Смртоносната „Фараонова клетва“ можеби ќе спасува животи: габата од гробницата на Тутанкамон убива клетки на леукемија

Она што некогаш ги плашело археолозите и ги хранело легендите за „проклетството на фараонот“, денес би можело да стане оружје во борбата против ракот…
Научниците открија дека смртоносната габа Aspergillus flavus, поврзана со смртта на истражувачите на гробницата на Тутанкамон во 1920-тите, содржи молекули кои ефикасно ги уништуваат клетките на леукемијата – и тоа на ниво на современи лекови.
Габата со децении важела за микробен „злoтвор“ – распространета во почвата, земјоделските култури и често причина за сериозни белодробни инфекции кај луѓе со ослабен имунитет. Но истата таа „проклета“ габа крие молекули наречени аспериџимицини. Научниците изолирале четири типа, а два покажале силен ефект врз клетките на леукемијата.
Кога им додале липиди, аспериџимицините биле ефикасни речиси колку и официјално одобрените лекови – но без забележани несакани ефекти. Со други зборови: потенцијално смртоносен организам можеби крие спас.
Авторите на студијата од Пенсилванија велат дека аспериџимицините припаѓаат на ретка класа пептиди (RiPPs), досега речиси неистражена кај габите. „Ова е огромна неискажана област со неверојатен потенцијал,“ вели коавторката Ќјујуе Ниe.
Следниот чекор се тестирања врз животни, а потоа – се надеваат – и клинички испитувања кај луѓе. Како што вели професорката Шери Гао: „Природата ни подари неверојатна аптека. На нас е да ги откриеме нејзините тајни.“
Ако истражувањата се потврдат, нешто што некогаш убивало археолози и хранело урбани легенди, би можело да стане лек кој ќе спасува илјадници животи. Иронијата на историјата – можеби токму „фараоновата клетва“ еден ден ќе излечи рак.
Извор