со личности од спротивниот пол, сепак во потсвесното струеле други води.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Б. С.:Примарно може плусот и минусот да се привлечат, но ако нема можност за компромис и компатибилност на некое ниво, тогаш споделувањето на заедничките моменти може да делува како тегнење во спротивни насоки. Секако, не сакаме да се гледаме во огледало кога го гледаме партнерот, сакаме да учиме еден од друг и да се надополнуваме, да доживуваме нови искуства што е можно само кога има мала, здрава доза на спротивност.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Б. С.: Отворената и искрената комуникација, меѓучовечката почит се примарни за хармонична љубовна врска. Во голема мера и толерантноста и способноста да не му судиме на другиот, независно колку не се сложуваме со нивниот став или начин на дејствување. Способноста да се смееме заедно и најважно од сѐ, според мене, да сме големи другари бидејќи без солиден темел на другарско разбирање нема никаков, особено па љубовен однос.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Б. С.: Класичните поделби на машки и женски улоги во општеството одамна не се во сила. Семејството го сочинуваат јин и јанг односите (yin & yang), во него сите функционираат како меѓусебно поврзани сили, иако спортивставени во поларност. Патер фамилијас сега е матер фамилијас и обратно. И таму лежи убавината на машко-женските односи.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Бјанка Салах