НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЕМИЛИЈА САРАФСКА
НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЕМИЛИЈА САРАФСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Но, факт е и дека сликата за убавината во смисла на надворешниот изглед ја „цртаат“ медиумите, кои најповеќе влијаат на нашата перцепција за тоа што е привлечно, настрана вкусовите. Многу приврзаници на феминизмот, па дури и лекари, за прилично витите лица од насловните страници, едиторијалите говорат дека ги промовираат нарушувањата, пореметувањата во исхраната, додека останатите пак тврдат дека преголемата доминација на белкинките во филмовите, рекламите..., доведува до евроцентричен концепт на убавината, чувство на инфериорност на другите раси, притоа интернационализирајќи го расизмот. Во тој контекст е формирано и движењето „И црното е убаво“, а големата активистка од Пакистан - Фатима Лоди ја негира таквата замисла, истакнувајќи дека убавината доаѓа во сите форми, т.е. облици, нијанси, големини..., што е беспорно - во секој поглед. Таа има смисла единствено доколку ја придружува и онаа што доаѓа однатре. Во спротивно, убавината е штура, несодржајна.
Концепцијата на „Неодолива убавина, македонска“ се однесува токму на поврзаноста меѓу двете, поради нејзината содржајност, и надворешна и внатрешна смисла. Емилија Сарафска, инаку магистер по енергетски системи, перфектно се вклопува во неа. Дваесетина години се занимаваше со новинарство (работеше во телевизиски, радио, печатени медиуми), за кое вели дека е непроценливо богатство кога е искуството во прашање. Како водител на голем број фестивали, настани во Битола и ширум Македонија, сретнала и запознала многу луѓе со различни карактери, слабости, величини... Последните 5 години работи во Општина Битола, како советник за енергетика, енергетски системи и обновливи извори на енергија, поле на кое допрва има да се работи и изискува целосна посветеност. Заради музиката, која многу ја сака, се нашла во голема дилема - дали да се запише на Факултетот за музичка уметност или пак на Електро, сепак постигнала компромис - го одбрала вториот, а истовремено пеела во хорови, настапувала на радио. За добар концерт знае да го напушти и градот и државата, речиси и да не пропуштила ниеден во Битола. Сака и добри книги, особено трилери со непредвидлив крај. А, патувањата - никогаш не ја уморуваат. Водата ѝ е чистилиште, непресушен извор на енергија - затоа често оди на море, езеро... Во текот на короната открила и нови хобија - сомелиерство, кајакарство, јавање на коњ (во кас). Помладата ќерка, која има 17 години, веќе галопира. Знае и да се пошегува со себеси, на своја сметка, едноставно сака ведрина, но и предизвици.
Нејзиниот луциден дух (мисла) е забележлив и во одговорите на десетте прашања со тематика за која неретко се кршат и копја - убавината и секако, машко-женските односи.
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Е. С.:Секое око гледа различно и различно ја перципира убавината. Никој не е индиферентен на убавината, таа секогаш била и ќе биде првиот миг на сознание на одредено лице, но после тој прв миг доаѓа она што останува како впечаток и желба за натамошно запознавање. Шармот или можеби, едноставно кажано, хемијата е таа што проработува прва, така што гласам за шармот. Во однос на машкото срце - постои нечие, скриено длабоко во мене, сеедно дали тоа срце сѐ уште е во близина или не.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Е. С.:Веќе одговорив дека шармот е првиот атрибут, а не убавината. Ако знае да ме насмее, тогаш веќе тоа е втората голема придобивка, бидејќи само интелигентните мажи имаат одлична смисла за хумор, без тоа да значи употреба на вулгарности или пак исмејувања на други лица. Сакам мажи кои внимаваат на себе, на својот изглед и хигиената. Не говорам за теретани и слично, туку едноставно за лица кои не се занемаруваат себеси, кои имаат свое реално хоби, кои прават нешто што ги прави среќни, сеедно дали тоа е планинарење, возење велосипед, патување итн. Дефинитивно, обожавам мажи со убав глас. Особено ако е бас-баритон.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Е. С.:Гледајќи од фројдовски аспект, сите ние потајно ја бараме заштитата која сме ја имале од нашите татковци. Меѓутоа, правилниот пристап на таткото во животот ќе ја одведе ќерката во спротивна насока, не да бара заштита туку да располага со сопствена самодоверба. А, дека можеме да ви олесниме вам мажите за да знаете што сакаме - тешко, бидејќи често пати она што го сакаме кај мажите по извесно време може да ни смета, ха, ха, ха! Се шегувам, секако - но женската сложеност не дава можност за едноставен одговор на ова прашање. Она што со сигурност знам дека го сака секоја жена е тоа да не биде потценета од страна на својот партнер, особено не пред други луѓе.