НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ХЕЛЕНА АНТЕВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Кога се работи за естетскиот, идеалот на женската убавина, освен што е индивидуален, во очите на посматрачот (набљудувачот), со текот на времето и драстично се променувал, уште од памтивек. Очигледно дека неодоливоста и во минатото била императивна, согласно критериумите на тогашните прилики, услови. 

Разликата е огромна, исто како и мерилото кога е привлечноста или атрактивноста во прашање. Многу работи, нешта кои денес имаат синонимна форма, врзана со убавината, порано се гледале инаку, различно. И обратно. Египќанките на пример, инспирирани од надворешниот изглед на Клеопатра и Нефертити, за синоним на убавината ги сметале тесните, мали рамена, витата става, темната, црна коса, симетричното лице. Очите ги нагласувале, односно исцртувале со јаглен. Духот, душата во широка, т.е. смисла на свест, чувства итн. го комплетирала впечатокот. Исто е и денеска. Обете се дополнуваат.

Нема дилема, Хелена Антевска го заслужува секое внимание, и нашето (медиумско) и вашето - читателско. Неодолива е нејзината убавина, и во поглед на изгледот и во смисла на моралот, етиката... Или онаа што извира однатре, плус македонска. Х. А., инаку маркетарка и фитнес инструкторка, е многу едноставна, природна особа, едновремено и активна, енергична. Рутината, дневните обврски (семејни, работни, домашни) ги обожава, просто ја исполнуваат, меѓу другото и со позитивна енергија, но и ја инспирираат за нови, уште повисоки цели. Ја мотивираат и успешно завршените работи, како поттик за понатамошно делување. Освен маркетингот, нејзина страст, пасија е и фитнесот. Лани го основа HFC (Helena Fitness Club) за Full Body аеробик. Моментално функционира онлајн. Нејзина љубов е исто така и сопругот и за овој и за идниот живот, како што вели, а ќерката Лена - нејзин универзум.

Искрено, без фингирање, одговори на десетте прашања од симултаното интервју за женско-машките или машко-женските односи, како и да е, притоа истакнувајќи ги вистинските, морални вредности, не комплицирајќи - зошто да се компликува кога сѐ може да биде толку едноставно!?  

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Х. А.: „The Eyes, Chico, They Never Lie“ - очите се огледало на душата, истото го мислам и за жените и за мажите.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Х. А.: Не можам да ѝ одолеам на добродушноста. Внимателен, грижлив и чесен маж е совршена комбинација, не само за мене, туку и за секоја жена која цели кон вистински вредности.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Х. А.: Јас лично и не сум некоја таинствена личност, многу сум отворена и директна. Истото го барам и го очекувам и од машката страна. Зошто да комплицираме кога сѐ може да биде многу едноставно, нели!?

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Х. А.: Бидејќи самата себеси се доживувам како културна, истото го сакам и од спротивната страна - џентлмен! Мачо? Зар во денешно време сѐ уште има девојки и жени на кои мачизмот им е привлечен!?

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Х. А.: Кога некој навистина те гледа и слуша додека разговарате... Ова можеби важи и за мажи и за жени, меѓутоа лично мене навистина ми е битно од партнерот да го добивам вниманието кое го заслужувам.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Х. А.: Искрено, има мнооогу. И баш поради тоа сум многу среќна и горда. Меѓутоа, мојот татко е мојот Number 1, always and forever! Јас сум ваква каква што сум и нештата ги вреднувам правилно благодарение на него.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Х. А.: Не се согласувам. Имам пријател од „пелени“ со кој до ден-денес сум во иста релација. Исто така, имам пријател и од средно училиште, кој го обожавам и, без оглед на тоа што средбите ни се поретки заради обврските, едвај чекам да го видам.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Х. А.: Според мене треба да постои некаква компатибилност. Нормално дека не може да се согласувате за сите работи, меѓутоа основата треба да биде слична, ако не и иста.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Х. А.: Секој брак и врска е посебна приказна сама за себе. Да, толеранцијата можеби е и клучната работа, меѓутоа не по цена да се намалат критериумите и да се изгуби сопственото јас.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Х. А.: Сѐ додека си даваме поддршка еден на друг, разбирање, толеранција и љубов, не сметам дека улогите и титулите се битни во една заедница.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Хелена Антевска