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Е. С.:Супериорноста не води кон прогресивност во една врска, сеедно дали е искажана од страна на маж или жена. За мене умереноста кај мажот ја сметам за најдоблесна особина. Постојат моменти кога мажот може да биде и мачо, но точната проценка на однесувањата во различни ситуации се токму доблеста со која треба да располага. Џентлмен е секој маж, без разлика каде работи и што поседува, кој има убав однос кон останатите луѓе, не само кон жените. Давањето предност во автобус на бремена жена, стар човек, манирите на отворање врата во ресторан или автомобил за партнерката се мали нешта кои говорат за кавалерството. Впрочем, кавалерството во основа е чин на воспитување од мали нозе, а не слабост. Затоа предност секогаш ќе дадам на убаво воспитан маж, каде што лежи всушност основата на џентлментството и кавалерството.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Е. С.:Ќе почнам од одбивното бидејќи нема полошо од маж кој озборува, односно оговара. Сеедно дали тоа го прави за свои другари, блиски или пак за жена. Особено одвратни се мажите кои зборуваат за жените (девојките) со кои имале интимна врска. Исто така, одбивни ми се мажите кои не водат грижа за личната хигиена. Ме привлекува машката елеганција. Складно избраните детали кои покажуваат дел од неговиот карактер. Духовитоста како карактерна особина и џентлменското однесување кое повторно нѐ води до добро воспитаната и зрела личност, без разлика на возраста.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Е. С.:За тоа каков треба да биде вистински, прав господин човек, најмногу научив од мојот покоен татко. Никогаш не излегуваше без „светнати“ чевли, униформата која ја носеше му беше средена до влакно, никогаш не удрил жена, многу им помагаше на луѓето, на сите кои ги познаваше, а неретко и на луѓе кои не ги познаваше, им се обраќаше со пиле, душо..., не знаеше да лаже, тоа дури му беше и маана. Што се однесува до сегашните мажи - да, има неколку што ги познавам и кои навистина можам да ги наречам господин човек или џентлмен. Двајца од Битола, двајца од други градови во Македонија и неколку надвор од Македонија.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Е. С.:Најчесто да, доколку му се даде можност на машкото, ќе го наруши пријателскиот однос, наспроти љубовниот чин. Но, сепак, барем во мојот живот има примери на мажи кои ми се само пријатели, веќе долги години. Знаеме да излеземе заедно, да се дружиме, па и да отпатуваме. Најлесно воспоставувам пријателства со мажи кои едноставно не ги привлекувам како жена.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
Е. С.:Прво и најосновно, барем за мене - треба и мора да има почит за да влезете во врска со човек кој ве почитува, за да можете понатаму да ги откривате своите јаки страни и слабости. Не се согласувам дека истомисленоста е најдобар рецепт за успешна врска или брак. Умереноста повторно ја издвојувам како клучна, а меѓусебната комуникација како главна алатка за успешна врска. И секогаш да се бара начин за да се зачува интересот за партнерот, да се негува меѓусебната хемија и искра на привлечност.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Е. С.: Толерантноста - да, но само до одредени граници бидејќи сѐ понатаму веќе е злоупотреба на толеранцијата. Затоа не ја сметам за клучна. Чекорејќи низ животот, сите се менуваме. Проблемите настануваат тогаш кога едниот од партнерите го достигнува повисокото ниво побргу од другиот, а другиот не се труди да го фати заедничкиот чекор. Главната тајна на успешната врска е да се сака заедно да се чекори низ сите нивоа и предизвици на животот. Оти, како никогаш досега, предизвиците се на дофат на раката. Тоа не значи да се „покорите“ на барањата на другиот, напротив - ако не можете да направите нешто заедно, оставете го партнерот да го направи сам. За сметка на тоа, вие направете нешто друго.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Е. С.:Не сакам стереотипни поделби, ниту пак извикана рамноправност на жените. Столбовите на една заедница се двајцата партнери, сеедно дали тоа е врска или брак. Понекогаш жената е поснаодлива со компјутери, а мажот во кујна. Или пак жената може да биде одличен едриличар, но добро би ѝ дошла помош од маж за подигнување на едрата. Тоа е моето видување за заеднички успешен рецепт. Во однос на децата, секако дека улогата е многу поразлична и покомплексна.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Емилија Сарафска